Изов: Елитните квалификации нов предизвик за оваа генерација
Женската фудбалска репрезентација на Македонија до 19 години денеска замина за Глазгов каде од 10 до 16 април ќе биде дел од елитните квалификации за пласман на Европското првенство.
Препорачано
Покрај домаќинот Шкотска во групата се репрезентациите на Норвешка и Австрија. На стартот на 10 април се среќаваме со Норвешка, а почетокот е закажан за 13.00 часот. Два дена подоцна во истиот термин играме против Шкотска, додека во последното коло на 16 април противник ни е Австрија.
Сите три селекции се вбројуваат меѓу најквалитетните на Стариот континент и претстојните натпревари ќе бидат голем предизвик за оваа талентирана генерација.
– Имаме тешка група, но во оваа фаза од квалификациите сите противници се квалитетни. Очекувам фудбалерките да одиграат на највисоко можно ниво и на секој натпревар да пробаат да се надигруваат со фаворизираните противнички. Немаме намера предвреме да се предадеме, на секој натпревар влегуваме со желба да одиграме на што е можно повисоко ниво и дека ќе се прикажеме во најдобро можно издание – рече селекторот на македонската селекција, Кирил Изов.
Проблем околу составувањето на тимот сигурно претставува и поклопувањето на термините со мечевите на А репрезентацијата во која настапуваат голем дел од фудбалерките кои се дел од овој состав.
– Во договор со одговорните во Фудбалската федерација на Македонија и селекторот на сениорскиот тим, четири можеби најдобри фудбалерки од овој состав Меланија Гроздановска, Ева Величковска, Теона Голабовска и Мила Панева ќе бидат дел од А репрезентацијата која следната недела ја очекуваат дуели со Унгарија. За нас тоа ќе биде голем хендикеп, но шанса ќе добијат неколку помлади фудбалерки кои во иднина треба да бидат дел од националните селекции – продолжи предводникот на националниот тим.


