Изборниот законик може и без СДСМ, но не е добро за државата
Изборниот законик теоретски може да се донесе и без СДСМ, но таквиот потег не би бил добар сигнал за државата, оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Според него, изборните правила треба да се носат со поширок консензус, бидејќи отсуството на опозицијата може да го наруши кредибилитетот на законот.
Изборниот законик теоретски може да се донесе и без СДСМ, но тоа не би било добро решение и не би испратило добра порака за државата. Ваква е оценката на политичкиот аналитичар Петар Арсовски кој во разговор за „Слободен печат“ објаснува дека и покрај актуелните препукувања меѓу власта и опозицијата, треба да се направи уште еден обид измените да се донесат со консензус.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според него, отсуството дури и на една опозициска партија од процесот може да го наруши кредибилитетот на Изборниот законик.
Како што вели, станува збор за закон што ги уредува правилата на изборната игра, па затоа неговото носење без поширока политичка согласност би отворило дополнителни сомнежи и тензии.
Не е една маката
Арсовски посочува дека проблемот не е само во тоа дали СДСМ учествува или не учествува во работната група, туку и во фактот што партиите во моментов немаат јасен консензус што точно треба да содржи Изборниот законик.
– Што се однесува до тоа дали може да се донесе законот без СДСМ, теоретски може, но нема да биде добар и нема да говори добро за државата. Подобро е уште еднаш да се направи обид да се постигне консензус. Тука доаѓаме до третата точка, а тоа е дека најголем проблем е што партиите во моментот немаат консензус – изјави Арсовски.
Тој додава дека во јавноста се појавил впечаток дека сите партии се согласни за една изборна единица, но веднаш потоа се отвораат други прашања: дали ќе има изборен праг, дали нема да има праг и колкав би бил тој.
– Постои впечаток дека сите партии се согласни да има една изборна единица, но тука се поставува и прашањето дали ќе има изборен праг или нема да има изборен праг. Колкав ќе биде тој изборен праг, во основа ние немаме консензус меѓу партиите околу Изборниот законик, на страна механиката на нивното носење – рече Арсовски.
Според него, политичките партии често знаат да ја злоупотребат својата позиција и ваквите процеси да ги претворат во дневно-политички маркетинг.
Затоа, оценува тој, неопходно е уште еднаш да се отвори простор за разговор, наместо процесот да се турка во насока што би оставила впечаток дека изборните правила се носат без дел од опозицијата.
Притисокот ќе расте
Арсовски потсетува дека и претходно имало случаи кога политички партии напуштале Собрание или работни групи, но тоа досега не им донело политичка корист.
Според него, притисокот СДСМ да се врати во работната група ќе расте, особено затоа што меѓународната заедница вообичаено претпочита ваквите закони да се носат со консензус и низ отворена дискусија.
– Притисокот да се приклучи СДСМ кон работната група ќе расте. Меѓународната заедница секогаш претпочита законите да се носат со консензус и отворена дискусија ако има несогласување. Не е во ред Изборен законик да се носи без опозиција, па затоа и СДСМ треба да размисли да се врати назад – изјави Арсовски.
Во ваков контекст, Изборниот законик останува меѓу две линии – потребата да се донесе реформски закон и потребата тоа да се направи со политички кредибилитет.
Формално, мнозинство може да постои и без учество на СДСМ во процесот, но прашањето е каков легитимитет ќе има закон што ги уредува изборните правила ако дел од опозицијата остане надвор од неговото креирање.
Партиите се расправаат
Дополнителна тежина на темата ѝ дава и фактот што измените во Изборниот законик се поврзуваат со реформската агенда и роковите што државата треба да ги исполни.
Токму на тоа се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека Владата останува оптимист дека ќе ја реализира реформската агенда, но оцени дека опозицијата го кочи процесот преку блокирање на работната група за Изборниот законик.
Според него, еден од чекорите зависи од учеството на опозицијата, конкретно во делот на Изборниот законик.
– Се надевам дека таму разумот ќе преовладее, дека ќе се вратат во работната група и ќе го усвоиме сите заедно овој реформски закон – изјави Мицкоски.
Од друга страна, лидерот на СДСМ Венко Филипче цврсто стои на ставот дека името на реформите е уставни измени и почеток на преговорите, па ѝ порача на власта да престане да мачка очи и да лаже, бидејќи, како што рече, две години ништо не сработила од реформите.
Власта бара консензус за Изборниот законик, Филипче тактизира со филибастеринг


