Јанакиевски за ТНТ: Осуден сум на три години затвор, а писмено на три години и шест месеци

Јанакиевски и Трајковски во судница за случајот ТНТ/Фото: МИА

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски на денешната седница на Апелација, процени дека во пресудата за ТНТ има многу пропусти и побара да биде ослободен или предметот да биде вратен на повторно судење. Вели дека на денот на објавување на пресудата бил осуден на три години затвор, а писмено е осуден на три години и шест месеци.

На седницата, тој додаде дека постојат пресуди и решенија на Врховниот, Управниот и Основниот граѓански суд, со кои се утврдува дека решението за уривање е законито и оти самиот Уставен суд има утврдено дека не постои дискриминација по основ на политичка припадност врз Фијат Цановски.

И покрај тоа што сите претходно споменати судски одлуки се во правен промет, значи ниту се изменети ниту, пак, поништени, во обжалената пресуда Основниот кривичен суд Скопје утврдува дека решението е незаконито, дека незаконски се рушело и дека му следува штета на Фијат Цановски и неговата фирма. Имено, судот воопшто не ги анализира овие пресуди и само констатира дека тие не биле спротивни на обвинителниот акт, што е апсолутна невистина. Исто така, во целост е погрешно повикувањето на бланкетните норми, кои не се однесуваат на решение за рушење, туку за санација на покрив. За потсетување, и самиот Фијат Цановски призна дека градел спротивно на одобрението за градење, но судот процени дека треба да донесе пресуда со цел остварување лична корист на Цановски, изјави Јанакиевски.

Поранешниот министер за транспорт и врски негираше имал каков било контакт со тогашниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски и дека не го поттикнал незаконски да го урива „Космос“.

Не постои ниту еден доказ дека сум имал каков било контакт со Тони Трајковски и покрај повеќе од 80.000 незаконски снимки и над 200.000 СМС-пораки за кои СЈО на времето тврдеше дека имало во целокупниот материјал што им бил на располагање појаснува Јанакиески.

Апелацискиот суд Скопје денеска ја одржа јавната седница за кривичниот предмет КОКЖ-157/22 во јавноста познат како „ТНТ-рушење на КОСМОС“.

На 20 мај лани, Кривичниот суд Скопје, првообвинетиот во случајот „ТНТ“ Никола Груевски (во бегство), го прогласи за виновен и го осуди на девет години затвор, а на три години затвор поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски исто така е прогласен за виновен и осуден на четири години. Иста казна затвор од четири години и беше изречена и на обвинетата Елизабета Најдовска.

Судењето за овој предмет го водеше судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението јавниот обвинител Бурим Рустеми.

Според обвинителниот акт поднесен од поранешното СЈО, во временскиот период од 01.04.2011 година до крајот на 2012 година во Скопје, обвинетиот Никола Груевски, во својство на премиер на Владата и обвинетиот Миле Јанакиевски – министер за транспорт и врски, заеднички со цел да му се одмаздат на оштетениот Фиат Цаноски за неговата политичка одлука кој како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичката партија СДСМ, искористувајќи ја нивната реална моќ со умисла го поттикнале обвинетиот Тони Трајковски, тогашен градоначалник на општина Гази Баба, да стори кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” и да тој ја искористи својата службена положба и незаконски да го сруши станбено-деловниот објект Космос што бил граден од оштетениот-инвеститорот оштетениот Фиат Цаноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот