Интервју со унгарскиот амбасадор Ласло Дукс: Унгарската влада не финансира антинато пропаганда во Македонија

Унгарија со години се залага за прием на Македонија во НАТО и ЕУ и нема интерес сега да работи против тоа.

Унгарскиот амбасадор во Македонија, Ласло Дукс, во интервјуто за „Слободен печат“ ги отфрли тврдењата на словенечките медиуми – пред сè на порталот Нецензурирано – како и тие на еврофункционерот Ги Верхофштат, дека бизнис-кругови блиски до владата на Виктор Орбан финансираат пропаганда против евроатлантската интеграција на Македонија. Дали некои други центри го прават тоа, амбасадорот нема информација ни коментар.

 

Амбасадоре Дукс, деновиве имаше обвинувања дека бизнис-центри блиски до вашата владејачка партија Фидес плаќаат медиуми овде во Македонија за да шират пропаганда против НАТО и ЕУ. Како го коментирате тоа?

 

– Унгарија силно ја поддржува Северна Македонија околу влегувањето во НАТО. Вие знаете дека во минатото секогаш се залагавме земјата да стане членка. Жалиме што требаше толку многу време, но среќни сме дека конечно тоа се случува и дека, иако ја чекаме ратификацијата на Шпанија, за неколку месеци овој процес ќе биде завршен. Унгарија е централноевропска земја, но е сосед на Балканот и има многу силни безбедносни врски и интереси во регионот. Гледаме дека приемот во НАТО е најважен столб на стабилноста, така што можам да ви кажам дека унгарската влада не финансира во никоја форма пропаганда против НАТО и ЕУ.

 

Велите дека тоа не е политика на владата. Сепак, како објаснувате дека наводно унгарски пари доаѓаат во македонски медиуми што шират содржини против НАТО и ЕУ?

 

– Јас можам да зборувам само во име на унгарската влада. Не ги знам тие луѓе и немам информација дали навистина се случува тоа. И, во овој момент, не можам да го коментирам тоа.

 

Како ги оценувате македонско-унгарските односи во моментов? Ги проверив бројките за економска соработка и за меѓусебните посети и видов дека само лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бил во Будимпешта минатата година, така што изгледа дека сè уште тие се во сенка на случајот со експремиерот Никола Груевски?

 

– Лани тука беше унгарскиот министер за надворешни работи, а во Будимпешта беа спикерот на македонскиот парламент Талат Џафери и министрите за животна средина и за локална самоуправа. Традиционално имаме многу силни и многу пријателски врски. Секако, во 2018 година имавме турбуленција во политичките односи, но можам да кажам дека двете страни заеднички успеаја таа турбуленција да нема влијание врз соработката генерално. За шест години го надминавме рекордот во билатералната трговија и Унгарија скокна 17 места за четири години, така што сега сме на 11 место како трговски партнер на Северна Македонија. Тоа е добро бидејќи претходно бевме на 26 и 27 место. Според унгарските статистики, имаме 500 милиони евра трговска размена, а според македонските 380 милиони (разликата доаѓа од начините на пресметување). Но, станува збор за многу голем пораст. Би сакале, секако, да бидеме меѓу првите десет трговски партнери, но не сме соседна земја. Поради директниот лет меѓу Скопје и Будимпешта, рекордни се и бројките во туризмот. Имаме владини стипендии за студенти од Македонија, по 20 годишно. Имаме многу блиска соработка во врска со мигрантската криза – 46 унгарски полицајци постојано се на македонската границата.

 

Оливер Вархељ, еврокомесарот за проширување, при посетата на Македонија побара да се усвои законот за Јавно обвинителство пред извештајот на ЕУ за нашата држава. Расправата покажа дека има голем отпор да профункционира правдата. Колку е тоа штетно за евроинтеграциите на земјава?

 

– Унгарија многу го поддржува проширувањето. Ние сме директно поврзани со овој регион и имаме многу силен интерес, не само Северна Македонија, туку и целиот регион да се приклучи на ЕУ, што е можно побрзо. Многу сме среќни  што унгарски политичар и дипломат беше избран да биде нов комесар за проширување. Тоа не е лесна задача, но се надеваме дека оваа Европска комисија на Урсула Фон Дер Лајен ќе биде поуспешна отколку претходната, кога, за жал, ништо не се случи во оваа област. Околу законот за Јавно обвинителство можам да зборувам само од аспект на унгарската позиција, но не можам да коментирам внатрешни прашања. Знам дека има дебата дали тој е услов за ЕУ или не, но за некои земји членки тоа е важно прашање и, бидејќи е потребна поддршка од сите земји членки за почеток на преговорите за членство, ако некои земји велат дека е предуслов, тогаш е предуслов. Но, колку што знам, засега позицијата на ЕУ е дека ова не е потребно за да почнат преговорите.

 

Што ќе ѝ помогне на Македонија да добие датум за преговори?

 

– Ние повеќе години се залагавме за почнување на преговорите. Секако, велевме дека има многу недостатоци и прашања што треба да бидат решени, но мора да почнеме со процесот на приклучување и тие да се решаваат додека станете членка. И, не е во прашање само владеењето на правото, туку и економијата, разни социјални прашања, екологијата… Ние се надеваме дека ќе има одлука што е можно побрзо, можеби пред самитот во Загреб во мај. Важно е дотогаш земјите членки да се договорат околу новата методологија, со што ќе му дадат динамика на процесот и ќе одговорат на очекувањата на земјите членки што имаа забелешки.

 

Вистина ли е дека источните земји во ЕУ спречиле пристапот до структурните фондови да биде дел од новата методологија? Во смисла, иако се најсилни поддржувачи на проширувањето, не сакале да ги делат парите со земјите кандидати?

 

– Најпрво, нема толку исток и запад во ЕУ, колку што има земји што повеќе даваат и земји што повеќе имаат корист од фондовите. Но, во овој случај не е точно. Не толку Северна Македонија, туку земјите во регионот имаат проблем да ги искористат ИПА-фондовите и нивниот капацитет за апсорпција е 60 до 70 отсто, што е многу малку. Па така, ако ви даваат едно евро, а вие потрошите само 60 центи, нема смисла да ви даваат повеќе пари. Особено кога се работи за структурните фондови за чие користење треба да имате многу институции и многу донесени регулативи за да можете да ги потрошите. И на сегашните земји членки им требаше многу време да стигнат до тоа. Унгарија стана членка во 2004 година и во првите три години беше многу тешко да се искористат тие пари – ги имавме, а не можевме да ги потрошиме. Сега со Полска имаме највисок капацитет за апсорпција на структурните фондови, но за тоа требаше време. Да ви дадат десетпати повеќе пари, а да не можете да ги потрошите…

 

Како ќе научиме да ги трошиме ако не ни ги давате?

 

– Имате како да учите. Во тоа време немаше ИПА-фондови… Исто така, знаете дека се во тек преговорите за новиот буџет на ЕУ за наредните седум години, што секогаш е едно од најтешките преговарања во ЕУ, така што сега, откако тој процес е поодминат тешко е да отвораме нови прашања.

 

Груевски е слободна личност, може да прави што сака

 

Дали според европските и унгарските регулативи азилант може да дава јавни изјави, интервјуа и практично да се меша во внатрешните состојби во нашата држава? Вие го штитите Груевски, а тој прави проблем во меѓудржавните односи?

 

– Амбасадата не е инволвирана целосно околу ова прашање. Исто така одлуката да му се гарантира азил на Груевски беше донесена од унгарската власт за азилантска политика во согласност со европските и унгарските закони. Генерално, според Женевската конвенција и според нашите закони ако некој има азилантски статус во една земја, тогаш тој е слободна личност и може да прави што сака. Така што, нема рестрикции во однос на неговите обраќања и генерално околу неговото движење.

 

Не бараме нов конзул во Битола

 

Кој ќе биде ваш нов почесен конзул во Битола, откако го повлековте газдата на „Еко клуб“ Сашо Јанакиевски?

 

– Ние не сакаме да го  прејудицираме исходот од истрагата што е во тек. Одлуката во Будимпешта за повлекување на конзулот беше донесена бидејќи ние не сме соодветно информирани за истрагата и за процесот, но во моментов не бараме нов конзул во Битола. Не знаеме што ќе се случи, тој беше отповикан и во моментов нема почесен конзул таму. Имаме во Охрид, а тоа не е толку далеку.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот