Гинекологот на Веапоска осуден за кривично дело давање здравствени услуги без дозвола за работа

Јлдиз Веапоска/Фото: Скриншот

Основниот суд Струга го осуди гинекологот Мухамед Асани, поранешен директор на струшката болница, за давање здравствени услуги без дозвола за работа затоа што во својата семејна куќа во нерегистрирана ординација како здравствен работник специјалист по гинекологија и акушерство, прегледувал пациентки и водел бремености од 2015 до 2020 година.

Според пресудата од декември 2022 година, до која дојде „Слободен печат“, доктор Асани во просториите на неговата семејна куќа во Струга, на приземје опремил ординација која не била регистрирана и означена и таму, од 2015 до 2020 година, водел контроли на бременост на пациентката Јалдз Веапоска како и на други две жени кои сведочеле на суд во поткрепа на таквите факти.

Доктор Асани прегледите обично ги закажувал во попладневните часови и вршел прегледи со ехо апарат и со цтг апарат, како и други прегледи кои проценил дека се неопходни, а за услугите наплаќал 1000 денари за ехо преглед и 1200 денари за цтг преглед. Пациентките му плаќале на рака, а тој не им издавал никаков доказ за примените парични средства.

При изршениот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 18 јануари 2021 година, било констатирано дека гинеколошката ординација била опремена со работно биро, кревет за пациенти, гинеколошки стол, подвижна маса со помошен материјал, а во фиоките имало празни рецепти, факсимил од обвинетиот како доктор и друг материјал со што составен бил записник и донесено решение од 25 јануари 2021 година со кое му се забранува на Асани да врши здравствена дејност во нерегистрирана ординација.

Со опишаните дејствија тој сторил кривично дело давање здравствени услуги без дозвола за работа и судот му изрече условна осуда.

„Му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши ако осудениот во рок од 4 години не стори ново кривично дело”, пишува во пресудата.

Во образложението на пресудата се наведува дека во текот на 2015 година, сведокот Јалдз Веапоска, била бремена за првпат и одела на лекарски прегледи кај нејзиниот матичен гинеколог во Дебар и во Скопје. Бидејќи и било далеку да патува до Скопје, по препорака на нејзини блиски луѓе пацинетки на обвинетиот, одлучила тој понатаму да и ја следи бременоста. Поради тоа сведокот Веапоска контактирала со доктор Мухамед Асани и се договориле првиот контролен преглед да и го изврши во општата болница Струга. После прегледот Асани и кажал за две недели да дојде пак, ама овојпат во неговата ординација за која и ја кажал адресата. После две недели Веапоска го контактирала докторот и тој телефонкси и опишал по кои улици да се движи и стигнала пред ординацијата. Тој во 16 часот се вратил од работа и го извршил прегледот. Од тогаш па се до породувањето сведокот Веапоска одела на прегледи во ординацијата на обвинетиот во неговиот дом на секои две до три недели во зависност од тоа што ќе го кажел докторот а за прегледите во ординацијата му плаќала на Асани износи по илјада, 1.200 или 1500 денари во зависност од прегледот.

Во текот на 2020 година, Веапоска пак била бремена, а оваа бременост од самиот почеток и ја водел обвинетиот, кој контролните прегледи ги вршел во струшката општа болница кога бил дежурен, а кога бил слободен во ординацијата дома. Во периодот од февруари до август 2020 година, контролните прегледи на оваа бременост на секои две недели ги вршел со ехо преглед и цтг преглед во својот дом.

На друга жена која сведочела во судница, исто така во домашната нерегистрирана ординација Асани и наплаќал по четири или пет илјади денари од преглед за земање брисеви по контрола.

И трета жена, според наведеното во пресудата, сведочела дека Асани во домашната нерегистрирана ординација и ја водел бременоста. Таа изјавила дека забележала дека во близина на куќата стоел натпис „Вила Мети“.

На 18.01.2021. година инспектори на Државниот здравствен и санитарен инспекторат од Охрид со полициска асистенција влегле во куќата на докторот Асани, каде немало табла за обележана ординација. Откако влегле во просторијата на приземјето на куќата, од вратата влегле во просторијата која наликувала на чекална, а преку друга врата во просторија уредена како гинеколошка ординација каде имало работна маса, столици, кревет за пациенти, стол за вршење гинеколошки прегледи, подвижна маса со потрошен материјал. Во фиока биле затекнати празни рецепти и факсимил од обвинетиот, а затекнат бил и друг помошен материјал и тоа чаршафи, прекривки, хартиени брисачи, влажни марамчиња и слично. Вака затекнатиот простор и опрема укажувале на вршење здравствена дејност односно пружање гинеколошки услуги. Асани ставил забелешка на записникот дека затекнатиот инвентар во просторијата бил негова лична сопственост и тој ја донел тука, но не ја користел ниту тој, ниту друг за прегледи.

По увидот, инспектората доктор Августина Мијалкова од ДСЗИ донела решение со кое му забранила на Асани вршење здравствена дејност во просторот со рок на извршување веднаш.

После тоа Асани се жалел пред Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор, па инспекторката Мијалкова на 9 декември 2021 година пак извршила увоид во просториите на дивата ординација каде констатирала дека сега таму има нешто слично на остава, каде се чуваат пелети, велосипеди и слично и не била затекната никаква гинеколошка и друга опрема која би асоцирала на пружање здравствена заштита.

Асани се бранел дека имало изјави на сведоци после долг низ на години кои имале личен мотив против него и биле семејно поврзани. Но, судот оваа одбрана не ја прифатил, затоа што се работи за одделен случај. Станува збор за судски спор кој во моментот се наоѓа во струшкиот основен суд, каде Асани заедно со неговиот син и уште една лекарка, се обвинети за отстранувањето на три здрави органи на родилката Јалдз Веапоска-матката, бубрегот и јајникот. Првичното вештачење од Институтот за судска медицина покажа дека при царскиот рез, на Веапоска и била пробиена надбубрежната артерија, што довело до внатрешно крвавење и влошување на здравјето до степен да падне во шокова состојба и да и бидат извадени и матката, и бубрегот и јајникот. На 10 март во 10 часот продолжува судењето за тој случај.

Јалдз Веапоска се вознемири во судница, д-р Мухамед Асани изјави дека апсолутно не се чувствува виновен за нејзините извадени органи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот