Ново рочиште во случајот Веапоска, се очекува да сведочи медицинска сестра од болницата

Јалдиз Веапоска пред судот во Струга/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во Основниот суд во Струга утре во 10 часот е закажано ново рочиште од судењето на тројцата лекари од струшката болница обвинети дека на родилката Јалдз Веапоска во 2020 ѝ ги извадиле матката, јајчникот и бубрегот иако за тоа немало потреба.

Ова судење и покрај големиот јавен интерес кој го предизвика случајот, во повеќе наврати се пролонгираше, поради болест на дел од адвокатите, поради судија што замина во пензија и така натаму. Во меѓувреме, Веапоска се соочува со здравствени проблеми предизвикани од тоа што живее без органи. Додека чекаше да почнат судењата, таа остана и без жолчка. На обвинителна клупа утре ќе седнат екс-директорот на струшката болница и гинеколог, доктор Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска со обвинение дека при укажување на лекарската помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

На минатото рочиште кое се одложи, се очекуваше да сведочи медицинска сестра која била присутна во болницата во Струга кога Веапоска се лекувала. Таа на минатото рочиште на кое присуствуваше и екипа на „Слободен печат“, наместо да седи во делот за сведоци, седна до обвинетите, по што судијата ја опомена да се оддели од обвинетите. Дали тоа претставуваше навестување за страната што ќе ја заземе таа во сведочењето ќе покаже утрешниот ден.

Веапоска освен физичка, трпи и психичка болка, поради што се лекува на Клиниката за психијатрија.

-Сметам дека ова е само одлагање и купување на време. Лекарската комора го донесе извешптајот дека лекарот нема лекарска грешка, а јас после тоа имав уште една операција на жолчката. Влошено ми е здравјето и психичко и физичко. Се лекувам на Психијтарија, рече Веапоска, видно разочарана по третото одложување на рочиштето во струшкиот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот