Јунајтед „живее“ на кредити, а неговите сопственици продаваат и заработуваат
Семејството Глејзер откако започна пандемијата на коронавирусот нема вложено ниту една фунта сопствени средства во Манчестер јунајтед.
Пандемијата на коринавирусот финансиски ги осакати екипите, а една од најпогодените е Манчестер јунајтед чии загуби се проценуваат на повеќе од 100 милиони фунти. Очекувано, најголемите загуби се поради празните стадиони.
Заработката на „црвените ѓаволи“ од продажба на билети е опадната за 94.2 проценти и од 55.2 милиони фунти е намалена на само 3.2 милиони фунти и тоа само во првите шест месеци од пандемијата.
Долгот на Манчестер јунајтед е зголемен за 16.4 проценти и сега изнесува 455.5 милиони фунти, додека профитот е паднат за 7.2 проценти на годишно ниво, „црвените ѓаволи“ инкасираа 281.8 милиони фунти, со профит од само 33.8 милиони фунти. Но, затоа Манчесер јунајтед дури два пати се задолжи во последните година дена.
Минатата година Јунајтед зеде кредит од 200 милиони евра за да се покријат загубите од пандемијата на коронавирусот, додека минатата недела позајми уште 60 милиони фунти.
Но, од друга страна, еден од сопственците на Јунајтед, Аврам Глејзер одлучи да продаде пет милиони акции на „црвените ѓаволи“ и заработи 100 милиони долари, но ниту еден долар нема да вложи во клубот.
Семејството Глејзер во 2005 година го купи Манчестер јунајтед кога Малком Глејзер плати 790 милиони фунти. Малком почина пред неколку години, а клубот го презедоа неговите синови Аврам и Џоел кои немаат вложено ниту еден долар во Јунајтед.
Браќата Глејзер поседуваат 74.9 проценти од акциите на Манчестер јунајтед.