Јалдз Веапоска: Сестрата Сарита Пешиноска сведочеше на страната на лекарите, а не на страна на вистината

Судење за случајот со родилката од Дебар Јалдз Веапоска/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во основниот суд Струга денеска продолжи судењето каде на обвинителна клупа се тројца лекари од општата болница Струга – екс директорот и гинеколог Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јованоска, обвинети за вадењето на матка, јајник и бубрег на Јалдз Веапоска. Тие се обвинети дека додека ѝ укажувале медицинска помош на родилката од Дебар Јалдз Веапоска, примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување поради што ѝ ја влошиле здравствената состојба.

Медицинската сестра Сарита Пешиноска од Општата болница Струга, која била на смена и ја подготвувала Јалдз Веапоска за операција после изведениот царски рез, денеска во судница рече дека Веапоска пред операцијата ѝ кажала дека се чувствува добро и не сака доктор туку сака да си оди дома. Но, Веапоска тврди дека таквиот исказ даден пред судијата е само делумно вистинит, односно дека не се чувствувала добро, а точно е дека сакала да си оди од болницата но само за да биде пренесена во друга здравствена установа каде ќе видат што се случува со неа.

Пешиноска е сестрата која ја подготвувала Веапоска да влезе во операционата сала на клучната кобна операција после која Веапоска остана без матка, јајник и бубрег.

– Не е точно дека сум била добро. Како може да бидам добро во таква состојба. Јас да, барав да излезам од таа болница ама за да одам во друга болница, за да видат што се случува со мене, а не за да одам дома. Повик до министерот за здравство како што реагираше за Јана, за бебето, за анестезиологот да реагира и за овој случај за одземање на лиценците на сериозен случај што останувам без органи, останувам инвалид, останувам половина човек со овие доктори, вели таа.

Веапоски потоа објасни што се случувало кобниот ден кога навистина барала да си оди од струшката болница, но само за да ја добие потребната помош во друга здравствена установа.

-Денеска на судење дојде сведокот, медицинската сестра Сарита Пешиноска која на 31 август ме подготвуваше за во операциона сала пред да ми ги извадат органите. Не се согласувам со тоа што го кажа таа во судница, дека сум сакала да си одам дома и дека сум ѝ велела дека сум добра. Зошто ако сум се чувствувала добро, ми ставаа терапија, инјекција против болки, по што болките не ми запираа? Од една страна вели дека не ми се смириле болките од терапијата што ми ја дадоа, а од друга страна добра сум била и сум сакала да си одам дома. Точно е дека барав да излезам од таа болница, ама не за да си одам дома туку за сопругот да ме носи во друга болница за да оздравам. Значи да оздравам, а не да се случи тоа што се случи да ми ги извадат органите. Сведочеше на страна на обвинетите а не на страна на вистината, изјави Веапоска за „Слободен печат“.

Таа додава дека бара од министерот Фатмир Меџити како што реагираше за ТикТок анестезилогот така да реагира и за лекарите инволвирани во нејзиниот случај, во поглед на одземање на лиценците.

-Го повикувам министерот Фатмир Меџити како што реагираше за ТикТок анестезиологот, да реагира и за мојот случај за одземање на лиценците. Итно да реагира за мојот случај кој е сериозен случај во кој останувам без органи, останувам инвалид, останувам половина човек со овие доктори, рече Веапоска.

Следното судење е закажано за 21 јуни во 10 часот во судот во Струга, а таму се очекува свое излагање да даде директорот на Институтот за судска медицина, професор доктор Александар Станков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот