Тијана Дапчевиќ со сопругот Милан /Фото: pриватна архива

Интервју со Тијана Дапчевиќ: Со Милан се засакавме од првиот момент и тоа нѐ одржува 25 години

„Ако со брачниот другар не го делиш сето она што те мачи и она што те радува, и добро и зло, и ако нема љубов, не може да опстане. Јас и Милан на 28 април ќе славиме 25 години од брак, сребрена свадба.“

Со стендап комедијата „Менопауза“, која ја играше околу 20 пати, Тијана Дапчевиќ стана хит во регионот. Од виолончелистка, па пејачка, Тијана се докажа како мултиталентиран уметник. По големата популарност како Ула во хит-серијата „Преспав“, скопската белграѓанка доаѓа на турнеја дома, овој пат во улогата на Марина, жена во менопауза. Турнејата што ја организира „Евентум“ почнува на 19 и на 21 април во Филхармонија во Скопје. На 22 април Тијана гостува во Кавадарци, на 23 април во Битола за отворање на Фестивалот на монодрама, на 24 април во Охрид, а на 25 април во Струмица.

Тијана Дапчевиќ во стендап-комедијата „Менопауза“/Фото: МТС Дворана

Тијана отворено зборува за бракот со Милан Дапчевиќ, за родителите, за тинејџерските денови на синот Вук и за нејзината слабост, сестра ѝ Тамара Тодевска.

– Во „Менопауза“ зборува Марина Станковиќ, која ја играм. Таа не е нормална и менопаузата ја пречекува неподготвена. Сосема е луда, сите симптоми ги има, не знае што ја снашло. И нормално, тоа е напишано на многу интелигентно-комичен начин, со многу интелигентен хумор од страна на Данило Вукотиќ. Тука се зборува за сите симптоми што ја следат една жена што се наоѓа во тие години, која знае што е менопауза, но таа кутрата мислела дека тоа ќе дојде, ќе каже „извини“, ќе се случи и ќе си отиде, и ќе ѝ помине за три дена како на другарка ѝ Соња. Арно ама, оваа е полудена сосема – вели Тијана.

Во приказната на монодрамата, таа вели дека низ хумор зборува за нешто што воопшто не е комично. Тијана вели дека кај нас менопаузата е навистина табу-тема, нешто за што се шепоти, за што не се зборува гласно како и за менструацијата и менталното здравје.

– Тоа е многу голема грешка, затоа што е сосема нормална работа што се среќава кај секоја жена на планетава кога ќе дојде во одредени години. И за тоа треба гласно да се зборува затоа што симптомите не се само бранови на топлина, промена на хормони и нервоза, туку мора и менталното здравје да се сочува. За тоа треба да се зборува, за тие жени да имаат поддршка. За да знаат дека не се сами, дека се мисли и на нив. И има доста суплементи сега во 21 век со кои можеш да си ги олесниш сите тие симптоми, но ти треба да зборуваш на таа тема гласно за тоа да допре до некој – вели Тијана.

Според неа, ако тие жени немаат поддршка од своите најсакани, тогаш се случува проблем кај менталното здравје.

​– А, она што исто така ми пречи многу, што на такво поднебје сме растени и така сме воспитани што и за менструацијата се шепоти: „Еј, имаш влошка? Еј, извини, тампон да не имаш?“. Па, крвавењето е сосема нормална работа. Тоа значи дека си здрава. Мислам, знаеш, некои луѓе и понатаму живеат во 16 век. За менталното здравје не се зборува воопшто. И понатаму е табу гласно да кажеш дека одиш и посетуваш психотерапевт затоа што, ете, си дошол до сознание дека имаш проблем со душата. А душата кога ќе ти се разболи, тебе автоматски и физички те удира – сподели Тијана.

Тијана Дапчевиќ со Тамара Додевска и со мајка им/Фото: Приватна архива

За своето искуство со менопаузата, Тијана вели дека сè уште не е целосно дојдена во таа фаза. Симптомите со кои се соочила за време на циклус се повеќе поврзани со перименопауза. Тијана признава дека имала голема трема кога на 3 ноември во Белград за првпат ја играла претставата.

– Мислам дека да ме боцнеше, немаше крв да потече. Затоа што имав ужасна трема, првпат се соочив со нешто поради што излегов од комфорната зона, да направам претстава што ќе ја играм сама, таканаречена монодрама, со феноменален текст. Многу имав трема. Но знаеш, кога си сигурен дека си направил нешто добро и нешто квалитетно и нешто што ќе трае, си имаш самодоверба, но сепак се случува таа позитивна, креативна трема што јас во текот на годините научив да ја амортизирам – открива Тијана.

За убавата балада „Најскапа“, таа вели дека не е лична приказна и нема посвета, туку е универзална приказна, затоа што секоја трета жена и секој трет маж се соочил со тажна љубовна приказна. Тијана вели никогаш не испеала конкретно женска песна. За неа, ова е тешка љубовна приказна, тажна, но со среќен крај. Сега снима нови песни и вели дека, како текстописец, го „позајмила“ маестро Коста Петров, кој пишува одлични текстови на српски јазик. Тој во моментов работи со Тамара, а Тијана го „позајмува“ за три нови песни. И нејзиниот син Вук учи во средно музичко училиште и е популарен во музичката продукција кај неговата генерација.

– Вук е музички талентиран, популарен и успешен во музички продукции, во таа заедница што ја прави таа музика и што ја слуша таа музика. Во прашање е електроника што во моментов ја слушаат млади на негова возраст. Во прашање е фонк. Со тоа се занимава, тоа во моментов го прави и убаво му е. Во училиште е одличен. Мислам, добро дете е, „љуби га мајка“. Мислам дека Милан и јас добра работа завршивме. А за пубертетските промени кај Вук, тоа треба да помине, треба да се истурка, да се преживее. Нека си е жив и здрав, и нашите родители се соочувале со слични ситуации, па сега, знаеш, секој втор ден само ќе кажеш: „Ај нека е жив и здрав“. Во нашиот дом нема „добар или лош полицаец“. Некогаш сум ја лошата, Милан добриот, некогаш е Милан лошиот, јас добрата. Мора да има баланс во сè, па и во таа работа мора да има баланс – вели Тијана и додава дека нема рецепт за добар брак.

Тијана Дапчевиќ со сопругот Милан и синот Вук/Фото: Приватна архива

Го споменува и искуството на своите родители, кои се долго време разведени и се во одлични односи и за тоа што научила од тоа искуство.

​– Од искуството на моите родители научив дека треба да се комуницира со брачниот другар. Тој треба да ти биде буквално твојата втора половина. Значи, ако не го делиш со него сето она што те мачи и она што те радува, и добро и зло, и ако нема љубов, не може да опстане. И ние ја имавме таа среќа, Миле и јас, да се засакаме од првиот момент и таа љубов нè одржува и понатаму. Инаку, на 28 април ќе славиме 25 години од брак, сребрена свадба – вели пејачката и актерка.

За крај на муабетот со Тијана ја оставивме нејзината 10 години помала сестра Тамара Тодевска, за која многупати има кажано: „Кога бев мала, сите добиваа кукли, јас да добив Тамара“.

–​ Со Тамара сме слични во разни ситуации. Во работата сме темелни, кога нешто ќе почне да се работи, тоа мора до крај да се истера. А, различни сме во тоа што Тамара е поизбувлива, а јас сум посмирена. Мене ме научил животот и малку поголемото искуство да знам да повлечам рачна кога треба. Инаку, и двете сме исто воспитани, битно ни е семејството да го држиме заедно, да одржуваме контакти, да се негуваме. Такви сме. И не само ние да се негуваме, туку да ги негуваме и пријателите. Различни сме во тоа што кај мене сè треба биде под конец. Кај Тамара никогаш ништо не се знае каде е – ни рече Тијана.

Тијана и Тамара/Фото: Приватна архива

Кога нема ангажмани, Тијана најмногу сака да шета во шумата што е на 50 метри од нејзиниот стан во Белград, блиску до стадионот на Црвена ѕвезда.

– Кога ништо не правам претежно сум дома, чистам, имам опсесивно компулсивно растројство, (се смее), постојано нешто организирам. Значи, кога ништо не правам, чистам, гледам серии и филмови, читам, шетам во Бајфордовата шума со моето куче Баџоле – вели Тијана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот