Катерина од Пробиштип заглавила сама со месеци во туѓа држава со бебе, халуцинирала од умор, а животот ја научил да биде упорна

Катерина Митевска е од Пробиштип и има 34 години. Има завршено факултет за туризам и угостителство во Охрид пред 10 години. Нејзиното детство било едноставно, со родители кои стапиле во брак млади и го граделе животот заедно со себе и со своите навики, но и преку децата ги исполнувале сопствените соништа. И желби. И комплекси. И себедокажувања. Сè додека не сфатиле дека тие, не се децата. Ниту комшиите. А животот отишол пола и половина.

– До адолесценција паметам насмевки, излети, друштва и седенки кај нас дома, роднини и пријатели кои остануваа на спиење, вкусна храна која ја приготвуваше мајка ми секој ден, од супа до десерт, одмори, весели снежни зими и топлина. Секогаш свежо, чисто, со чувства сработено сè. 2001 година се запишав во средно училиште. Таму беше почетокот на распаѓањето на семејните вредности градени со децении, од баби и парадедовци.

Родителите со приватизацијата на фирмите, останаа без работа. Почина вујко ми, кој ми беше како татко. Мајка ми се скрши, се разболе. Почнав да работам со „Орифлејм“, подоцна хонорарно по кафулиња, за да извадам бар за храна во училиште, за некое време и за цигари и некој алкохол. Сакав, повеќе за докажување, да завршам висока школа. Оти никој од фамилијата немаше. Само вујко ми. Во нашиот крај машките деца се повеќе вреднувани. И сакани. И почитувани. Жена треба да молчи и да слуша. И да работи без да се жали. Да носи фамилија и домаќинство на грб, и свекрви, снаи, золви, швалерки на мажот, и осуди на работа, сè во душата, и пак да се смее. А не смее да вози, да повиши тон, да посака сама нешто да отвори и работи, да биде успешна, – низ тага раскажува Катерина.

Заминала за Турција на обука за туристички водич по завршувањето на средно. Таму работела 6 месеци. Кога се вратила дома, ѝ рекле дека не била способна да заврши факултет. Сепак, го завршила факултетот, работејки секое лето како туристички водич во Анталија, а зимите по ресторани и хотели низ Македонија.

На 19 години земала возачка дозвола, бидејќи, како што вели, ѝ била потребна за работата во Турција, и продолжува:

– 2008 работев во Америка, размена на студенти и секогаш се враќав пресреќна, дека направив нешто убаво за себе, во времето во кое треба да се живее тој живот. Никогаш не беше доволно за нив. Како да не знаеа да се радуваат на моите успеси. Или беа многу потонати во своите проблеми, па јас не бев ни битна. А сакав да бидам вреднувана и пофалена, како и секое живо суштество. Сакав силни прегратки од некој свој и зборови „сè е добро“ или пак едно искрено БРАВО. Така се одвиваше и изборот на партнер, секогаш ниско, под сите критериуми, оти веќе ми беше меморирано дека не вредам, не сум доволно добра за достоен, културен, вистински маж. После третата операција на мајка ми, над која бдеев и несебично жртвував многу, заминав за Црна Гора, на работа во Будва. Таму го запознав и работев 2 години со таткото на мојот, сега веќе 5 годишен син. Тој беше добар колега и пријател, или така сакаа да го гледаат моите очи, сè уште не знам, вели Катерина.

Одлучиле да имаат дете и да живеат заедно. Нејзините родители вршеле притисок за свадба и регистрација, од страв што ќе речел народот, но Кате не се согласила.

Вели дека знаела зашто сè тоа ѝ е уште едно докажување, дека сакала до 30 години да има дете, па макар и сама.

– Малку пред пораѓање отидовме во Србија, каде што тој имаше фамилија, се надевав дека ќе имаме помош околу новиот член. Наместо тоа, добив отфрлање. Готвев, перев, чистев, доев, работев… Имав пари кои ми ги прокоцка, со неговата мајка сакаа да ми го организираат животот само како нивна слугинка, без право на глас. Тогаш знаев дека ми е доволно толерирање. Најдов адвокатка, за моја среќа одлична, која ми помогна да го земам старателството над детето и да направам пасош, кој беше потребен за враќање во Македонија. Таткото не сакаше да потпише за да ги подигнам документите од полиција. Заглавив сама со месеци во туѓа држава, со бебе од неколку месеци, за среќа здраво и силно. Му пуштив тужба, знаев дека мора да се појави во полиција за свои потреби, за заминување од земјата. Го молев секој ден само да нè пушти да си одиме од станот кој го плаќав скапо под кирија. Ослабнав 20 килограми после пораѓањето. Халуцинирав од умор. Една сосетка ме примети, возрасна жена и понекогаш помагаше, шетавме заедно и ми носеше храна. Тогаш се појави татко ми, машка фигура која беше зафатена со себе до мојата 30. година, искрено споделува нашата соговорничка.

Откако завршило судењето и се вратиле со синчето во родниот крај, продолжиле прекорувачките погледи и навредливите зборови од блиски и од познаници. Нејзините дедо и баба кои тогаш имале по 80 години, ги прифатиле да живеат кај нив. Помагале, ја тешеле, ги хранеле, но, после 4 години. Како што вели Кате, тоа било периодот кога таа сфатив дека нејзиното здравје е најважно.

– Малите очиња ме гледаа и првпат во животот знаев дека некому сум му СĖ. Работам како негувател на стари лица, оти сакам да помагам и во чест на моите баба и дедо за кои се грижев до крај. Секогаш кога можам, помагам кога е некому потребно, бидејки светот не можеме да го смениме, ние треба да бидеме таа промена. Сега нашминкана играм фудбал со мојот син, на враќање од родендени и слави. Нему не му пречи со кармин да давам гол. Тој ми помага во домашните обврски, немаме машко – женска поделба на работите. Разговараме какви семејства постојат, со 2 члена или со 12, дека најважна е љубовта и хармонијата. Понекогаш наидувам на неодобрување од учителките, комшивки, роднини, дека не треба така да го “учам детето„, дека табуа мора да постојат, дека сè е розево, дека кукли се само за девојчиња, а дека машки мораат да играат игри со тепање, конечно низ насмевка продолжи да раскажува Катерина.

Вели дека животот ја научил да биде упорна, кога ја враќаат од институциите, веднаш оди повторно, и пак, и пак, додека не го добие тоа што треба, бидејќи ги знае своите човечки права, и завршува:

– Не ги наметнувам никому моите вредности и не дозволувам никој да влијае врз квалитетот на моето живеење повеќе. Тешко е во оваа земја, менталитетот е таков и многу труд и работа е потребно да се променат некои навики, за кои сите се свесни дека не се во ред. Се надевам на подобра иднина или бар отворен пат за некаде низ светот каде што прифаќањето и адаптацијата навистина се човекови особини.

Ние ти посакуваме секое твое право, па и желба, да ти биде исполнето, на тебе и на твоето синче, а со твојата храброст и упорност, не гледаме друга опција!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот