Иран ги смири протестите со најкрвавата репресија
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ги смири масовните протести што ја зафатија земјата минатиот месец, со започнување на најкрвавата репресија во речиси четири децении од неговото владеење. Во исто време, додека американска флотила се наоѓа во близина на иранските води, Хамнеи се обидува да спречи можен напад од САД со предупредување дека секој удар ќе предизвика регионална војна, додека паралелно дозволува отворање преговори за нуклеарната програма со Вашингтон, пишува АП.
Препорачано
Насилното задушување на протестите, според аналитичарите, покажува колку сериозна закана за режимот претставува наталожениот народен гнев, поттикнат од години санкции, економска криза и корупција кои ја разорија иранската економија и ја погодија некогаш моќната средна класа. За време на јануарските протести, низ улиците одекнуваа скандирања „Смрт за Хамнеи!“, што укажува дека економското незадоволство прераснало во отворен бунт против теократското владеење.
Дополнителен притисок врз Техеран доаѓа и од надвор. Израелските и американските напади за време на 12-дневната војна минатото лето сериозно ги оштетија иранските нуклеарни и ракетни капацитети, додека регионалната мрежа на сојузници на Иран, позната како „Оска на отпорот“, значително ослабе. Групи како Хамас во Газа и Хезболах во Либан повеќе не ја имаат поранешната моќ, со што се намали влијанието на Техеран на Блискиот Исток.
Сепак, најновата внатрешна пресметка ја покажа цврстината на режимот. Според активисти, досега се документирани повеќе од 6.700 убиени, а десетици илјади луѓе се уапсени. Властите, пак, признаваат над 3.100 загинати. Исклучувањето на интернетот со недели ја прекина комуникацијата на Иранците со надворешниот свет.
Хамнеи, кој дојде на власт во 1989 година по смртта на ајатолахот Рухолах Хомеини, со текот на годините ја зацврсти власта на свештеничкиот естаблишмент и ја претвори Револуционерната гарда во доминантна воена, политичка и економска сила во земјата. Сите поголеми бранови протести – од 2009 година наваму – беа задушени со сила.
Во меѓувреме, согласноста за нуклеарни преговори со Вашингтон се толкува како обид на Хамнеи да купи време и да избегне директен конфликт со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Иако повеќе регионални сили посредуваат во организацијата на разговорите, позициите на двете страни остануваат длабоко спротивставени, особено околу збогатувањето на ураниумот.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуалното насилно отстранување на Хамнеи би можело да доведе до борба за власт во рамките на Револуционерната гарда и да ја турне земјата во уште подлабока нестабилност, со сериозни последици за регионот и светот.


