Д-р Елена Манолева Николовска, педијатар / Фото: Приватна архива

Интервју со д-р Елена Манолева Николовска, педијатар: Децата инфицирани од стрептокока креваат температура и до 40 степени

Извор на инфекцијата може да биде дете или возрасно лице што боледува од стрептококна инфекција на ждрелото, тонзилите или кожата, како и здрави бацилоносители што ја имаат бактеријата во ждрелото, но немаат симптоми на болест.

Болките во грлото и воспалението на ждрелото и на крајниците (фарингитис и тонзилитис) се чести и вообичаени детски болести, кои можат да бидат предизвикани од различни вируси и бактерии. Голем број вируси може да се јават како предизвикувачи на воспаление на горните респираторни патишта вклучително и на ждрелото и на крајниците. Сепак, 20 отсто од воспаленијата се предизвикани од бактерии и една од најчестите причини за појава на фарингитис и тонзилитис се оние предизвикани од Streptococcus pyogenes gr. A или Streptococcus B-haemoliticus од група А.

Streptococcus pyogenes, исто така познат како Streptococcus pyogenes од група А и бета-хемолитичен стрептокок од група А, се грам позитивни бактерија со или без капсула во својата градба. Карактеристично за овие бактерии е тоа што лачат голем број различни видови токсини, кои се причина за појава на различни клинички форми на болест на различни органи и/или органски системи (стрептококен фарингитис, ревматска треска, ревматска срцева болест, шарлах, постстрептококен гломерулонефритис). Најзначајни се еритрогениот (Диков токсин) кој е причина за појава на карактеристичен осип по кожата во случај на скарлатина. Понатака стрептолизин О-токсин, стрептолизин С, стрептокиназа, хијалоронидаза и други егзо токсини, вели м-р д-р Елена Манолева Николовска, специјалист педијатар.

Што може да биде извор на инфекција, како се пренесува и колку трае инкубацискиот период на болеста?

– Извор на инфекцијата може да биде дете или возрасно лице што боледува од стрептококна инфекција на ждрелото, тонзилите или кожата, како и здрави бацилоносители што ја имаат бактеријата во ждрелото, но немаат симптоми на болест.
Се пренесува по пат на капки преку кивање, кашлање или плунка од заразен, како и преку контакт со заразена кожа, контаминирани предмети или раце. Инфекциите се најчести во доцна зима и рана пролет, а поретко во есен. Најмногу погодени се децата на возраст од 2 до 10 години. Инкубацијата на болеста е кратка и трае околу 2-5 дена.

Кои се симптомите на стрептококни инфекции?

– Симптомите на стрептококните инфекции може да варираат во зависност од видот на инфекцијата. Во случаи на фарингитис и тонзилитис, симптомите обично почнуваат одеднаш и вклучуваат нагла појава на болно грло, зголемена телесна температура најчесто над 38,5-40 степени Целзиусови, треска, главоболка, болка во грлото, малаксаност, јазик што наликува на јагода по изгледот и/или отечени лимфни јазли на вратот. Кај децата многу често покрај овие симптоми може да се појават и други општи симптоми на болеста како гадење, нагон за повраќање (со или без повраќање) и болки во стомакот. Овие симптоми се предизвикани од директната инвазија на бактеријата во грлото и воспалението што го предизвикува на ткивата во грлото. Воспалението може да биде локализирано само во крајниците или ждрелото, но во потешки случаи може да се прошири и во околните ткива и да предизвика појава на перитонзиларен апсцес. При инфекции на кожата покрај појава на еризипел, бактеријата може да се прошири и во подлабоките слоеви под кожата, да предизвика појава на некротизирачки фасциитис, и во најтешки случаи токсичен шок синдром кога нема навремено третирање на инфекција.

Покрај ваквата директна инвазија во ткивото, оваа група бактерии може да предизвикуваат болести по имунолошки пат, кога организмот создава антитела кон токсините што ги лачат одредени соеви од овие бактерии. Најчеста од нив е појавата на шарлах (скарлатина), каде што покрај горенаведените симптоми на инфекција на грлото, се појавува карактеристичен осип по телото првенствено на вратот, трупот и екстремитетите, а најчесто во пределот на аксилите, горниот дел од трупот и долниот дел од абдоменот и внатрешната страна на бедрата. Осипот е црвен, ситно точкест, густ, кожата е дифузно зацрвенета и на допир е рапава со присуство на ситни папули. Под дејство на токсините можна е и појава на ситно точкести крвавења на слузокожата на ждрелото и на ресичката во усната празнина, ситно точкести крвавења под кожата, перутање на кожата на трупот и на лицето, како и лупење на кожата, најчесто на дланките и на стапалата, по прележување на болеста. Други значајни постинфективни последици настанати преку имунолошки начин на одговор на организмот кон токсините на бактеријата се акутната ревматска треска и постстрепткокен гломерулонефритис.

Како се лекуваат стрептококните инфекции и колку трае третманот?

– Streptococcus pyogenes од група А и бета-хемолитичен стрептокок од група А се бактерии чувствителни на пеницилин. Главната цел на третманот е искоренување на бактеријата од грлото и спречување појава на компликации од инвазија на бактеријата локално или под дејство на нејзините токсини. Во случаи на алергија на пеницилин, бактеријата се лекува со антибиотици од групата на макролиди. Времетраењето на лекувањето е 10 дена.

Што се препорачува за превенција од стрептококните инфекции? На што особено треба да се обрне внимание?

– Во превенција и спречувањето на ширењето на стрептококните инфекции најважно е правилно одржување хигиена на рацете на децата, редовна хигиена на просториите каде што престојуваат децата, дезинфекција на предметите со кои си играат децата како и избегнување близок контакт со луѓе што се болни. Превенција за одржување хигиена на предметите и на играчките со кои си играат децата се однесува и на предметите во домот, но уште повеќе и на оние во градинките каде што можноста за пренос на инфекциите е многу поголема и каде што поради лоши хигиенски услови можно е брзо ширење на болеста во колективот и појава на епидемија на стрептококни фарингити и тонзилити, како и појава на шарлах и други токсични компликации, кои понатаму може да доведат до посериозни последици врз здравјето на децата и идните возрасни индивидуи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот