Како ќе каже царот, така е

Иако е целосен аналфабет за медицина, како и неговиот пријател и внук на претседателот Џ. Ф. Кенеди, кого го постави на клучна позиција во здравството, Трамп „знае“ како треба да се користи „тиленол“ и кои вакцини се „опасни“. Неговиот збор, за дел од јавноста, тежи повеќе од научниот консензус, зад кој стојат години истражувања, модели, податоци и тешко стекнати научни знаења. И во таа борба, тој победува, можеби не во повеќето случаи, ама доволно за да предизвика штета.

Неколкумина што ги знам стануваат скептични кон лековите за олеснување симптоми на настинка и грип, особено кон оние што содржат парацетамол, поради страв дека може да предизвикаат аутизам или АДХД (хиперактивно растројство) кај децата на мајките што ги употребувале за време на бременоста. Иако бројни истражувања покажуваат дека нема никаква поврзаност меѓу употребата на ваквите лекови во бременоста и ризикот од АДХД или аутизам кај децата, сепак еден важен човек не се согласува со научниците – Доналд Трамп.

Стравот за поврзаност меѓу вакцините и аутизмот не е отсега, ниту, пак, од времето на ковид-пандемијата. Во последните децении, разни антиваксерски групи тврдат дека одредени состојки во вакцините – како тимеросалот, алуминиумските соединенија и формалдехидот – предизвикуваат аутизам, иако научните докази постојано ги побиваат овие тврдења. Но, важно е да се улови почетокот. Најголемата контроверзија се појави по истражувањето на Ендру Вејкфилд од 1998 година, кое лажно ја поврза МРП-вакцината (за морбили, рубела и паротитис) со аутизам. Подоцнежни истраги потврдија манипулирање со податоци, трудот е повлечен, а Вејкфилд ја изгуби лиценцата. Сите релевантни здравствени институции едногласно утврдија дека нема никаква врска меѓу МРП-вакцината и аутизмот, што го потврдуваат и големи епидемиолошки студии.

Сепак, истиот страв доби нова маска, па потоа се разви и идејата за „преголем товар со вакцини“, односно дека децата примаат премногу вакцини одеднаш, што го ослабувало имунитетот. Научните докази го покажуваат спротивното, детскиот имунолошки систем може истовремено да се справи со илјадници антигени, а инфекциите што природно ги минува секое дете претставуваат далеку поголем товар за имунитетот отколку вакцините.

Идејата дека некој лек или вакцина може да предизвика аутизам е страшна бидејќи луѓето се чувствителни кога станува збор за нивните деца, а еднаш внесена во колективната мисла, таквата идеја лесно пушта корен. Но, овие верувања се опасни, како и многу други квазимедицински митови. Во конкретниов случај, плодот на бремените жени е изложен на сериозни ризици доколку мајката има силна имунолошка реакција поради настинка или грип, па избегнувањето лекови како парацетамол не е шега — може да биде штетно и за неа и за бебето.

Сепак, зборот на лидерот на Америка за многумина е далеку поважен од научниот консензус. Зошто Трамп би рекол такво нешто? Зошто би тврдел дека глобалното затоплување не е предизвикано од луѓето, особено не од индустријата на САД, ако тоа не е точно? Нели нешто „смрди“? Дали научниците навистина работат за „Биг фарма“? Иако овие прашања може да изгледаат легитимни, не е јасно зошто истата скепса не е насочена кон другата страна и зошто истите луѓе не се запрашуваат дали и Трамп не работи за интересите на големите корпорации.

Иако секогаш ќе постојат групи што веруваат во вакви нешта, и тоа не може целосно да се спречи, опасноста станува многу поголема кога лидерите на најмоќните држави даваат такви изјави. Тие имаат огромна одговорност пред јавноста, нешто што, во овој случај, американскиот претседател не го сфаќа или свесно го злоупотребува. А неговото влијание не е далечно, „негде таму во Америка“, туку глобално бидејќи секој денес има интернет и може да ги слуша неговите глупости, а ние не сме исклучок.

Во очите на многумина, лидерите на најмоќните земји се симбол за спасителот што ќе го победи злото. Во протестите на албански граѓани против законот за родова еднаквост пред неколку денови, се појавуваа транспаренти во кои го повикуваат „господинот Трамп да ги спаси“, иако Трамп не ги разликуваше Ерменија и Албанија, а и не планира да спасува никого надвор од САД ако тоа не е за интересите на неговата земја.

Иако е целосен аналфабет за медицина, како и неговиот пријател и внук на претседателот Џ. Ф. Кенеди, кого го постави на клучна позиција во здравството, Трамп „знае“ како треба да се користи „тиленол“ и кои вакцини се „опасни“. Неговиот збор, за дел од јавноста, тежи повеќе од научниот консензус, зад кој стојат години истражувања, модели, податоци и тешко стекнати научни знаења. И во таа борба, тој победува, можеби не во повеќето случаи, ама доволно за да предизвика штета.

Но, како е можно зборот на човек без основно научно познавање да побива стотици истражувања и еколошки сознанија?

Нашето еволуциско минато нѐ обликувало да сакаме лидери што користат прости наративи за епски борби против еден заеднички непријател. Лидерите на земјите добиваат митски особини, стануваат јунаци што ќе го спасат народот од заедничкото зло, секако, мора да биде едно, до две-три зла, а многу непријатели го разводнуваат отпорот. Сложената и сива реалност, полна со статистика, не разгорува чувства. Полесно е да се бориме против еден заеднички непријател, дали тоа била „Биг фарма“ или некој друг. Тоа не значи дека фармацевтската индустрија не носи многу гревови на душа, туку дека постојат нијанси за тоа каде има проблеми, а каде обвинувањата се преувеличени, а тие нијанси се суштински.

Сепак, лажните дилеми им помагаат на луѓето да изберат страна полесно бидејќи имањето многу опции доведува до неодлучност. Или си со Русите или си со Американците, или сакаш мачиња или сакаш кучиња, планини или мориња, логика или интуиција, воздушен хороскопски знак или земјен хороскопски знак. Тешко е да се замисли дека некој може да сака и планини и мориња, и мачиња и кучиња или, пак, да не сака ништо од понудените опции. Едноставните и страшни наративи, пак, повеќе се вклопуваат со стравот, гадењето и со другите архаични емоции што целосно може да го обојат светогледот. Подобро е да не јадеме куп печурки ако знаеме дека можеби една од нив е отровна.

Што ако „тиленол“ направи нешто опасно? Ќе ризикуваме за таа 0,1 отсто шанса? Стравот, кој секако, како и гадењето, има важна функција, во оваа ситуација е контрапродуктивен бидејќи е несоодветен, а опасноста од неземањето важен лек е далекусежно поголема отколку непостојната опасност за аутизам. Сепак, поразителната реалност е дека едноставните, но моќни наративи секогаш победуваат во отсуство на критичко размислување бидејќи паметните луѓе не се имуни на глупави верувања, само попаметно ќе ги бранат ако се доволно мотивирани.

(Авторот е новинар на „Слободен печат“ и лабораториски инженер)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот