Каде е носењето маска препорака, а каде наредба: Државите имаат различни правила, но ист проблем

epa-efe
Жена со заштитна маска поминува покрај улична уметност во Москва, инспирирана од пандемијата со коронавирусот во Москва / Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Во педесетина земји носењето на маски е задолжително секаде во јавноста, други држави бараат од жителите да ги носат само во одредени зони, а во некои земји постои препорака за нивно носење, но не и обврска.

Фото: Драган Митрески

Австријците ги носат маските и во продавниците и во јавниот превоз, додека француските власти само им препорачаa на жителите да ги користат, а тоа предизвика до недостиг на маски во аптеките.

Во американскиот град Стилвотер, во сојузната држава Оклахома, градоначалникот морал да ја повлече наредбата за граѓаните да носат маски во продавници, бидејќи купувачите го доживеале тоа како напад на својата слобода и почнале да се закануваат на продавачите.

EPA-EFE/JUSTIN LANE

Во Обединетите Арапски Емирати излез без маска на улица се казнува со 200 долари, а во Чад со 15 дена затвор.

Кина произведувала 50 отсто од глобалните потреби за хируршки маски, а кога станале појасни размерите на заразата од коронавирусот, земјата одлучила пред се да се погрижи за своите граѓани, наведуваат од француската фирма за заштитна опрема „Делта плус“.

Фото: Драган Митрески

Побарувачката на маски е веќе толку голема што насекаде има недостиг – од Италија преку Шпанија до Египет.

Носењето на маски стана вообичаено во поголемиот дел на источна Азија уште од епидемијата на САРС во 2002-2003 година. Маската таму стана секојдневен предмет, вообичаена глетка.

Во Јапонија носењето на маски е вообичаено во зима и пролет како заштита од зарази за себе и други.

Фото: Profimedia

Во Европа маските се ретки и жителите немаат навика да ги носат – тоа се гледа и по тоа што многу Европејци ги носат на необичен начин, под брадата или со откриен нос.

Посебна недисциплина покажуваат некои азиски земји – во Ирак се случува купувачите кои излегуваат од продавницата да им ги даваат своите маски на оние кои се спремаат да влезат.

Голем проблем се цените на маските, напоменуваат агенциите.

Јужноафриканската фирма „Сикуро сејфти“ и „Ксенокс саплајс“ морале да им ја објаснат причината на тамошните трговски инспектори за зголемувањето на цените за дури 1.000 отсто.

Растот на цена предизвика и фалсификување на маските на пазарите, но и кражби од болничките залихи. Франција одреди дека максималната цена на маски може да биде 95 центи, а кај Италијанците таа цена изнесува 50 центи.

EPA-EFE/IAN LANGSDON

Мароканскиот крал одобри посебни субвенции, па во таа земја се продаваат за само осум центи. Во Израел власта морала да интервенира за цените на маските да бидат спуштени за две третини. Високите цени ги натераа многу држави на домашни изработки на маски од различен материјал.

Во меѓувреме, многу земји не знаат што да прават со искористените маски, па така често ги фрлаат во ѓубре.

EPA-EFE/ANTONIO BAT

Француската компанија за рециклирање „Ситео Франс“ советува маските и ракавиците да се стават во цврста пластична вреќа. Заштитната опрема треба да биде добро затворена, оставена преку ноќ и потоа следниот ден фрлена во канта за ѓубре. Надлежните служби потоа би требало да ги однесат да се запалат.

Од март годинава па досега, над 50 држави воведоа задолжително носење на маски:

Венецуела беше меѓу првите држави која уште во март носењето на маски го направи задолжително за сите граѓани кои излегуваат во јавноста;

Виетнам на 16 март соопшти дека маската на лицето е задолжителна за сите оние кои се надвор;

На 18 март, Чешка стана првата Европска држава која го направи носењето на маски задолжително во маркети, аптеки и за време на возење во јавен превоз;

Словачка го заследи примерот, и на 25 март, кога претседателката Зузана Капутова се појави на церемонија за прогласувањето на новата влада, се појави со црвена заштитна маска на лицето, за како што изјави таа, да се намали стигмата за заболените со ковид-19;

На 29 март, маските на лицето станаа задолжителни и во БиХ, каде мора да носите маска доколку го напуштите домот;

На 4 март, Колумбија воведе задолжително носење маска на лицето доколку го користите јавниот превоз или сте некаде надвор, безразлика дали сте во маркет, банка или на прошетка;

На истиот ден и Обединетите Арапски Емирати исто така соопштија дека истите правила ќе важат и таму, односно при секое напуштање на домот, мора да имате маска на себе;

И Куба ги примени овие правила, откако на 6 април соопшти дека заштитната маска е задолжителна за сите;

На 6 април Себастијан Курц соопшти дека носењето на маска ќе бара големи прилагодувања бидејќи таа навика е „вонземска“ за Австрија. Сепак, од тој датум, маските се задолжителни доколку сте на кој било јавен простор, користите јавен превоз или купувате во маркет;

Во Северна Африка, на 7 април и Мороко воведе задолжително носење маска на лицето доколку сте надвор од домот, а воведоа и построги казни за непочитување на правилата, односно затворска казна од 3 месеци и парична казни од 130 долари доколку немате маска на себе;

На истиот ден и Турција им нареди на сите граѓани да носат маски кога ќе го напуштат домот. Државата тогаш најави дека ќе доделува бесплатни маски на најзагрозените;

На 8 април, Ел Салвадор ги направи маските задолжителни, а во министерот за здравство во Чиле соопшти дека маските стануваат задолжителни во јавниот превоз;

На 9 април афричките држави Камерун, Ангола, Бенин, Буркина Фасо, Гвинеа, Етиопија, Габон, Кенија, Либериа, Рванда, Сиера Леоне и Замбија им соопштија на граѓаните дека треба да носат маски на лицата кога го напуштаат домот;

Од 12 април и во Израел е задолжително да се носи маска на лицето кога ќе се напушти домот;

Два дена подоцна, на 14 април Аргентина соопшти дека маските се задолжителни при користење на јавниот превоз;

На 16 април министерот за здравство во Полска им соопшти на граѓаните дека мора да носат заштитна маска, шал или некаков материјал кој ќе го покрие лицето додека се надвор, и тоа каде и да се, дури и во шуми;

Од 20 април маските се задолжителни и во Луксембург, а ден потоа и во Јамајка;

На 22 април Германија стана последната членка на ЕУ која им соопшти на граѓаните дека мора да носат маски кога користат јавен превоз и додека се во шопинг, и тоа во сите региони;

На 26 април, Катар соопшти дека маските се задолжителни на сите работни места во приватниот сектор, маркетите, моловите, рестораните и за работниците во градежниот сектор;

Од 5 мај, маска или материјал на лицето како заштита од заразата се задолжителни и во Уганда, откако претседателот Мусевини ги предупреди граѓаните да ги заштитат носот и устата откако ќе го напушатат домот;

Од 10 мај, во Франција е задолжително да се носи маска;

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот