Избран е колективот што ќе развива перформанс во рамки на платформата „Испробување феминистички иднини 2.0“

Колективот составен од архитектката и соработничка на сценски дизајн Моника Ангелевска, компаратистката и независна истражувачка за современа книжевност, филм, култура и квир прашања Грација Атанасовска, актерката и магистерка по културолошки студии Јасмина Василева, видеоавторката и истражувачка на мултимедијални форми Вероника Камчевска и германистката, уредничка и преведувачка Катерина Шекутковска, е избран да развива феминистички перформанс во рамки на платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини“.

Изборот, низ процес на внимателно исчитување на шест пријави пристигнати по отворениот повик, елаборации и дискусии, евалуација и бодување, го направија Биљана Тануровска Ќулавковски – продуцентка, кураторка, истражувачка и програмска директорка на „Локомотива“ – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура, Викторија Илиоска – кореографка и изведувачка која работи на програми за поддршка и развој на современиот танц и перформанс, и Кристина Леловац – актерка, изведувачка и уредничка на изведувачката програма на фестивалот „Прво па женско“.

Интердисциплинарниот состав на колективот чии членки, афилирани со локалната независна културна сцена, имаат мултиплицирани релации и искуство на континуирана соработка, прецизно артикулираниот, процесно ориентиран начин на работа што го планираат, соработката втемелена во нехиерархиски поставени меѓусебни релации, како и автентичното толкување на родовата перспектива на предлог проектот и неговата релевантност во актуелниот општествен контекст беа клучни за едногласниот избор, истакнуваат од „Тииит.Инк“, кои се организатори на фестивалот „Прво па женско“.

Премиерата на перформансот што ќе биде подготвен од колективот на петте уметници ќе се одржи во рамки на Интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ) наесен.

Програмата на платформата „Испробување феминистички иднини“ се реализира во соработка со Интернационалниот театарски фестивал МОТ и програмата „Култренинг“ на „Локомотива“ – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура и со финансиска поддршка на „sweedeninmk“, „Kvinna till Kvinna“, „Equality Fund“, „Sigrid Rausing Fund“ и Министерството за култура на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот