ИПА фондови: Најмногу европски пари отишле за проектите од областа на транспортот

Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Од вкупните над 800 милиони евра 65,8 отсто се за проекти на национално ниво, а 34,2 отсто за општински проекти, при најбројни се проектите од областа на образование, вработување и социјална политика, но најмногу европски пари се дадени за проектите од областа на транспортот

Вардарскиот регион е лидер по инвестирани европски средства во земјава и во него, во периодот од 2007 година досега се слеале 122.851.824,22 евра од вкупно 812.457.807,62 евра инвестирани во земјава преку ИПА фондовите на Европската Унија.

Втор по искористеност на европските фондови е Пелагонискиот регион со вкупно 79.163.058,15 евра, а по него следуваат Скопскиот регион со 44.959.852,53 евра, Југоисточниот регион со 42.353.627,60 евра и Источниот кој има 37.079.873,71 евра. Според податоците што ги објави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во Североисточниот регион се инвестирани 34.418.739,01 евра, во Југозападниот регион 31.171.375,34 и во Полошкиот регион 29.044.517,85 евра.

Податоците објавени од Европската Унија покажуваат дека од вкупните над 800 милиони евра 65,8 отсто се за проекти на национално ниво, а 34,2 отсто за општински проекти. Генерално најбројни се проектите од областа на образование, вработување и социјална политика, но најмногу европски пари се дадени за проектите од областа на транспортот. За 933 проекти за образование, вработување и социјална политика преку ИПА се добиени над 97 милиони евра, додека над 220 милиони евра се дадени за 54 проекти од областа на транспортот.

Вкупно на национално и општинско ниво, за демократија и владеење за 332 проекти се добиени над 120 милиони евра, за владеење на правото и фундаментални права имало 104 проекти вредни 85 милиони евра, за 163 проекти од областа на конкурентноста и иновациите ЕУ ни дала 102 милиони евра, за 188 проекти за земјоделство и рурален развој од ИПА се добиени 60 милиони евра, а за екологија и климатска акција имало 122 милиони евра за 92 проекти.

Европската статистика покажува дека најмногу проекти имало во скопскиот регион – 515 за кои ЕУ дала 45 милиони евра. Североисточниот регион за 179 проекти добил 34 милиони евра, Источниот регион имал 133 проекти за 37 милиони евра, а пелагонискиот со 79 милиони евра европски пари „покрил“ 263 проекти. Југозападниот регион за 129 проекти добил 31 милион евра и, како и во сите други региони најголем дел од проектите се од областа на образованието, а само еден за владеење на правото и фундаменталните права.

Вкупно 29 милиони евра се префрлени во Полошкиот регион за 185 проекти, но ниту еден од областа на транспортот, додека во Југоисточниот регион се слеале 4 милиони евра за 113 проекти. Лидер по добиени пари е Вардарскиот регион – 122 милиони евра за 132 проекти.

За вицепремиерот Маричиќ, помошта преку ИПА фондовите значи дека со тоа „граѓаните на земјите членки на ЕУ покажуваат за степенот на свест и желба за придонес кон земјите кандидати за влез во Европската Унија.

-Одговорноста и детерминираноста кои што ги покажуваат нашите европски стратешки партнери треба да се сфатат сериозно. Преземањето одговорност од наша страна е и еден од најважните чекори за успешна реализација на евроинтегративниот процес, а тој се реализира преку свесно превземање на обврските и фокусирана работа од наша страна – објави Маричиќ.

Тој потсетува дека фондовите и средствата кои се инвестирани во Македонија доаѓаат од сите земји членки на ЕУ, пари кои се влеваат во фондовите директно од плаќањето на даноците во Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот