ИТФ „Актерот на Европа“ заврши со доделување на наградите

Синоќа, на 11 јули 2022 година, традиционално со церемонија на доделување на наградите, во Сарајот во Ресен заврши јубилејното 20-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Овој фестивал започна во летото 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.

Жирито во состав Мето Јовановски (претседател), Елена Трајковска и Владимир Стојчевски, одлучи главната награда „Актер на Европа 2022“ за најдобро актерско остварување да им ја додели на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, за улогата во монодрамата „Кармен“ на Драмскиот театар Скопје, како и на Исмет Аземи за улогата во претставата „Четирите еполети“ од Градскиот театар од Митровица, Косово.

Покрај тоа, претставата „Четирите еполети“ се здоби и со наградите за најдобра режија за Хаќиф Мулиќи и наградата „Преспански Дионис“, за косовскиот актер Басри Луштаку.

За најдобра претстава во целина беше прогласена претставата „Пеликанот“, по текст на А. Стриндберг, во изведба на независната театарска група од ИУ „Еуропа Прима“ – Скопје, во режија на Теодора Сиљаноска.

Претставата „Поетската вечност на Иго и Бодлер“ од Франција, во режија на Патрик Вершуерен ја доби наградата „Жак Лакариер“ за оригинална театарска инвентивност, додека претставата „Синиот портокал“ од Народниот театар „Ј.Х.К Џинот“ од Велес ја понесе наградатата од публиката.

Интересно е да се одбележи дека во 20-годишното постоење, оваа единствена интернационална манифестација на бреговите на Преспанското езеро, има околу 200 библиографски единици во најпознатите европски новински медиуми, како „Фигаро“, „Монд“, „Гардијан“ итн., и секоја година, огласите во светските медиуми за фестивалот се сѐ побројни, соопштија организаторите на фестивалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот