Изложбата „Живот за уметноста“ спојува дела на таткото и ќерката Настески во галеријата „Метаноја“
Во галеријата „Метаноја“ во Скопје на 4 декември, во 19 часот, ќе биде отворена заедничката изложба „Живот за уметноста“ од Александар В. Настески и Ивана Настески.
Препорачано
Изложбата произлезе од промоцијата на книгата „Дијалози за слободата“ во која авторот Љупчо Јолевски има интервју со Александар и со Ивана. Воедно, галеријата „Метаноја“ ја иницираше идејата за реализација на оваа изложба со можноста делата на таткото и на ќерката да се „огледуваат“ во двата галериски салони.
За Александар В. Настески ова е постхумна изложба. На истата некои негови слики за првпат ќе бидат изложени во Македонија. Тие досега биле претставени само на публиката во Италија.
Академските уметници, татко и ќерка ќе бидат претставени со слики кои, пред сѐ, се нивен основен уметнички израз, но ќе има и слики од двајцата во други техники. „Живот за уметноста“ е изложба која ги спојува заедничките уметнички мотиви, пориви и визии изразени на свој автентичен начин на двајцата уметници.
За изложбата еден од рецензентите д-р Коста Милков од Балканскиот институт за вера и култура, меѓу другото, пишува: „Уметничките изрази на Александар и на Ивана Настески ќе ја воведат публиката во архаично-современ визуелен свет каде космогониите, праисториските симболи и современиот експресивен јазик се преплетуваат во единствено уметничко доживување. Изложбата ги обединува мотивите на вселената, земјата, сонцето и човечката фигура во богата митопоетска композиција што го спојува древното со модерното, архетипското со личното, органското со апстрактното.“

Значајно да се напомене, е дека поставката на Александар В. Настески, започнува со хронолошки след на неговите платна во кои се насликани: тетовските маала, порти, невести, како и сакралните објекти на само нему својствен начин, преку сликите со тематика од праисторијата кои се првпат претставени пред јавноста. Ова е исклучително важен потег, имајќи го предвид раскошното и живописно творештво на Настески.
Графиките на Ивана Настески, се надополнуваат со делата на нејзиниот татко, взаемно поддржувајќи се особено во тематска смисла.
Не е случаен насловот за оваа изложба „Живот за уметноста“ зошто уметникот Александар В. Настески во полна смисла на зборот, живееше за уметноста, со сите радости и предизвици кои таа ги носи, со сето свое битие и битисување. Оттука изложбата „Живот за уметноста“ претставува еден своевиден ликовен дневник на сликарот, кој без никаква дилема низ својата уметност и постоење остави траен печат во македонската и светска уметност, воопшто.
– Вреди да се напомене, дека оваа изложба е прва од овој тип претставување помеѓу татко и ќерка уметници, во галеријата „Метаноја“ во Скопје. Одлично ќе забележи основачката на галеријата Нада Милкова велејќи: оваа изложба, наликува на огледало! Фасцинантна и вистинита забелешка – истакнува Ивана Настески.
Оваа поставка, претставува, всушност, пригодна најава за низата активности со кои ќе се претстави богатото ликовно творештво на Александар В. Настески, кој за време на неговиот живот остави неизбришлив белег преку својата длабоко хумана и етична личност и уникатното сликарство.

Во својот пригоден текст, историчарката на уметноста Гордана Велков, напиша: „Да зборуваме за ликовното творештво на академскиот сликар Александар Настески значи да зборуваме во целина за неговото постоење, битисување и креирање на ликовниот живот, почнувајќи од неговото место на раѓање, живеење во Македонија, и пошироко низ културните региони во Европа. Александар Настески низ содржините на неговиот ликовен објектив и маестралата во сликарските техники е ликовен документатор и илустратор на животот во минатото во потесна географска смисла на зборот, но и за минатото во поширока смисла каде што неговите дела развиваат и растат создавајќи оригинална иконографија со која ги исцртува космичките граници на неговата имагинација. Неговиот огромен ликовен опус го сочинуваат неколку циклуси кои изобилуваат со сцени и ликовните истражувања од секојдневниот живот на секојдневните луѓе, сцени од историјата и митологијата па сѐ до карпестата уметност во Македонија и во светот. Неговите содржини се надоврзуваат во неговиот ликовен експресионизам и во гравитацијата на неговиот ликовен свет со којашто заслужено, се интегрира во современата ликовната антологија на Македонското современо сликарство…“


