Фотомонтажа: Слободен печат - Златко Зец

Јавно соочување на кандидатите за обвинител – предлог да се избере најквалитетниот, а не најподобниот

Да се објават резимеата и програмите на кандидатите и да се организира јавна дебата во која кандидатите за државен јавен обвинител ќе ги образложат своите визии и приоритети, предлага обвинителката Ленче Ристоска, една од четирите кандидати за кои Советот на јавни обвинители на вчерашната седница даде позитивно мислење и ги препрати на Владата во понатамошната постапка за избор.

Советот го дисквалификуваше единствено поранешниот судија Владимир Панчевски, а покрај обвинителката Ристоска, зелено светло даде и за обвинителките Анита Тополова-Исајловска и Лидија Раичевиќ, како и за судијата Ненад Савески.

– Во согласност со препораките на Венецијанската комисија, изборот на државен јавен обвинител треба да биде деполитизиран и заснован на јасни професионални критериуми. Станува збор за институционален, а не за политички избор што треба да ја зајакне довербата во Обвинителството. Оттука, очекувам процесот да биде целосно транспарентен – да се објават резимеата и програмите на кандидатите и да се организира јавна дебата, во која тие ќе ги образложат своите визии и приоритети. Само така јавноста ќе може да се увери во објективноста на изборот и дека е избран најквалитетниот, а не најподобниот кандидат. Ваквиот пристап ќе го одреди и правецот по кој ќе се движат новите генерации во правосудството – вели Ристоска на прашањето на „Слободен печат“ дали очекува Владата да направи објективен избор и дали Советот ѝ даде простор на Владата за да избере подобен кандидат.

Савески и Раичевиќ очекуваат објективност

 

Другите кандидати, кои исто така добија позитивно мислење, се повоздржани и очекуваат Владата да направи објективен избор.

– Верувам дека Владата ќе направи објективен избор. Не ни може да направи погрешен избор, бидејќи секој од кандидатите поседува предиспозиции за успешно раководење со Обвинителството. Владата по својата природа е политички орган, но верувам дека предлогот пред Собранието ќе биде без политички интереси и дека пратениците пред себе ќе имаат предлог што ќе биде неспорно резултат на сеопфатна анализа – дека станува збор за профил што ќе одговори на задачата со персоналните капацитети што се изразени преку досегашниот професионален бекграунд и личен интегритет – вели за „Слободен печат“ судијата Савески.

Обвинителката Раичевиќ, исто така, очекува објективност. Таа засега не коментира како во 2023 година, кога таа се кандидираше за републички јавен обвинител, кога беше избран Љупчо Коцевски, не го помина овој филтер, а завчера доби позитивно мислење со девет гласа „за“. Една од членките на Советот која пред повеќе од две години даде негативно мислење за Раичевиќ, сега се премисли.

– Очекувам објективност, а зошто гласале во Советот, веројатно има записник. Треба прво да се прочита, па потоа да се коментира – вели Раичевиќ за „Слободен печат“.

Од сите четворица кандидати за државен обвинител, единствено Тополова-Исајловска не сакаше да коментира.

„Јавната обвинителка Анита Тополова-Исајловска не ги коментира одлуките што се донесени или треба да бидат донесени од други органи“, ни одговори Тополова-Исајловска со имејл-порака.

Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за Панчевски, но како стручно тело што ја следни работата на обвинителите, не избра еден кандидат, туку ѝ остави простор на Владата како орган на извршната власт да избере еден од четворицата кандидати, што остава простор за политичка одлука и избор на подобен кандидат.

Членовите на Советот својата одлука ја оправдаа и со тоа што постапувале според стариот Закон за Совет на јавни обвинители, според кој тие немаат обврска да прават ниту интервју ниту дебати, туку кандидатите ги запознавале според нивните биографии и извештаи за работа. Од пријавените, програма доставиле само Раичевиќ и Ристоска, која ја објави и јавно.

Пред седницата на Советот, со обвинувања за поранешното Специјално јавно обвинителство, во јавност излезе разрешената обвинителка Лејла Кадриу, чија цел беше и Ристоска.

Владата нема рок за предлог

 

Претседателот на Советот, Башким Бесими, на коментар дека не ја презеле одговорноста и не избрале еден кандидат, само рече дека „постапувале законски“. И премиерот Христијан Мицкоски кратко изјави дека ќе ги чекаат мислењата од Советот и дека ќе дадат свој предлог. На прашањето до Владата кои критериуми ќе бидат пресудни за да се избере најдобриот кандидат, го добивме истиот одговор.

-Мислењето од Советот на јавни обвинители сè уште не е пристигнато. Откако формално-правно ќе пристигне во Владата, ќе помине низ соодветните процедури и ќе биде разгледано на владина седница, по донесувањето на одлуката јавноста навремено ќе ја информирам – велат од Влада.

Законската процедура предвидува Владата до Собранието да достави предлог за именување јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење.

За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители.
„За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител на РС Македонија, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители на РС Македонија“, пишува во Законот, но нема рок до кога Владата треба да даде предлог.

Панчевски формално нема да поднесе кривична – „институциите по допрен глас треба да се самоуапсат!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот