ИНТЕРВЈУ со Весна Петрушевска: Ова е ера на полусветови и полуписмени суштества

Фотографии Ани Дими

Имам одиграно маж на сцена и за ништо на светот не би била маж во другиот живот…Некако сè е таму на прва топка, брзо заборавање, релативизирање, ретка болест е да бидеш џентлмен, сурови, опасно двојни. Жената е посебен универзум, вели Петрушевска.

Со Весна Бејби Петрушевска секогаш имаме полни раце муабет, човек да не знае од каде да почне, и каде ќе го одведе разговорот. Со богат внатрешен свет и огромна животна енергија, кај оваа глумица дури и зборовите, гестовите и професионалните ангажмани, оставаат трага. Едноставно, тежат. Замислуваат.  Башка, не треба да се споменува дека Весна е голем професионалец, приватно пак, Бејби е ЖЕНА со две Е и две А.

А, каде овојпат нè затера муабетот и какви „задачи“ ни постави за размислување, прочитајте во интервјуто.

Активна си на повеќе фронтови кои се, сепак, на некој начин меѓусебно поврзани, актерската школа и двата проекти „Дајте музика“ и „Гласна куќа“. Значи ли тоа дека чувствуваш дека дојде време кога своето глумачко знаење треба да го пренесеш на помладите?

Одамна работам со деца со тоа што имав пауза затоа што морав да се посветам повеќе на Кирил и Мина. Ја активирав школата пред речиси четири години и сум опасно фокусирана на таа работа. Има неколку начини да оставиш белег: на филмска лента, телевизиска архива и театарскиот аплауз. Но, работа со деца и тинејџери е нешто кое остава неизбришлива трага, невидлива, а сепак толку моќна енергија. Треба да си предодреден да умееш да работиш со деца. Децата се личности и препознаваат кога несебично се даваш себеси. Сакам да ме паметат нови генерации на кои Бејби реално не им значи ништо. Да, знаат нешто што ќе им раскажат родителите, но сами откриваат попатно. Затоа се важни овие два проекта, „Дајте музика “ кој е сам по себе значаен и престижен, и „Гласна куќа” кој е првиот тинејџерски серијал на овие простори. Сите млади и мали глумци се од мојата школа. Тоа ме прави особено горда и среќна.

Многу ме интересира кои се тие профили во комисии кои одобруваат учебници.

Што нуди школата, како фунцкионира и кој може да биде дел од неа?

– Нуди метод на актерска игра кој е неверојатно забавен и истраен. Може да биде секое дете член затоа што кога си учител по актерска игра не е задачата да играш улога на Господ, па да делиш памет кој го бива, кој не. Мојата мантра е: прво едуцирам, па потоа аудицирам. Учат многу, знаат многу после секоја проба, од најмала возраст го говорат Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Горан Стефановски, Чехов, Шекспир. Преку овој метод се освестуваат децата дека нивото на нивната способност да совладаат е немерлива. Да не зборувам за постојаните вежби за сценски говор, движења, вежби за концентрација, фокус, бескрајни разговори, слушање музика. Актерската игра е исклучително забавна, но и неверојатно захтевна.

Во мај 2016 беше премиерата на претставата „Брачна игра“, во режија на Тони Михајловски, каде играш заедно со Игор Џамбазов. Претставата сè уште се изведува во МНТ, и оние кои до сега не ја погледнале, ќе имаат можност да ја видат во февруари. Со оглед на тоа дека често партнер ти е Игор, ама и Тони, не се ли заситивте еден од друг? Ќе те видиме ли годинава и во нова претстава, се „крчка“ ли веќе нешто?

– Никогаш не може да се заситам од моите супер другари. Нашата приказна е 30 години и трае. Повеќе сме од колеги, ние сме семејство. Во 2109. имав и јубилеј, 25 години актерска кариера и тогаш премиерано ја одиграв „Влези не се соблакај”, стенд ап кој ги размрда границите. Веќе од февруари треба и тоа да продолжам да го играм.Тоа што навистина се подготвува се вторите сезони на „Дајте музика “ и „Гласна куќа”. Од септември имам план за нова претстава.

Иако разговорот на тема уметност секогаш е интересен со тебе, да преминеме на женски теми. Какви и кои жени те инспирираат? Од која жена, можеш да кажеш, дека најмногу си ги научила животните „лекции“?

– Од самата себе веројатно оти никогаш не знам се однапред и сакам да газам на стакло. Како што вели Вирџинија Вулф: Не можеш да го најдеш мирот ако го избегнуваш животот. Немирен дух, постојано во создавање, креирање, тоа се нештата кои ме инспирираат. Имале влијание врз мене многу жени современици, на пример, фасцинатната империја која ја создаде Опра и не запира, уште работи, во моментов е на турнеја само со женски соговорници 20/20, секако од актерски аспект ме интересира методот на Мерил Стрип и нејзиниот приод кон тоа што го работи. Сосема поинаку гледам јас генерално на сите нешта околу мене. Друга диоптрија имам јас! Ме фасцинираат женски режисери, затоа и ја режирав „Гласна куќа” и едвај чекам следна сезона. Друга ментална матрица се жени режисери. Софија Копола ми е мене најжестока во наративот, иако навидум сензибилна.

Да се биде самохрана мајка во Македонија значи опстанок, не значи живот.

Што значи да се биде самохрана мајка во современа Македонија?

Значи опстанок не значи живот! Исклучително напорна работа. Проект кој само го надоградуваш и немаш простор многу да маневрираш. Секое утро освен што се будам и се заблагодарувам на утрото, втората мисла ми се сметките, како да ги оправиш да одат по правиот пат во едно извртено опкружување. Ова е ера на полусветови и полуписмени суштества. Мора да сум будна постојано. Тешко и напорно.

Не само како мајка, во постојан контакт си со децата и младите, па веројатно добро знаеш што нѝ ги мачи децата. Да имаш можност да бидеш министер за образование, од каде би почнала да правиш реформи?

– Од системот којшто нема концепт и е потполно неупотреблив, од книгите кои нашите деца учат. Многу ме интересира кои се тие профили во комисии кои одобруваат учебници. Вредносниот систем на петка кај нас не функционира. Важно е што ќе научат, а не што ќе добијат како оценка. Кај нас професорите не се добро платени, а имаат пред себе цел да едуцираат и да се борат со телефоните кои им се најверни другари на децата. Не знам колку останало во нив да бидат креативни на часовите и да инспирираат оти се е бигор околу нас и во нас. Бигор души сме! Со сè се бавиме, со нашите деца не се бавиме. Би им вовела друг пристап за македонскиот јазик особено!

А како министер за труд и социјална политика, што би променила во однос на вулнерабилната категорија на жени?

– Ова министерство е за мене клучот на една држава. Некако сите само се сликаат мајку му после извесен период седнати во министерска фотелја. Има еден член во Законот за посвојување и тоа никој не го решава, го ишкаат како мува. Се работи за информации од биолошките родители. Тие се заштитени како сведоци на ЦИА во најмала рака. Еден јунак да се најдеше да го дебатира тоа во Собрание. Во прашање се одговори кои посвоените деца ги заслужуваат од генетскиот код, па сè до роднински аспект. Замислете некој од нив има брат, сестра и се сретнуваат…ви ја препуштам фантазијата…или, има семејна ментална болест која во ова време се живее со тоа секако. Но, само замислете да си ја знаеш анамнезата. Тоа не е само обесправување туку е на ниво на фашизам колку е ова значајна и комплексна околност. Од што се плашат? Јас не сум сретнала посвоено дете што ги осудило своите биолошки родители, а среќавам многу и разговарам со нив, нив навистина ги интересира сопственото здравје пред сè и над сè.

Зборувано од женски агол, што е недозволиво и непростливо за тебе?

– Продавањето на било која ментална и физичка платформа на самиот себеси. Не поминувам преку лага, па макар и да е најмала.Тоа сериозно ми е проблем. Лага никако!Тука некаде е и неверството. Никогаш не сум осудувала љубов. Напротив, ја поддржувам…но кога тоа ќе го прави некој кој бил со тебе зад грб, тогаш таа ментална и физичка проституција не ја разбирам. Има збор, нели луѓе сме!

Анита Митровска, новинарка, прашува – Доколку имате уште еден нов живот и моќ да изберете дали сакате да бидете жена или маж, дали би избрале повторно да бидете жена, и зошто да или не?

– Драга Анита, имам одиграно маж на сцена, дури една цела монодрама „Последната шанса” и можам да ти кажам дека за ништо на светот не би била маж во другиот живот. Кога се подготвував, учев да одам, да зборувам како маж, да се однесувам, да размислувам ….ми беше забавно ама само еден месец. Ми здосади бргу… Некако сè е таму на прва топка, брзо заборавање, релативизирање, ретка болест е да бидеш џентлмен, сурови, опасно двојни…Жената е посебен универзум.

Васко Спасоски, новинар, прашува – Филмскиот свет беше згрозен од деталите за холивудскиот предатор Харви Вајнстин. Можеби е невкусно, но сакам да те прашам дали имало можеби некој таков пример и на овие простори?

– Васко најде мене да ме прашуваш за предатори кога на мојата ќерка и се случи предатор. Отворено се борам против машки насилници, тоа се луѓе со монструозни идеи во главата и сè им е оправдано. Вајнстајн беше само назнака на нешто што се случува во Холивуд од кога постои. Мерлинка во последното интервју кое ќе го даде за „Тајм“ вели прецизно: Колку ме болеа колениците од моќниците на филмските студија и од нивниот мачоизам. Има такви ликови во нашата професија и во следната книга ќе му посветам едно цело поглавје. Најстрашно е што на некои жени тоа не им е насилство и мислат дека е тоа природна средина на опстанок. Тврдам и знам дека количината на бес кон тие видови на мажи ја имам во немерливи количини. Немам никакво оправдување за нив и ги презирам. Најчесто се женети мажи кои имаат идеален брак, но само во својата глава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот