Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Власта бара консензус за Изборниот законик, Филипче тактизира со филибастеринг

Откако премиерот Мицкоски и министерот Муцунски го повикаа СДСМ да се вклучи во реализацијата на реформската агенда, лидерот од Бихаќка порача дека името на реформите се уставните измени

Лидерот на СДСМ Венко Филипче ќе го држи во неизвесност премиерот Христијан Мицкоски дали за измените на Изборниот законик ќе обезбедат консензус или пак, со филибастеринг ќе го блокира законското решение, а со тоа и дали власта до јуни во целост ќе ја реализира реформската агенда.

Откако Мицкоски, а денеска и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го повикаа опозицискиот СДСМ да се вклучи во реализацијата на реформската агенда, Филипче им порача дека името на реформите се уставните измени и почеток на преговорите и власта да престане да мачка очи и да лаже, бидејќи две години ништо не сработила од реформите.

– Мицкоски, како што вели дека може сè без нас, нека ја заврши реформската агенда до јуни. Еве уште малку денови има, како што вети. Да не бара алиби за неисполнувањето кај нас. Тоа нема да го добие. Има уште многу други точки за исполнување, а за почеток мора да ги внесе малцинствата во Уставот, затоа што тоа е основен услов за продолжување на преговорите. Така што ќе имаме време да зборуваме и за Изборниот законик. Но, прво ова – изјави Филипче за „Слободен печат“.

Тој на прес-конференција праша што правела власта за реформската агенда две години.

– Да сакаа заедничка работа немаше на сила да ја укинат техничката влада. Зошто го донесоа законот за Влада како што никогаш досега не бил донесен. Во 2018 година сè му е дадено на Христијан Мицкоски, техничка влада на негово барање со консензус донесена од сите партии, сега на сила ја укинаа и ја видоизменија. Пазете техничката влада е веќе видоизменета и за следниот изборен циклус не може технички министер да си формира свој кабинет. Трик повторно. Нема чесна намера во оваа група на власт – рече Филипче.

Муцунски пак, ја повика опозицијата да постигнат консензус во Собранието за реформската агенда, конкретно за Изборниот законик и правосудните реформи, за да може земјата да ги користи средствата од европските фондови. Тој рече дека се очекува „историски висока исплата на средства за државата во рамките на Планот за раст“.

– Затоа денес сакаме јасно да упатиме повик до опозицијата – да ја тргне дневната политика на страна кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност околу реформите клучни за државата, особено реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планот за раст. Пред сè, Изборниот законик и правосудните реформи – апелира Муцунски.

Според него, секое блокирање, одолговлекување или политизирање на овие процеси не е удар врз Владата туку врз европската перспектива на државата и врз интересите на македонските граѓани.

Муцунски укажа дека за законите што треба да се донесат во Собранието во рамки на Реформската агенда е потребен консензус или двотретинско мнозинство.

– Едно говорат, а прават сосема друго, зборуваат за Европа, а ги бојкотираат законите. Не може секојдневно во форма на политичка парола да зборувате „Европа, Европа, Европа“, а кога сте повикани да учествувате во работна група за закон кој Европа го бара од нас да речете „ние го бојкотираме тој процес затоа што не ни се допаѓа претседателот на владата“. На тоа се имаме сведено. Се надеваме на зрелост. Досега не сме ја виделе, но имаме обврска да работиме проактивно за да обезбедиме мнозинство – рече Муцунски.

Тој додаде дека недонесувањето на тие закони значи дека државата ќе губи средства за проекти и за капитални инвестиции од ЕУ-фондовите.

СДСМ минатиот месец се повлече од работната група за Изборниот законик во знак на револт бидејќи владејачкото мнозинство без консензус ја укина техничката влада. Тогаш опозициската партија во неколку наврати предупреди дека ќе ја напушти работната група, но тоа не влијаеше на одлуката на власта техничката влада да ја испрати во историјата.

Премиерот Мицкоски го става СДСМ на тест

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот