Истражување: Археолошкиот локалитет Влахо е најстарата неолитска населба во Македонија

Археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија е најстарата неолитска населба во Македонија којашто датира во 64-от век пред новата ера. Основана е дури 300 години пред останатите во овој регион, што воедно ја прави и еден од најраните неолитски локалитети во Европа, информира Центарот за истражување на предисторија.

Влахо е специфичен и по присуството на десетина ровови и објекти, што беше регистрирано со геофизичкото скенирање на неговиот простор. Археолошкото истражување на локалитетот го потврди постоењето на овие ровови, како и богатата стратиграфија сочинета од ранонеолитски слоеви во кои има остатоци од куќи од лепеж, белосликана керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки. Археоботаничките и археолошките анализи укажуваат на консумирање храна од пченица, јачмен, леќа, грашок, јаболка, капини, говеда, овци, кози и свињи, и тоа уште во самите почетоци на овој особено значаен локалитет, вели д-р Гоце Наумов од Центарот.

Овие откритија, Центарот за истражување ги презентираше и пред меѓународниот собир на Европската асоцијација на археолозите во Будимпешта, како и на предавања во Берлин и Рим. Археолошкиот локалитет Влахо се истражува веќе неколку години во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, при што се вклучени и експерти од Универзитетот од Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Завод и музеј – Прилеп, Институтот за старословенска култура, Археолошкиот музеј на Македонија и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Гоце Делчев“.

Истражувањата се поддржани од германската Фондација за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, македонското Министерство за култура, шпанскиот Национален совет за наука, Фондот Западен Балкан и Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот