Истoријата на Барби: Контроверзната кукла која го промени светот на девојчињата

Фото: EPA/JASON SZENES

Иако нејзините креатори беа критикувани за нејзините совршени пропорции и за тоа што им дава лажна слика на генерации девојки кои се поистоветуваат со неа, Барби донесе и многу добро.

Во средината на минатиот век, Рут Хендлер, со нејзиниот сопруг Елиот Хендлер и нивниот пријател Харолд Матсон, бараа нова идеја за пазарот. Во тоа време, асортиманот на играчки што ги имаа девојчињата беше прилично ограничен, тие или мораа да се задоволат со пластични бебиња или инфантилизирани кукли, пишува српски „Нејшнал џеографик“.

Меѓутоа, набљудувајќи како нејзината ќерка претпочита да си игра со хартиени кукли со изглед на возрасни, наместо други опции, Рут Хендлер идентификувала празнина во индустријата што може да ја пополни и така ја создала првата пластична „возрасна“ кукла за девојчиња.

Кога Рут Хендлер ја претставила својата визионерска идеја на своите партнери во „Мател“, тие и двајцата ја отфрлиле, тврдејќи дека родителите не би сакале на своите ќерки да им купат кукли со пропорции и физички карактеристики на возрасна жена. Непотребно е да се каже дека и двајцата не биле во право, а времето на крајот докажа дека всушност Рут била во право.

Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Како се „роди“ Барби?

Откако Џек Рајан дизајнирал тело на кукла без сексуална конотација, а Шарлот Џонсон ја создал првата колекција облека за новиот производ на „Мател“, Барби дебитираше на Американскиот меѓународен саем за играчки на 9 март 1959 година. Новата кукла со руса коса и костим за капење со принт на зебра брзо ја освои јавноста, продавајќи 350.000 примероци во првата година.

Рут Хендлер го избрала „Барби“ како име за куклата во чест на нејзината ќерка Барбара, а во 1961 година и момчето на Барби го именувала „Кен“ по нејзиниот син Кенет. Покрај тоа што ѝ дале романтичен партнер, креаторите на компанијата „Мател“ измислиле цела приказна за куклата: Барбара Милисент Робертс е родена во Вилоус, измислен град во Висконсин, каде што посетувала средно училиште. Набргу потоа почнала да работи како модел (нејзината прва професија) и го запознала Кен. Во 1963 година, брендот го создал и најдобриот пријател на Браби, Миџ, а една година подоцна пристигнала и нејзината помлада сестра Скипер.

Фото: EPA-EFE/ADI WEDA

Еволуција

Барби ја одбележа индустријата за играчки за девојчиња, бидејќи овој објект ги покани за прв пат да проектираат идна верзија на себе или да сонуваат за иднината што нема никаква врска со грижата за пластично бебе или кукла од партали. Барби претставуваше „модна икона“ и од самиот почеток беше замислена како кукла што го претставуваше мотото „можеш да бидеш што сакаш“.

Сепак, не сите се чувствуваа подеднакво вклучени во светот на Барби и брендот беше силно критикуван за создавање на исклучиво „бел“ универзум. Како одговор, „Мател“ го лансираше Кристи, првиот афроамерикански пријател на Барби, во 1968 година. И покрај тоа, ѝ требаше повеќе од една деценија за да ја види светлината на денот, придружувана од првата латино Барбика, во 1980 година.

Со текот на годините, беа создадени нови модели со различна боја на кожа и коса, што беше голем исчекор во различностите во 2010-тите кога „Мател“ ја дизајнираше првата Барбика со хиџаб (2017), првата родово неутрална Барбика (2018 година) и првите кукли Барби во инвалидска количка, со протетичка нога и апарат за слушање (2020).

И покрај сѐ, Барби од нејзиното раѓање доби безброј критики, дека претставува жена со целосно нереални физички пропорции, но и дека води целосно материјалистички начин на живот, посветен на собирање облека, куќи и автомобили. Со доаѓањето на 21 век, „Мател“ се обиде да ја исправи неправдата со редизајнирање на куклата и создавање на нов калап со помали гради, поширок струк и потесни колкови.

Фото: EPA-EFE/Yolanda Salazar

Независна жена со повеќе од 200 професии

Од друга страна, појавата на Барби во 50-тите години на 20 век донесе многу позитивни работи. Таа дојде на светот како модел на независна жена, финансиски стабилна и не условена од нејзиниот сентиментален партнер Кен.

Со текот на годините, Барби се занимаваше со традиционално машки занимања, таа беше астронаут во 1965 година, тринаесет години пред жените да бидат примени во корпусот на НАСА, хирург во 1973 година, кога помалку од 10 отсто од сите лекари беа жени, но и војник во армијата на Соединетите држави, претседателски кандидат, ветеринар, моден дизајнер, наставник, истражувач, амбасадор на УНИЦЕФ, итн.

Овој пристап им овозможи на девојките кои играа со Барби да се проектираат како идни жени ориентирани кон кариерата и да ја вградат идејата дека жената „може да биде што сака“.

Фото: EPA-EFE/Angel Medina G.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот