Марин Гавриловски, автор на романот „Златниот ангел“ / Фотографија: Слободен печат / Методи Здравев

Интервју со Марин Гавриловски, трагач по загубената тајна: „Златниот ангел“ како македонска верзија на „Кодот на Да Винчи“

Мистерија, историја, потрага, имагинација, заплет и расплет содржи првиот роман на адвокатот Марин Гавриловски, кој инспириран од делото „Кодот на Да Винчи“ одлучил „да заплива во некои други води“ и да го напише своето прво книжевно дело.

Писателите често знаат да кажат дека пишуваат такви книги какви што сакаат да прочитаат. Истото се однесува и на луѓето што професионално не се директно поврзани со книжевноста, но сакаат да напишат своја книга.

Марин Гавриловски е долгогодишен адвокат, специјализиран во областа на интелектуалната сопственост. Повеќе години пишува колумни за „Слободен печат“, актуализирајќи разни теми од областа на функционирањето на државата и општеството, но и теми што задираат во меѓународните односи, политиката и историјата.

Книгата „Златниот ангел“ е негов прв роман напишан во текот на 2025 година, кој е во издание на издавачката куќа „Топер“ од Скопје. Својата промоција пред македонската читателска и општествена јавност романот ќе ја има на Саемот на книга од 23 до 29 април годинава. Пред книгата да стигне до своите читатели, со Марин Гавриловски ги откриваме неговите лични мотиви да го напише своето прво книжевно дело.

Деновиве од печат излезе вашиот прв роман со наслов „Златниот ангел“. Со каков мотив одлучивте да го напишете делото?

– Живееме во тешки времиња. Опкружени со војни, епидемии, економска нестабилност, немаштија, зголемено насилство и криминал. Луѓето се несреќни, потиштени, на некој начин разочарани од сегашноста, без надеж дека иднината ќе биде подобра. Целата оваа констелација се одрази и на начинот на кој и јас ги гледам настаните и процесите, како во нашето општество, така и пошироко.

Тоа ме наведе на помислата како да најдам начин на граѓаните да им овозможам еден вид „бегство“ од сивата и мрачна сегашност, а што би било подобро од тоа да се поттикне мечтата, имагинацијата, желбата за патување и истражување, па макар тоа било и во имагинарниот свет, кога веќе во реалниот многу работи ни се ускратени. Ете, првичниот мотив да почнам да го пишувам мојот прв роман беше тој, да му овозможам на потенцијалниот читател да се втурне во еден имагинарен свет на мистерии и потрага по загубената тајна, на некој начин да тргне во потрага по земјата Недојдија.

Романот излезе во издание на „Топер“ од Скопје

На почетокот посочувате дека делото е фикција, но во содржината има многу историски факти. Каков вид истражување направивте пред да го напишете делото?

– Ја сакам историјата. Може да кажам и дека аматерски ја проучувам. Ме фасцинира богатото наследство на нашиот народ, но и на поднебјето во кое се наоѓаме. Балканскиот Полуостров како своевидна раскрсница помеѓу Истокот и Западот секогаш бил поприште на големи историски настани, битки, походи, често менување граници и власти, основање и пропаѓање на големи империи и држави. Сето тоа, никого, а најмалку еден заљубеник во историјата, може да го остави рамнодушен. Токму затоа решив во „Златниот ангел“ да вметнам и да испреплетам голем број историски личности и настани, но, од друга страна, нив да ги интерпретирам и да ги преработам поинаку од она што може да го наречеме официјална историја, без притоа да претендирам на тоа дека, можеби, настаните во мојата книга навистина се случиле, напротив, нејзиниот имагинарен карактер, на некој начин ме ослободува од обврската на егзактен начин да докажувам дали одреден настан навистина се случил или не.

Впрочем, нели историјата ја пишуваат победниците, а со самото тоа тие се оние што на идните генерации во некоја историска читанка им ја соопштуваат вистината, но таа можеби некогаш и не кореспондира со она што навистина се случило. Големата временска дистанца, но и бројот на релевантни извори од далечното минато, исто така, ја отежнуваат работата. Затоа решив „да ја земам работата во свои раце“ и да создадам моја „вистина“, која, да повторам, исклучиво е дело на мојата имагинација.

Во ерата на поствистина во која живееме и во времето на забрзаниот подем на вештачката интелигенција, кои ја релативизираат стварноста, си ја дозволив слободата сам да си поиграм малку со вистината и нејзината интерпретација. Верувам, без притоа да му наштетам никому, туку напротив, секој читател да го поттикнам да ја разбуди својата имагинација и самиот да стане креатор на својата вистина, читајќи ја книгата и замислувајќи ги личностите што дефилираат низ времињата.

Во кој период и каде ја напишавте содржината, имајќи предвид дека дејството во романот почнува и завршува во Охрид?

– Често патувам во Охрид, но и во Белград и во Софија. Можам да кажам дека овие три града релативно добро ги познавам и во сите нив се чувствувам пријатно. Но, поголемиот дел од книгата го напишав во Скопје, во текот на 2025 година. Сепак, мали делови од книгата напишав и во Белград, Виена и во малото место Селца на јадранскиот остров Брач.

За жал, работните обврски не ми дозволија романот да го напишам онака како што планирав. Мојата првична идеја беше да се изолирам неколку месеци и целосно да се посветам на пишувањето, но како што реков, тоа беше невозможно, па обично чекав да се смири сè околу мене, домашните да отидат на спиење, жагорот од улиците да стивне и во мирот на ноќта да можам да ѝ се посветам на мојата потрага по „Златниот ангел“.

Дејството во романот паралелно се одвива во повеќе историски времиња. Со каква намера ги преплетувате времињата?

– За да ја направам приказната поинтересна, се разбира. Ако, на пример, ви посочам дека во неа се среќаваат Свети Наум Охридски, Хју де Пејен – првиот голем мајстор на Витезите Темплари, Јосип Броз Тито, југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ, прочуениот холивудски актер Орсон Велс, ќерката на поранешниот бугарски диктатор Тодор Живков – Људмила Живкова итн., не верувам дека ќе има некој што не би посакал да провери и да види во кој контекст сите овие личности може да се поврзат и што е тоа што ги испреплетува нивните судбини.

Во суштина, станува збор за роман-потрага. Колку духовното наследство на овие простори ве поттикна на оваа книжевна потрага во неколку градови од регионот?

– Секако, тоа беше клучно при градењето на дејствието и морам да признаам дека воопшто не е тешко да се изгради приказна кога имате толку многу историја на едно релативно мало парче земја, туку потребно е само тоа добро да се зачини со имагинација и како резултат да се добие една невообичаена потрага.

Читателите многу добро знаат дека како резултат на завојувањата и честата промена на границите, голем дел од историските артефакти што потекнуваат од Македонија сега се наоѓаат во збирките на странски музеи, претежно во земјите од нашето непосредно соседство. Така, трагајќи по тајната скриена во „Златниот ангел“, читателите ќе може да откријат уште многу други „тајни“ што за повеќето од нив биле непознати, како, на пример, каде се наоѓа круната на охридските архиепископи, од каде е иконата на Исус Христос во олтарот на капелата Св. Андреа во Дворскиот комплекс на Дедиње, чиј гроб се наоѓа покрај Белиот дворец и слични.

Дали некои од ликовите што се споменуваат во романот постоеле и во реалниот живот?

– Да. Дел од ликовите се инспирирани од луѓето што на еден или друг начин продефилирале низ мојот живот. Ликот на Ана, да речеме, или, пак, ликот на академик Цветан Лихнидски. Но, тоа не се изградени ликови пресликани од реалниот свет, туку повеќе карактеристики и особини на личности што сум ги среќавал и со кои сум се дружел во мојот живот.

На пример, сите оние што добро ме познаваат, кога ќе прочитаат за стравот од летање на еден од ликовите во романот, секако ќе ме препознаат мене. Секако, ова не е ниту автобиографски роман, ниту, пак, со него се обидувам да пишувам за одредени личности од мојот живот, туку, како што реков, само да земам дел од нивните карактеристики и особини што сум ги запомнил, а ми изгледале интересни и на некој начин да им ги „налепам“ на имагинарните ликови во книгата.

Какви наслаги на денешниот живот создава културното и духовното наследство на овие простори?

– За жал, од историјата не ги извлековме поуките. Блиското минато во кое во крвава војна се распадна поранешната Југословенска Федерација е потврда за тоа. Ние дури и од тоа не извлековме поука, бидејќи и сега одделни политички моќници од регионот, за сега само во своите изјави, „ѕвечкаат со оружје“, користејќи го национализмот (сè уште) како дрога со која може да го манипулираат граѓанството.

Мојата книга, за разлика од политичарите што по принципот „раздели па владеј“ сакаат да ја задржат власта во свои раце што е можно подолго, а воедно да го спречат зближувањето помеѓу народите на Балканот, кои бездруго се братски народи, го има за цел токму спротивното. Преку спојувањето на Охрид, Софија и Белград, на симболичен начин сакам да ги зближам народите, културите, јазиците и граѓаните поединци на Балканот.

Мојата цел е оваа книга да се преведе и на бугарски и на српски јазик за да се приближи и до нашите соседи и да биде мост за зближување, а не на поделба. Тука можеби ќе биде стереотипно да се спомене мислата на Гоце Делчев (уште една личност што со своето космополитско однесување и дејствување треба да нè зближува, а не да нè дели, и чие име, исто така, се споменува во мојот роман), за „светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“, но никогаш не е доволно во светот на денешната сурова реалност, уште еднаш да се спомене синтагмата што внесува позитивна енергија и порака за зближување.

Марин Гавриловски е адвокат во областа на интелектуалната сопственост и колумнист на „Слободен печат“ / Фотографија: Методи Здравев

По професија работите во сосема друга област. Какво чувство ви откри влегувањето во книжевниот свет?

– Голема инспирација при пишувањето на мојот прв роман „Златниот ангел“ ми беше Ден Браун и неговото најпознато дело „Кодот на Да Винчи“. Доколку ја прочитате неговата биографија, ќе може да забележите дека тој по професија бил пејач, композитор и пијанист. Преселувањето во Холивуд и читањето на книгата „Заговорот од судниот ден“ од Сидни Шелдон биле пресудни Браун да ја смени својата професија и на задоволство на неговата милионска публика, да почне да пишува романи.

Читањето на „Кодот на Да Винчи“ и еден разговор со нашиот познат режисер Милчо Манчевски, покрај мотивот споменат во одговорот на моето право прашање, беа пресудни и јас да помислам дека и покрај тоа што сум адвокат по професија, можам, барем накратко „да го сменам дресот“ и „да запливам во некои други води“. Можеби и затоа, потајно посакувам читателската публика во Македонија, но и во регионот, „Златниот ангел“ да ја препознаат како балканска верзија на „Кодот на Да Винчи“ и којзнае, можеби еден ден и таа да се појави на големиот екран.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 327, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот