Израел ги врати телата на 15 Палестинци во Газа
Здравствените власти во Газа велат дека идентификувањето на телата е отежнато поради недостиг на ДНК тестови.
Израел денеска ги врати телата на уште 15 Палестинци, додека размените предвидени со минатомесечното кревко примирје продолжуваат и покрај обвинувањата за прекршувања, изјавија официјални лица во најголемата функционална болница во Газа, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Меѓународниот комитет на Црвениот крст досега пренел 285 тела што биле задржани во израелско притворништво назад во Газа од моментот кога беше постигнат договорот минатиот месец. Сепак, здравствените власти во Газа велат дека идентификувањето на телата е отежнато поради недостиг на комплети за ДНК тестирање.
Израел не открил колку тела сѐ уште држи ниту, пак, каде се пронајдени, но редовно враќа по 15 тела секогаш кога ќе биде вратено телото на израелски заложник од Газа.
Овие 15 тела беа вратени во болницата „Насер“ во Кан Јунис, еден ден откако палестинските милитанти во Газа го предадоа телото на Итај Чен, израелски војник убиен во нападот од 7 октомври 2023 година.
Неговото семејство изрази тага по известувањето за враќањето на телото, што го нарече „горко-слатко“, и побара понатамошна истрага за тоа како нападот бил возможен, според соопштение на израелскиот Форум на семејства на заложници и исчезнати лица.
Размените се централна точка на првата фаза од договорот посредуван од САД, кој предвидува Хамас да ги врати сите тела на заложници што е можно побрзо. Размените се одвиваат иако Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за прекршување други делови од договорот.
Хамас на 13 октомври му врати на Израел 20 живи заложници, а потоа и останките на 21 тело. Израелските власти нарекоа некои аспекти на процесот „прекршување на договорот“, обвинувајќи ја групата дека во некои случаи предавала само делумни остатоци или инсценирала откривање тела.
Израел бара забрзување на процесот и во одредени случаи тврди дека некои вратени тела не припаѓале на заложници.
Хамас, пак, вели дека пронаоѓањето тела е отежнато поради разурнувањето на енклавата и дека враќа од едно до три тела секои неколку дена. Истовремено, групата ја обвинува Израелската армија дека отвора оган врз цивили и го ограничува протокот на хуманитарна помош во појасот Газа. Бројот на жртви се намалил откако стапил во сила прекинот на огнот.
Но, здравствените власти во Газа — кои не прават разлика меѓу цивили и борци — продолжуваат да пријавуваат смртни случаи од израелски напади, додека Израел известува за убиени војници.


