Отворање на „Зимски салон“ на ДЛУМ во „Мала станица“

Изложбата „Зимски салон“ на ДЛУМ ја истакнува уметноста како критички инструмент на општествената реалност

Биеналната изложба „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) на 26 февруари беше отворена во објектот „Мала станица“ при Националната галерија, а наградата ја доби визуелната авторка Ана Спасова.

Концептот на изложбата и изборот на делата се курирани од реномираната словенечка ликовна критичарка со меѓународна професионална биографија Лилијана Степанчиќ. Нејзиниот концепт е со наслов „Мора да се обидеме да го постигнеме она што ни беше кажано дека е невозможно“. Овој концепт отвора простор за преиспитување на границите – лични, општествени и естетски – и повикува кон активна позиција на создавање како чин на надминување, отпор и трансформација.

Дваесет и првото издание на „Зимски салон“ се одликува со интензивна творечка енергија, плуралност на пристапи и слоевити визуелни истражувања што ја потврдуваат виталноста, динамичноста и континуираниот развој на македонската современа ликовна сцена.

Во текот на своето повеќедецениско постоење, „Зимски салон“ на ДЛУМ се етаблира како значајна биенална изложбена структура што ја мапира актуелната состојба на современата визуелна продукција. Тој претставува репрезентативен пресек на авторски практики – од афирмирани творци до нови генерации уметници – кои преку разновидни медиуми, дисциплини и поетики ги артикулираат современите естетски и општествени прашања.

Како изложбен формат со историја на храбри концепциски поставки, Салонот функционира како дискурзивно поле во кое уметноста не е само одраз, туку и критички инструмент на општествената реалност. Неговата автономија овозможува простор за истражување, преосмислување и деконструкција на воспоставените норми, отворајќи перспективи кон нови наративи, вредносни системи и облици на изразување.

На отворањето на изложбата се обратија претседателката на ДЛУМ проф. д-р Јана Манева-Чупоска, претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ проф. д-р Маја Рауниќ Кирков, кураторката Лилијана Степанчиќ од Љубљана и програмскиот директор на НГМ „Мала станица“ Маја Крстевска. Изложбата за отворена ја прогласи претседателката на РС Македонија проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, како покровител на изложбата.

– Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации набљудувачи, сите гладни за уметност – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во обраќањето, Сиљановска-Давкова го истакна огромното значење на ликовната уметност за културниот и духовниот развој на македонската држава. Според неа, „Зимски салон 2026“ е препознатлива и вредна ликовна манифестација што дава пресек на современите ликовни состојби, но и навестува нови правци во уметноста.

Ана Спасова, добитничка на наградата

Добитничка на наградата е визуелната авторка Ана Спасова за делото со наслов „Решение во исчекување“ („Resolution pending“). Делото го прикажува самиот чин на обид да се направи она што е прогласено за невозможно и се потпира на фотографии од медиумско покривање на нерешени општествени и еколошки кризи во Македонија, вклучувајќи пожари на депонии и електронски отпад со нивните последици, трајно нерешеното загадување на воздухот, како и граѓанските протести што произлегуваат како одговор.

Авторката Спасова е асистент на Катедрата за графика на ФЛУ при УКИМ, а со наградата ќе добие двомесечен престој во Париз. Изложбата на ДЛУМ е финансирана од Министерство за култура и туризам како проект од национален интерес за 2026 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 322, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28.2.-1.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот