Интервју со Хаџиевска: Државата не е подготвена да ги поддржи истражувачите

Како независен истражувач, Хаџиевска се среќавала со ниската достапност на изворна документација, проследена со архивска неорганизираност. Од една страна, смета Хаџиевска, овие институции се доживуваат како „национални светии“, а од друга, токму научните истражувања, кои треба да донесат нови аргументи за „историографскиот мегдан“, овде се одвиваат многу бавно.

Државата не е подготвена да ги поддржи истражувачите, бидејќи институциите кои се надлежни да го направат тоа се длабоко еродирани од партизација и непотизам, и согласно на тоа, заинтересирани се ништо суштински да не се промени.

Ивана Хаџиевска е историчарка и независен истражувач, која живее во Битола. Своите магистерски студии ги завршила на Филозофскиот факултет во Скопје, а дипломирала на Институтот за историја на истиот факултет. Добитничка е на наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија, како студент на генерацијата и на Признанието на УКИМ за остварен особен успех во студирањето. Нејзиниот истражувачки интерес се однесува на социјалната историја, историјата на жените на Балканот и политиките на меморија. Моментално работи на проекти кои го поврзуваат нејзиното научно поле со инклузивна едукација и активизам во заедницата. Нејзиниот „втор дом“ во хуманистиката се филмот и филмските студии, бидејќи таа верува дека филмот е просторот во кој 20 век е тесно вткаен. Како филмофил и истражувачка, најголема е веројатноста да ја сретнете низ библиотеките или кината.

Со какви неочекувани предизвици како истражувач на историјата на жените сте се соочиле? Своевремено забележавте дека „ако некој истражува историја на жените, не се очекува да има мислење на „поважни теми“.

– Со својата изјава сакав да посочам кон една (универзална) појава, за која детално зборува и Миранда Фрикер, американски филозоф, а тоа е епистемолошката неправда кон капацитетите за знаење на историски маргинализираните групи. А во однос на предизвиците со кои се соочуваат жените истражувачи, направени се повеќе квантитативни и квалитативни истражувања, кои укажуваат на постоењето на „родова класификација на професионализмот“ (gendering of professionalism), од која не се имуни ни академските средини и институции, кои нели, идеално и романтичарски опстојуваат во свеста како места на знаењето, на „убавината, правдата и вистината“. Сепак, не треба да се забораваат и постојано да се освестуваат две работи: местата на знаење и образование, не се „свети“ места, туку простори во кои се артикулира моќ и симболички, политички и социјален капитал; другото е тоа што истражувачот секогаш пишуваат условени од својот простор, време, но и тело. Тоа значи дека истражувачите секогаш треба да бидат критички настроени кон непишаните, но опипливи, хиерархии на „важни“ и „помалку важни теми“, но не за да создаваат нови епистемолошки хиерархии, туку да се водат од сензибилитетот кој сака хуманистичкото да го истражува онтолошки и во повеќе димензии.

Поради вашата истражувачка работа, најчесто може да ве сретнеме во библиотеките. Но, колку ви се достапни државните институции, Архивот, кога ви се неопходни специфични материјали за вашите научни трудови? Колку државата е подготвена да ги поддржи жените истражувачи?

– Како истражувач од полето на социјалната историја и историјата на жените, се имам сретнато со ниската достапност на изворна документација, проследена со архивска неорганизираност и административен хаос. Од една страна, овие институции се доживуваат торжествено како „национални светии“, а од друга страна, токму научните истражувања кои треба да донесат нови аргументи за „историографскиот мегдан“, овде се одвиваат многу бавно, непрофесионално, со исклучоци, кои само го докажуваат правилото, на она што Силвија Федеричи го нарекува „балканизација на академијата и истражувањата“ – процеси на намерно неинвестирање и цепкање на научните установи. Повеќе локални одделенија на Државниот архив, немаат историски кабинет, или имаат големи и вредни библиотеки, но тие не се функционални за корисниците. Од друга страна, толку потребните специјализиран кадар и дигитализација, повлекуваат финасии што ги нема за овие институции. Голема штета е предизвикана и со преместувањето на Државниот архив во Скопје од стандардизираната зграда, што предизвика големи предизвици во работата, особено на младите и независни истражувачи. Државата не е подготвена да ги поддржи истражувачите, бидејќи институциите што се надлежни да го направат тоа се длабоко еродирани од партизација и непотизам, и согласно на тоа, заинтересирани се ништо суштински да не се промени. Токму тоа е „сонот на разумот кој раѓа чудовишта“. Од друга страна, многу ме радува што забележувам нови форми на женско поврзување во научното поле, низ мрежи за менторирање и регионална соработка, како и соработка помеѓу жени научници од Македонија кои работат во други средини, надвор од земјата. Нивниот ангажман освен научен, има и општествен и политички потенцијал, кој се генерира токму како реакција на споменатите предизвици.

Ме радува што забележувам нови форми на женско поврзување во научното поле, низ мрежи за менторирање и регионална соработка, како и соработка помеѓу жени научници од Македонија кои работат во други средини, надвор од земјата.

Сметате ли дека многу наши жени истражувачи, научници, изумителки и слично, низ историјата не добиле доволно внимание токму поради тоа што биле жени во „погрешен“ историски момент? На кои од тие наши жени, според вас, денес би требале да им се оддолжиме одново разоткривајќи ги?

– Би сакала да одговорам на ова прашање на еден мета-начин, зборувајќи за историографската дејност на една од најважните историчарки за македонската женска историја, а тоа е Вера Весковиќ-Вангели. Всушност, во нејзиниот огромен авторски опус, поставени се темелите за основно запознавање со голем број жени од историјата на Македонија, особено од 19 и 20 век. Од друга страна пак, факт е дека допрва новите генерации истражувачи ќе треба да создадат нови студии во кои историјата на жените и женските биографии ќе се погледнат низ призмата на современите хуманистички науки и теоретски пристапи, бидејќи засега немаме такви. За мене е многу интересно препосетувањето на биографиите низ современите пристапи. Еве, ќе ја земам за пример фасцинантната улога на српската класичарка и социјалистка Аница Савиќ Ребац (1892-1953) во културниот живот во меѓувоено Скопје. Воедно, била и првата жена вработена како професорка (за класична филологија) на Филозофскиот факултет во Скопје. Меѓутоа, она што навистина е фасцинантно, е нејзината културна улога во испреплетувањето на глобалните со локалните наративи низ нејзината јавна дејност: како писателка и колумнистка за бројни европски весници, таа одржувала кореспонденција со Томас Ман и застанала во јавна одбрана на интелектуалците кои заминале од Германија заради нацизмот. Понатаму, стапила во комуникација со британската патописна авторка Ребека Вест, која заинтригирана од Аница Савиќ-Ребац за народните женски обичаи и ритуали низ Југославија, го научила локалниот јазик и допатувала до Македонија, каде што заедно со Аница Савиќ-Ребац го посетиле местото Говедар Камен во Овче Поле, значајно за мештаните како камен на плодноста, и според тезата на Светлана Слапшак, овие жени ја вовеле дисциплината историска антропологија.

Кои се координатите на женската борба во Македонија, односно што имало пред АФЖ?

– Ова прашање отвора интересна и комплексна тема од националната историја на Македонија, а одговорите, срочени сепак во поголеми научни истражувања, може да придонесат за расветлување на социјалните аспекти од животот, не само на жените, туку општо на населението на овој простор, и да ја збогатат историографската дебата со добри аргументи за процесите на национална изградба. Во литературата се користи терминот „двојно наследство на женските движења на територија на Југославија“, со кој се поврзуваат „координатите“ помеѓу женските организации кои биле активни пред и во меѓувоениот период, и комунистичките женски организации што се јавуваат низ класната борба и низ партизанското движење се слеваат во Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Тука ми е важно да посочам во старт кон две замки што треба да се избегнат: прво, погрешна е тезата дека феминизмот на просторот на Југославија „доаѓа“ или е „увезен“ од западот во 90-те години; и исто така, погрешно е да се гледа реликтно врз историјата на АФЖ, како да се развивал во вакуум, вон останатите, буржоаски форми на женски движења. Иако станува збор за контрадикција, мора да се сфати дека контрадикциите се читаат во синтетички историски контекст, во спротивно би имале нецелосна слика за процесите. Кога зборуваме за женско движење во меѓувоениот период, не се работи за некаков монолит, туку за различни струи на разбирање на правците на женската еманципација, најчесто од жени од средната и високата класа, на различни страни од идеолошкиот спектар: од националистички колонијални мисионерки кои дејствувале на територија на Вардарска Македонија, како „Коло српских сестара“, до разни ситно-буржујски хуманитарни друштва каде што жените имале висока дејствителност, до економски „потребителни задруги“ со класен предзнак, какви што имало во Битола и Скопје во 40-те години, каде што жените ги стекнувале првите синдикални искуства. Разликата помеѓу нив е во тоа што првите, буржоаските феминизми, се во константен идеолошки флукс и немаат заедничка одредница за женската борба и нејзините задачи, а кај вторите, т.е. кај АФЖ, еднаквоста помеѓу половите е зададена како комунистички претпоставен предуслов и јасно и експлицитно се поставени задачите кон „решавање на женското прашање како класно прашање“, барем во првите повоени години, што резултираше со важни правни и законски регулирања на социјалните прашања, правото на абортусот и социјализацијата на репродукцијата, како и учеството во државната управа и секако правото на глас во 1945 година.

Американската новинарка Сузан Фалуди, одлично ја аргументира тезата дека по секоја една извојувана борба на женското движење, следува широка реакција, која се бори да го врати поредокот назад.

 

Вчера се одбележа меѓународниот ден на жената, 8 март. Колку и зошто денот на жената изгуби од своето суштинско значење кај нас, прославувајќи се речиси на сличен начин како Свети Валентин?  

– Американската новинарка Сузан Фалуди, одлично ја аргументира тезата дека по секоја една извојувана борба на женското движење, следува широка реакција, која се бори да го врати поредокот назад. Капитализмот тоа го прави низ апропријација на феминизмот и „аслимилациите“ на вистинското значење на празникот, коишто Вие ги наведувате во прашањето. Сепак, кај нас, мора да се спомене дека постојат активисти/-ки, колективи, како и мнозинство жени и мажи кои се свесни за овој проблем и го враќаат фокусот на вистинското место. Доколку генезата на историскиот 8 март се наоѓа во класната и работничката борба на жените во индустријата во САД и Европа, тогаш денес овој празник добива нови генерички значења низ современите масовни побунувања, како протестите на жените во Мексико против фемицидите, на земјоделките во Индија, на жените во Полска за репродуктивните права и она што моментално го следиме во нашиот регион – раскринувањето на системот кој нормализира сексуално вознемирување во приватната и јавната сфера.

ФОТОГРАФИИ: Драган Митрески

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот