Јајца - Фото Слободен Печат - Методи Здравев
Јајца - Фото Слободен Печат - Методи Здравев

Како тргнало, една табла јајца до Велигден ќе чини 500 денари

Деновиве јајцата поскапеа за 10 отсто и тоа по вторпат и сега пакување од 10 во поевтините маркети чини 109, а само пред една недела тие чинеа 99 денари. Во поскапите маркети истото пакување се продава за 140 денари, а пакувањата со шест парчиња се продаваат за 75 денари. Причината, според живинарите, е птичјиот грип и постуденото време, кога и производство се намалува

Домашните инвеститори не се заинтересирани да вложат во фабрика за производство на јајца во прав, со што би се намалил притисокот од кондиторската индустрија и би можеле да се направат залихи во периодот кога производството е поголемо, што е голема грешка, вели за „Слободен печат“ економистот Трајче Саздовски. Периодов, цените на овие производи сè повеќе поскапуваат и според живинарите до Нова година може да стасаат и над 15 денари за парче. Прогнозата на трговците за наредните месеци е уште помрачна и, според нив, една табла јајца за Велигден ќе стигне до 500 денари.

Во меѓувреме за помалку од еден месец од последната промена, деновиве јајцата поскапеа за 10 отсто и тоа по вторпат и сега пакување од 10 во поевтините маркети чини 109, а само пред една недела тие чинеа 99 денари. Во поскапите маркети истото пакување се продава за 140 денари, а пакувањата со шест парчиња се продаваат за 75 денари. Причината според живинарите е птичјиот грип и постуденото време, кога и производство се намалува. Украина е сè уште најголем снабдувач на Европската Унија, но од јануари до април годинава и Македонија се издвои со исклучителен раст на извозот од дури 111 отсто, што ја прави клучен играч на европскиот пазар.

Извори на „Слободен печат“ откриваат дека во неможност да испорачаат доволно јајца според договорите со домашните маркети, дел од македонските фарми увезуваат и од Србија. Цената на јајцата во земјава имаше постојан раст од почетокот на 2022 година до октомври 2023 година, а во одредени месеци со повисоки вредности од над 30 проценти, што главно се должеше на зголемувањето на трошоците на производителите предизвикано од енергетската криза. Според статистиката, ланската годишна просечна потрошувачка на јајца на едно македонско семејство е 20 табли или 609 парчиња.

– Жално е што не изградивме фабрика за дехидрирани јајца, кои се главна суровина на кондиторската индустрија и сега фрламе девизи за увоз, а на домашниот пазар производството се намалува, па оттука и не е чудно што за неполн месец јајцата поскапеа за 20 отсто – вели Саздовски.

За потсетување, во 2015 година тогашниот министер за земјоделство Михаил Цветков на работилницата за Проектот за развој на живинарството во Македонија најави дека во Буџетот за 2016 година ќе бидат издвоени околу 3 милиони евра за да се изгради фабрика за производство на јајца во прав и конзервирани јајца, а доколку биде неопходно, ќе се гради и кланица и ќе се организира кооперативи за производство на бројлерско месо и производство на пилиња и матични јата. Со тоа требаше да се намали увозот на пилешко месо во Македонија и да се зголеми домашното производство.

– Во насока на регулирање на вишоците на јајца на пазарот во одредени чувствителни периоди од годината, како и поради потребата од преработка на јајца од „б“ класа, потребно е да се воспостави производен капацитет на национално ниво за преработка на јајца во течна или сува состојба. МЗШВ разработи модели за финансирање изградба на таков погон за што ќе се обезбедат средства од Буџетот – рече тогаш Цветков.

Идејата за фабрика за јајца во прав беше ставена во Програмата рурален развој првично во 2010 година. Но, оттогаш досега, немаше ниту еден заинтересиран. Според некои пресметки на агробизнисмените, изградбата на една ваква фабрика што ќе биде со најсовремена опрема би чинела околу два милиона евра.

– Изградбата на ваква фабрика е добра за преработката на јајцата, не толку за вишокот колку за оние вонкласни јајца. Затоа што вишок нема во текот на целата година, тој се јавува обично во летниот период, а скршени и напукнати јајца постојано има, кои по правило треба да се фрлаат, но спротивно на Законот за квалитет на производи, дел се пуштаат и во промет. Тие јајца треба да се одвојуваат и да се преработуваат во прав, бидејќи огромна сума годишно се троши за увоз на јајца во прав за прехранбената  индустрија. Тие пари може да останат кај нас и да се зголеми живинарското производство – велат живинарите.

Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, Македонија увезува јајца во прав од Бугарија, Аргентина, Америка, Хрватска, Србија, Шведска и Холандија.

 48 грама млака вода во 12 грама сушени јајца и – ете ти кајгана

Технологијата за преработка на јајца во прав од јајца е создадена на почетокот на 20 век со појавата на светската економска криза. Растечката закана од војна во Европа создаде потреба од трајна и конзервирана храна. Потоа почнаа да се развиваат разни процедури за конзервирање на храната, а се развија и многу прехранбени индустрии што дотогаш беа слабо развиени, какви што се кондиторската индустрија, индустријата за конзервирана храна, индустријата за замрзната храна, индустријата за пекари, а заедно со нив и конзервирањето јајца и млеко.

Светската економска криза создаде големи вишоци на јајца и млеко во САД од една страна и потреба од конзервирани производи во воено разорената Европа. Сепак, вистинскиот напредок во развојот на концентрирани и сушени производи (јајца и млеко) доаѓа од пронаоѓањето на два основни индустриски методи на сушење: сушење на ролери и сушење со прскање во млаз топол воздух. Патем, јајцата во прав се подготвуваат за консумирање со додавање 48 грама млака вода во 12 грама сушени јајца во прав и добро мешање. Од друга страна, веројатно нема никој над педесет години кој не ја слушнал приказната за јајцата на Труман, а меѓу нас има и такви што сè уште живо се сеќаваат на тие пакети што доаѓале „од небото“.

Меѓународната хуманитарна помош – во основа од американско потекло – главно се доставувала по воздушен пат. За децата, тие „паѓаа од небото“, па оние што се живи меѓу нив, добро се сеќаваат на вкусот на сирењето или на мирисот на сапунот што се испушташе од тие пакети. Сепак, ништо не стекнало таков статус и резонанца како таканаречените Труманови јајца.

„Трумановите јајца“ масовно се користат во прехранбената индустрија

Индустријата за угостителство во Европа е исто така клучен придонесувач на пазарот, при што хотелите, рестораните и угостителските услуги сè повеќе прифаќаат прашоци од сушени јајца поради нивната економичност, леснотија на користење и придобивки од складирање. Германија, Франција и Обединетото Кралство се водечките пазари за производи од сушени јајца во Европа, со добро воспоставени индустрии за преработка на храна и силна база на потрошувачи за готова храна.

Овие пазари забележаа пораст на побарувачката за производи од сушени јајца што се користат во пекарски производи, сосови и супи, како и во секторите за исхрана и додатоци во исхраната. Еден значаен тренд на европскиот пазар е порастот на производи на растителна и млечна основа, што ги тера производителите да истражуваат алтернативи без јајца, какви што се прашоци за замена на јајца добиени од алги или од други извори на растителна основа.

Иако производите од сушени јајца продолжуваат да доминираат, иновациите во оваа област остануваат неопходни за да се задоволат потребите на растечкиот број потрошувачи што ги избегнуваат производите од животинско потекло. Во Северна Европа, пазарот бележи постојан раст, при што Шведска и Финска бележат зголемено усвојување на производи од јајца во секторите за органска и функционална храна. Во меѓувреме, зголемена побарувачка за прав од сушени јајца се зголемува и во Јужна и Источна Европа, како состојка во локалните прехранбени производи и пекарски производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот