Интервју со д-р Маја Кирјас, хирург-оториноларинголог: Зимата претставува совршена „бура“ од фактори што ги напаѓаат синусите
Студениот воздух предизвикува стегање на крвните садови во слузницата, а потоа реактивно нивно ширење, што доведува до оток, затнување на носот и нарушена вентилација на синусите.
Иако многумина ги поврзуваат синусните проблеми со пролетта и алергиите, во практика, како ОРЛ лекари (оториноларинголози), многу често гледаме дека токму зимските месеци носат уште потешки и поупорни воспаленија на синусите.
Препорачано
Синузитисот е воспаление на слузницата на параназалните синуси и најчесто настанува како компликација на настинка, грип или алергија. Може да биде акутен или хроничен и се манифестира со затнат нос, секрет од нос, главоболка, болка и притисок во лицето, намалено чувство за мирис и вкус, замор, а често и со лош здив и чувство на тежина во главата.
Во зима постојат повеќе фактори што истовремено ги напаѓаат носот и синусите, па затоа симптомите се поизразени и потешко поминуваат, вели примариус спец. д-р Маја Кирјас, хирург-оториноларинголог во ЈЗУ Универзитетска клиника за уво, нос и грло, Скопје.
Кои се најголемите тригери за воспалени и болни синуси? На што треба да внимаваат луѓето што имаат проблем со синусите?
– Во зимски услови, особено во загреани простории, воздухот станува сув. Сувиот воздух ја суши слузницата на носот, а секретот во синусите станува густ и леплив. Кога секретот не може нормално да се исцеди, се создава идеална средина за развој на бактерии и вируси, што води кон воспаление.
Навлажнувачите на воздух, проветрувањето и доволниот внес на течности имаат огромно значење за заштита на носната слузница.
Кај дел од луѓето, особено чувствителните пациенти, честите промени на атмосферскиот притисок во зима предизвикуваат болка и притисок во синусите. Синусите се воздушни шуплини и секоја нагла промена на притисокот може да создаде чувство на тежина, болка во челото, околу очите и образите.
Во зима повеќе престојуваме во затворен простор. Ќебињата, перниците и постелнината што стоеле во плакар со месеци собираат прашина и грини – силни алергени што ја иритираат носната слузница и ги влошуваат синусните тегоби.
Електричните греалки, радијаторите и клима-уредите го сушат воздухот. Слузницата станува почувствителна, полесно отекува и се затвораат природните отвори на синусите, што го отежнува нивното празнење.
Редовно проветрување може значително да помогне.
Кои се клучни фактори за превенција од синузитис?
– Исхраната во зима или празничната трпеза е богата со шеќери, алкохол и млечни производи, кои го поттикнуваат воспалението во организмот. Овие намирници можат индиректно да ги влошат синусните проблеми. Додека, пак, исхраната богата со зеленчук, овошје и антиоксиданти го зајакнува имунитетот и ја намалува склоноста кон инфекции.
Зимата е сезона на настинки и грип. Вирусите ја оштетуваат слузницата на носот, предизвикуваат оток и затнување, што лесно преминува во бактериски синузитис.
Квалитетен сон и зајакнувањето на имунитетот се клучни за превенција.
Кои се најефикасните мерки за зачувување на здравјето на носот и на синусите?
– Редовното користење спрејови и раствори за плакнење на носот претставува една од наједноставните, а воедно и најефикасните мерки за зачувување на здравјето на носот и на синусите. Со плакнењето механички се отстрануваат насобраната слуз, прашина, полен, бактерии и други алергени од носната шуплина. На овој начин се подобрува природната дренажа на синусите и се спречува задржување на секрет, што е клучен фактор за развој на инфекции.
Дополнително, редовното плакнење ја намалува концентрацијата на воспалителни честички на слузницата, со што се ублажува отокот и се олеснува дишењето. Кај пациенти со хроничен ринитис, алергии или чести синузити, оваа навика значително го намалува бројот на егзацербации и потребата од лекови.
Особено во зимските месеци, кога воздухот во затворените простории е сув поради греењето, слузницата на носот лесно се суши, станува чувствителна и подложна на микропукнатини. Навлажнувањето на слузницата со физиолошки раствори го зачувува нејзиниот заштитен слој и ја одржува нормалната функција на трепките што ги исфрлаат нечистотиите од дишните патишта.
Како влијае студениот воздух и ладниот ветар на синусите и како да се заштитат лицата што имаат проблем со синусите?
– Зимата претставува совршена „бура“ од фактори што ги напаѓаат синусите: сув воздух, вируси, затворени простории, прашина и ослабен имунитет. Затоа синузитисот во овој период често е потежок, подолготраен и поупорен. Изложеноста на ладен ветар претставува уште еден значаен, но често потценет ризик фактор за воспаленија на носот и на синусите. Студениот воздух предизвикува стегање на крвните садови во слузницата, а потоа реактивно нивно ширење, што доведува до оток, затнување на носот и нарушена вентилација на синусите. Кога оваа состојба трае подолго, се создаваат услови за задржување на секрет и развој на инфекција.
Заштитата на лицето со шал, капа или заштитна маска не е само прашање на комфор, туку и важна превентивна мерка. Со загревање на вдишаниот воздух и намалување на директниот удар на студениот ветер врз носот, значително се намалува иритацијата на слузницата и ризикот од воспалителни процеси во синусите и долните дишни патишта.
Одржувањето на оптимална влажност на воздухот во просториите, помеѓу 40 и 60 отсто, има клучна улога во заштитата на респираторната слузница. Премногу сувиот воздух ја оштетува природната бариера на носот, го забавува чистењето на честичките и го олеснува продорот на вируси и бактерии. Од друга страна, преголемата влажност создава услови за развој на мувла и грини, кои се силни алергени.
Затоа, балансираната влажност овозможува нормална функција на носната слузница, подобро дишење и помала зачестеност на инфекции, особено кај деца, хронични пациенти и лица со алергии.
Со комбинација од редовна хигиена на носот, заштита од студен ветар и одржување соодветна микроклима во домот, може значително да се намали ризикот од синузитис и да се зачува здравјето на дишните патишта во текот на зимата.
Навремената нега на носот, правилната хигиена на просторот и консултацијата со ОРЛ лекар при првите симптоми се најдобрата заштита од компликации.


