Истрага за канадски пратеник кој гол излезе пред колегите на седница на ЗУМ

Гафот на канадскиот пратеник кој се појави гол пред колегите кои одржуваа собраниска седница на ЗУМ предизвика апел за отворање на истрага и покрена низ етички прашања за објавување компромитирачки материјали на јавни личности без нивна согласност.

Несвесен дека неговата камера се уште е вклучена, пратеникот Вил Амос случајно беше гол пред колегите пред почетокот на седницата за пратенички прашања додека се пресоблекуваше во својата работна облека во средата попладне, објави Гардијан.

Откако се свести за инцидентот, брзо им се извини на колегите.

„Направив несреќна грешка денеска и многу се посрамотив поради тоа. Мојата камера случајно била пуштена додека се пресоблекував во костим после џогирањето. Искрено им се извинувам на сите мои колеги во парламентот. Ова е груба грешка и нема да се повтори“, твитна Амос.

Првично, Амос колегите го потсетија за протоколите за облекување додека заседава парламентот.

„Неопходно е да ги потсетам членовите, посебно мажите, дека кравата и палто се задолжителни, но исто така и кошула, боксерки или панталони“, рече Клод ДеБелефеј, член на Блокот Квебекоа.

„Видовме дека членот е во одлична физичка форма, но мислам дека треба да се потсетат членовите да бидат внимателни и добро да ја контролираат камерата“.

Несреќата се случи за време на затворена седница, која не беше емитувана, но фотографијата од инцидентот, за која се верува дека ја направил друг парламентарец, излезе во медиумите и беше објавена на социјалните мрежи – предизвикувајќи потсмев и негодување.

„Споделувањето голи слики на луѓе без нивна согласност е жално, под какви било околности. Тоа што пратеник таквата фотографија ја издаде во медиумите е тотална злоупотреба и на лицето од сликата, но, исто така, се сомневам, и на правилата на Домот“, порача извршната директорка за односи со јавност Лиза Кирби.

Министерката за инфраструктура, Кетрин Мекена, и самата жртва на малтретирање и вознемирување, ја нарече одлуката за споделување на сликата „ужасна“.

Во четвртокот, лидерот на владиното мнозинство, Пабло Родригез, повика на истрага за да се утврди кој ја објавил сликата.

„Тоа е злобно и го менува животот за еден наш колега“, рече Родригез. „Фотографирање на некој што се пресоблекува, додека е гол и споделување без негова согласност, многу веројатно е криминално дело“.

Членот 162.1 од кривичниот законик на земјата забранува споделување „интимна слика на лице кога се знае дека лицето од сликата не дало согласност за такво однесување“.

Во четвртокот, Амос го откажа јавниот настап заедно со министерката за набавки, Анита Ананд, која им рече на новинарите дека нејзиниот колега „земал слободен ден“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот