„Истоштена сум и психички страдам“: На Јалдз Веапоска пак ѝ го одложија судењето за извадените органи

Психички и физички измалтретирана, после поминати години во судските и болничките ходници, соочена со разочарување врз разочарување и без судска пресуда за трите органи што ѝ беа извадени во струшката болница после извршен царски рез, Јалдз Веапоска од Дебар денеска повторно се појави во судот во Струга. Во судницата беа и обвинетите за медицинската интервенција којашто не заврши добро за Веапоска – гинеколозите Мухамед Асани, Блертон Асани и Лилјана Јованоска.

И покрај тоа што обвинетите се појавија, судењето се одложи за следниот понеделник, 17 ноември, поради тоа што не дојдоа вештаците, докторите Верица Попоска, Јован Ивлев и Татјана Гуржанова поради службено патување во странство и поради закажани операции во текот на целата недела.

Овие вештаци имаат изработено супервештачење коешто допрва треба да биде презентирано пред судот, а во кое е опишано што се случувало после царскиот рез и дали имало лекарски пропусти поради кои Веапоска заврши без матка, јајчник и бубрег. Непосредно после царскиот рез каде таа роди здраво женско дете, поради компликации ѝ беше извадена и жолчката независно од обвинението. Поради сето тоа нејзината животна активност и начин на функционирање се значително променети. Пред породувањето таа беше медицинска сестра, а сега работи седечка работа во болницата и тоа со скратено работно време и има проблеми со здравјето и енергијата ѝ е опадната.

Првообвинетиот доктор, гинекологот Мухамед Асани денеска во Кривичниот суд Струга беше спроведен со полициска придружба, откако во петокот судијата го наложи тоа.

Минатата недела судските рочишта се одложија двапати поради отсуство на адвокатот на Мухамед Асани. Адвокатот на Веапоска Сашо Јанев смета дека се прави очигледна стратегија да застари предметот. Законскиот рок за апсолутна застареност е 25 август 2026 година. Јалдз Веапоска за „Слободен печат“ вели дека нејзината енергија е исцрпена.

-Истоштена сум и психички страдам. Се чувствувам многу лошо поради константните одложувања на рочиштата. Докторот Мухамед Асани денеска во судница рече дека му е нарушен угледот што судијата наложил да биде спроведен со полициска придружба. А јас прашувам, што се случува со мојот углед? Дали мене ми е нарушен угледот со тоа што се прави обид предметот да застари? Доколку до 30 ноември не заврши предметот, ќе бидат организирани масовни протести пред судовите во Струга и Скопје од наша страна, изјави за „Слободен печат“ Јалдз Веапоска. 

Нејзиниот адвокат Сашо Јанев ни изјави дека адвокатот на Мухамед Асани денеска пак не се појавил на рочиште.

-Првообвинетиот беше придружуван од двајца полициски службеници поради наредба од судот. Исто така, се случи вештите лица да се зафатени цела недела, дел се на пат, а дел имаат службени обврски, па судењето го закажаа за 17-ти и очекувам да се обезбеди присуството. Очекуваме да се распрашаат вештаците и да се даде термин за завршни зборови. Тоа е нашата замисла. При носење на одлука, секој суд го зема предвид и параметарот „однесување на обвинетиот“. Според моето скромно мислење, имајќи ја предвид пресумпцијата на невиност, сметам дека однесувањето на обвинетиот ќе влијае негативно при донесувањето на пресудата. Неговото непочитување на овој суд ќе донесе повисока казна за него, изјави за „Слободен печат“ Јанев.

Првообвинетиот Мухамед Асани пред еден месец бараше изземање на судијата што го води предметот, Јордан Јованов, но неговото барање беше одбиено и од Врховниот суд и од Апелациониот суд Битола. Јованов е третиот судија што работи на овој предмет, а двајцата претходни се пензионираа. Барањето за изземање пристигна откако судијата Јованов го прифати супервештачењето во кое е опишан начинот на кој се случило Веапоска да остане без органи за време на породувањето. Супервештачењето беше побарано од страна на судот. Адвокатите на обвинетите имаат поднесено кривична пријава против докторите што го изработија супервештачењето.

„Слободен печат“ од свои извори запознаени со супервештачењето дознава дека постоел отпор кај гинеколозите да работат супервештачење за овој предмет и дека морало да се бараат „храбри срца“ дури и од приватни ординации за да се испочитува судскиот налог.

Обвинителството ги товари тројцата доктори за тешки дела против здравјето на луѓето. Тие се изјаснија за невини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот