„Историски успех за македонската кинематографија“: Филмот „Северен пол“ ќе биде дел од Канскиот филмски фестивал

Фото - промо

Краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска во продукција на „Кино око“ е селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм.

„Ова е историски успех за македонската кинематографија и за Кино око бидејќи прв пат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени филмови. Исклучителна е честа да се биде дел од овој врвен светски филмски фестивал и да се претставува македонската кинематографија. Ова е уште еден голем успех во низата успеси на оваа генерација македонски филмаџии и преставува потврда на талентот и креативноста на авторката Марија Апчевска-Петровска“, изјави продуцентот Роберт Насков.

Премногу сум среќна за успехот на нашиот филм и бескрајно благодарна на сите кои ме поддржува во секој чекор“, изјава од режисерката Марија Апчевска-Петровска.

„Ова е навистина маркантен успех за македонската кинематографија, особено заради фактот што последниве неколку години ние во континуитет сме присутни на Канскиот филмски фестивал со малцински копродукции и соработки, но овојпат е навистина исклучително за нашата кинематографија што оваа година со македонски национален филм сме во официјална селекција на најпрестижниот и најгламурозниот филмски фестивал во светот. „Северен пол“ на Марија Апчевска е еден од десетте селектирани филмови во официјалната селекција за краток филм, а тоа е неспорна препознатливост на македонскиот филм и македонските автори, потврда за нивниот квалитет, креативност, оригиналност и автентичност во изразувањето на големото филмско платно“, изјавија од Агенцијата за филм.

Филмот е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков и сценарист и режисер Марија Апчевска-Петровска.

„Северен пол“ е копродукција помеѓу Северна Македонија, Србија и Унгарија. Копродуценти на филмот се Милош Љубомировиќ од Сервиа филм, Миодраг Поповиќ од форГрејд и Петер Шекереш од Тиволи филм. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Филмскиот центар на Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот