Бојан Стоилковски и Бојан Ковски/Фото: Приватна архива

Бојан Стоилковски, фотограф: Скопје изгледа филмски низ мојот објектив, а Бела Хадид би била совршен модел

Скопје ми е посебно за фотографирање затоа што има уникатен спој на различни атмосфери, архитектура и енергија.

Младиот фотограф Бојан Стоилковски, препознатлив по својот модерен и кинематографски израз, постојано ги поместува границите помеѓу фотографијата, видеографијата и современата уметност. Неговата најнова соработка со уметникот Бојан Ковски, изложбата „Декада на трансформации“, отвори ново визуелно поглавје на домашната сцена, спојувајќи боди арт, голо тело, видеоинсталации и силна емоција во едно уникатно доживување.

Во разговорот за „Слободен печат“ Стоилковски открива како започнала неговата љубов кон фотографијата, што го инспирира, како изгледа креативниот процес зад објективот и зошто верува дека македонската уметност може да застане рамо до рамо со светската сцена.

Бојан Стоилковски и Бојан Ковски/Фото: Приватна архива

За почеток, заедно со уметникот Бојан Ковски работевте на изложбата „Декада на трансформации“. Тој работи со голо тело и боди арт, а ти фотографија. Како настана идејата за заедничката изложба и што ве спои како уметници во овој проект?

– Со Бојан се познаваме многу години и зад нас има повеќе успешни соработки, па целата идеја за оваа изложба дојде многу природно. Идејата беше негова, да создадеме изложба што ќе биде поразлична од претходните и наместо класичен пристап, да вклучиме видеоинсталации и поинакво визуелно доживување. Многу лесно се договоривме, седнавме на една пијачка и буквално за дваесетина минути се роди инспирацијата и концептот за целиот проект. Она што нè спои како уметници е сличниот сензибилитет и желбата постојано да експериментираме и да поместуваме граници во визуелната уметност. Од моја страна, сакав фотографијата и видеографијата да бидат на чиста и едноставна позадина, за целиот фокус да остане на сликање на голо тело и самото дело да дојде во прв план, без заднината да одзема внимание. Бидејќи, покрај моделите, главниот фокус на целиот проект беше токму боди арт и трансформацијата што ја носи.

Фото: Приватна архива

Колку оваа уметност и соработка беше предизвик за тебе и какво искуство ти донесе?

– Сакавме публиката кога ќе влезе во просторот, да почувствува дека уметноста нема граници. Идејата беше да покажеме дека и во Македонија можат да се создаваат изложби и визуелни искуства кои се на ниво на светската сцена. Преку видеоинсталациите, боди артот, и видеографијата, сакавме да создадеме импресивна атмосфера каде уметноста не е само нешто што се гледа, туку нешто што се чувствува.

Главната идеја беше да го оживееме сликањето на тело и да му дадеме нова димензија, па затоа се одлучивме за видеоинсталации што му даваат движење, емоција и живот на самиот концепт.

Оваа соработка беше голем креативен предизвик затоа што спои различни форми на уметничко изразување и бараше целосна посветеност на процесот. Ми донесе ново искуство и ми покажа колку силно може да влијае уметноста кога повеќе медиуми функционираат како едно. Воедно, ме натера да излезам од комфорната зона и повеќе да експериментирам со атмосфера, движење и емоција

Фото: Приватна архива

Како започна твојата љубов кон фотографијата?

– Мојата љубов кон фотографијата започна уште од најрани години, на околу шест-седум години. Постојано го земав апаратот на татко ми и со огромно воодушевување го истражував – од самиот апарат, до објективите и филмската лента што во тоа време беше дел од целиот процес. Тоа чувство на љубопитност и магија околу создавањето на една фотографија, уште тогаш ме привлече и со текот на времето прерасна во вистинска пасија и начин на изразување

Од каде најчесто добиваш инспирација за твоите фотографии?

– Инспирацијата најчесто ја добивам од секојдневието, емоциите и луѓето околу мене. Многу често инспирација ми се и филмовите, музиката, модата и визуелната уметност, бидејќи секој од тие елементи носи различна атмосфера и приказна. Сакам да набљудувам детали, светло, движење и моменти што на прв поглед изгледаат обични, а преку фотографијата добиваат сосема ново значење. Инспирација црпам и од светската фотографска и уметничка сцена, но секогаш се трудам во мојата работа да внесам лична емоција и автентичен стил.

Фото: Приватна архива

Што е најважно за една добра фотографија според тебе?

– Според мене, најважно за една добра фотографија е да пренесе емоција и приказна. Техниката и опремата се важни, но многу поважно е фотографијата да има чувство и момент што ќе го задржи вниманието на човекот. Добрата фотографија треба да предизвика реакција – без разлика дали е тоа емоција, размислување или инспирација. Исто така, многу важни се светлото, композицијата и атмосферата, бидејќи токму тие елементи ѝ даваат живот на фотографијата

Колку тимот (шминкер, стилист, модел) влијае врз конечниот резултат?

– Тимот има огромно влијание врз конечниот резултат, бидејќи добрата фотографија е секогаш колективна енергија и заедничка визија. Шминкерот, стилистот, моделот и фотографот – секој носи свој дел од креативноста и токму таа поврзаност го создава финалниот изглед на проектот. Кога има добра комуникација и доверба помеѓу тимот, многу полесно се создава атмосфера во која сите придонесуваат со идеи и емоција. Според мене, најсилните проекти се оние каде што целиот тим функционира како едно.

Што го прави Скопје посебно за фотографирање?

– Скопје ми е посебно за фотографирање затоа што има уникатен спој на различни атмосфери, архитектура и енергија. Во еден ист град можеш да пронајдеш урбани локации, бруталистичка архитектура, стари улички, модерни простори и природни пејзажи, што дава огромна слобода за креативност. Особено ме инспирира контрастот што го има градот, помеѓу старото и новото, динамиката и секојдневните моменти кои често изгледаат филмски низ објектив. Сметам дека Скопје има многу неискористен визуелен потенцијал и токму тоа го прави интересно за фотографирање.

Фото: Приватна архива

Дали планираш интернационална кариера и каде се гледаш во иднина?

– Секако дека планирам интернационална кариера и можам да кажам дека веќе активно работам на проекти надвор од Македонија. Како последни би ги издвоил проектите што ги реализирав во Дубаи, кои беа големо и значајно искуство за мене, иако поради NDA договори не можам да откривам повеќе детали. Освен тоа, сум работел и на проекти во Мексико, САД, Германија и Србија, што ми овозможи да запознаам различни пазари, продукции и начини на работа.

Во иднина се гледам како фотограф и креативец што работи на уште поголеми меѓународни проекти, соработува со светски брендови и создава визуелни приказни што ќе бидат препознатливи и надвор од Балканот. Но, истовремено, секогаш сакам дел од таа енергија и искуство да го носам назад тука и да придонесам за развојот на креативната сцена во Македонија.

Со кои светски личности би сакал да соработуваш и зошто токму тие?

– Би сакал да соработувам со личности што имаат силен визуелен идентитет и оставаат впечаток не само преку тоа што го работат, туку и преку енергијата што ја носат. Ме привлекуваат артисти и креативци што постојано ги поместуваат границите во музиката, модата и визуелната уметност. На пример, би било интересно да работам со Викенд поради неговата кинематографска естетика и атмосферата што ја создава во секој проект. Исто така, Бела Хадид, бидејќи има силна модна експресија и одлично се вклопува во висока мода и едиторијал концепти. Од фотографите и режисерите, многу ме инспирира работата на Дејвид Лашапел поради неговиот уникатен визуелен стил и начинот на кој создава уметност што изгледа надреално. Сметам дека соработката со вакви луѓе не е само професионално достигнување, туку и можност за креативен раст, размена на идеи и создавање проекти што оставаат силен визуелен впечаток.

Како фотографијата ти влијае врз животот емоционално и лично?

– Фотографијата има огромно влијание врз мене и емотивно и лично, бидејќи преку неа најлесно се изразувам. Таа не е само работа или професија, туку начин на кој ги доживувам луѓето, моментите и емоциите околу мене. Преку фотографијата научив повеќе да набљудувам, да обрнувам внимание на детали и да гледам убавина и приказна дури и во најобичните моменти.
Исто така, ми помогна многу да созреам како личност, да запознаам различни луѓе, култури и начини на размислување. Секој проект носи ново искуство и нова емоција, а токму тоа ме мотивира постојано да создавам и да се развивам. На некој начин, фотографијата стана дел од мојот идентитет и начин на живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот