Кедев смета дека треба да се обелодени кој во Македонија оперира срце само за пари и без медицинска потреба
Тоа што Комисијата на Министерството за здравство го пронајде за непотребно изведените операции на срце, е само врвот на сантата мраз, тврди доктор Сашко Кедев, кој прв проговори за овој скандал.
Препорачано
По неговата изјава во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“, каде кажа дека во приватното здравство се вршат кардиохируршки интервенции без медицинска индикација а само поради профит, комисија составена од министерот за здравство почна да ги истражува овие наоди. Меѓутоа, истрагата се прошири и на државното и на приватното здравство, иако наводите на Кедев се однесуваа само на приватното. Првичните наоди се дека од 25 кардиохируршки интервенции 10 се непотребни или со непотребно упатување.
„Значи, овие бројки се минимални во однос на потенцијалните неправилности и недоследности од овој аспект и ова само може да послужи како иницијален стимул за да се расчисти со оваа пракса, бидејќи најверојатно во овој процес се вклучени многу субјекти. Не само приватните болници, туку потенцијално и други здравствени институции, јавни здравствени институции, вработени во јавни здравни институции“, вели интервентниот кардиолог во интервју за „360 степени“.
Тој смета дека по завршувањето на процесот ќе треба да се кажат имињата на болниците и докторите а таму кај што ќе се утврди дека е постапувано спротивно на медицината базирана на докази, да има и санкции од правен тип. Овие доктори според Кедев, уште работат.
–Јас колку што знам работат. Сега јас не можам да кажам точно бидејќи не сум дел од комисијата, меѓутоа индиректно сум инволвиран во овој процес бидејќи најголем дел од мојата консултативна активност, не во однос на интервенции, изведување на интервенции и други рутински постапки, ми се состои во тоа да ги одвраќам пациентите од непотребни снимања, непотребни минорни, па дури и непотребни мајорни интервенции, рече тој во интервјуто за „360 степени“.


