Како четиригодишната Амила остана без кислород кога се роди во струшката болница?!

Амила со родителите/Објавата е на фотографиите е со дозвола на таткото Бајрам Несимовски/Забрането копирање и преземање

Медицинско вештачење од Институтот за судска медицина треба да покаже како се случи, четиригодишната Амила, при доаѓањето на овој свет, да остане без кислород долго време, поради што има тешки пречки во развојот.

Нејзиниот татко Бајрам Несимовски, за „Слободен печат“ вели дека е премногу болно да го гледа своето девојче наместо да се развива – да биде врзано за кревет, да не зборува, да не чекори, да не комуницира, и целиот свој живот да оди на физикална терапија поради тоа што е во постојана легната или полуседната позиција.

За трагедијата го обвинува гинекологот Мухамед Асани од Струга, кој е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето во случајот со родилката Јалдз Веапоска која пак остана без матка, бубрег и јајник. Против него, за случајот со Амила, исто така Несимовски поднел кривична пријава до ОЈО Струга за тешки дела против здравјето на луѓето.

– Амила е никако, четири години само дише и пие млеко. Ниту кашичките не ги јаде, само до пола, со часови. Нејзината состојба е исклучително тешка, а не прима никаква терапија. Никогаш нема да се подобри. Вкочанета е во една позиција. Сакам да апелирам Институтот за судска медицина да го изработи медицинското вештачење, зашто чекаме подолго време. Со повеќе лекари со кои зборував, ми кажаа дека оваа состојба на Амила е предизвикана. Ми го задушија детето при породувањето, изјави за „Слободен печат“ Бајрам Несимовски, татко на Амила.

Несимовски смета дека состојбата во која е Амила, можела да се избегне.

-За состојбата на Амила го тужам доктор Мухамед Асани. Зошто баш него? Затоа што му ја дадов информацијата дека околу вратот на Амила е замотана папочна врвца, но сепак породувањето го изврши природно, а не со царски рез. Мојата Амила е родена со тешка породилна асфиксија. Тоа значи дека останала без кислород при породувањето. На 26 декември 2018 година, сопругата отиде на преглед кај нејзиниот гинеколог во Дебар во 12 часот и 30 минути попладне. Во 14 часот веќе бевме во струшката болница. На доктор Асани му дадов документ од гинекологот во Дебар, дека околу вратот на бебето има обмотана папочна врвца. Тој ми рече „што знаат докторите од Дебар“, да не се вознемирувам, дека бебето си игра со папочната врвца. Ми побара сто евра, за апче за породување. Излегов до банкомат, ги извадив парите и му ги дадов. Кога излезе од родилната сала, ми ги врати парите, со зборовите дека се средила ситуацијата не требале пари. Ми застана срцето, си помислив дека жена ми починала. Потоа сфатив дека ми ги враќа парите зашто породувањето било лошо. Да ја породеше жена ми со царски рез, а не природно, ова немаше да се случи, вели Несимовски.

Потоа бебето веднаш со итна медицинска помош било испратено во Скопје, на Детската клиника. Кога пристигнала на Детската клиника Амила била стара само четири часа.
Според документите, првичната дијагноза е породилна асфиксија, состојба во која бебето останало без кислород подолго време. Семејството се сомнева дека тоа е предизвикано, поради што покрај кривичната пријава, почнале и граѓански спор и барале вештачење од доктор на свој трошок, за поткрепа и на граѓанската тужба.

Обвинителот Благоја Даскалоски од ЈО Струга, за нашата редакција потврди дека пред еден месец од Институтот за судска медицина побарал вештачење.

-Предметот е на вештачење. Бараа повеќе документи, пред еден месец им ги доставивме тие документи. По изготвувањето на вештачењето ќе изготвиме јавнообвинителска одлука, рече Даскалоски.

Како што пишува во барањето за вештачење, граѓанската тужба пак се однесува за надомест на штета со сомнеж дека од страна на медицинскиот персонал при ЈЗУ Општа Болница Струга при пораѓање на пациентот, не се запазени стандардите и протоколите така што е причинета штета со траен инвалидитет на новороденчето.

Адвокатот на Несимовски побарал со вештачењето да се одговорат повеќе прашања, меѓу кои дали последиците потекнуваат од лекарска грешка, или се работи за компликација која била неизбежна, дали е во прашање несреќен случај, до кој степен постоел ризик за таков исход за Амила. И на вештачењето по приватната тужба се чека.

Пред две недели  гинекологот Мухамед Асани од судот во Струга е осуден на условна казна затоа што во периодот од 2015 до 2020 година нелегално давал гинеколошки услуги во нерегистрирана ординација во својата куќа. На ова реагираа невладините организации и побараа второстепен суд да изрече повисока казна и забрана за докторот да врши медицинска дејност, како и одземање на неговата лиценца од страна на Лекарската комора.

Во судот во Струга во тек е судскиот процес против Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и уште една докторка обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето, односно за случајот со родилката од Дебар Јалдз Веапоска. Медицинското вештачење од Институтот за судска медицина покажа дека при изведувањето на царскиот рез на Веапоска прободена и била надбубрежната артерија поради што настанало внатрешно крварење кое ја доведе до епидермичен шок и вадење на три здрави органи од нејзиното тело: јајник, матка и бубрег.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот