ИНТЕРВЈУ | Игор Кралевски: Третокласни странци им ги земаат местата на нашите деца, тренерите ни се слабо едуцирани
Игор Кралевски е име што им е добро познато на љубителите на македонскиот фудбал — поранешен македонски репрезентативец, кој зад себе остави одлична играчка кариера дома и во странство.
Препорачано
По завршувањето на играчката кариера, Кралевски своето драгоцено искуство го пренесуваше во младинските категории, работејќи во фудбалската академија при Фудбалската федерација на Македонија и Академијата на Вардар, но денес веќе не е активен во фудбалот. Сепак, останува длабоко поврзан со „најважната споредна работа во светот“ и внимателно ги следи случувањата, особено околу развојот на младите и состојбата во домашната лига.
Во интервју за „Спорт.ком.мк“, Кралевски отворено зборува за работата на Федерацијата, младинските категории, квалитетот на Првата лига и системските слабости на македонскиот фудбал, но и за својот личен поглед кон иднината на спортот и фудбалскиот пат на неговиот син Теодор.
Како ја оценувате работата на ФФМ под водство на Масар Омерагиќ?
Под водство на Масар има очигледни подобрувања и енергија за напредок на фудбалот во нашата држава. Со поставувањето на Пандев и Новески, ние како држава достигнавме едно повисоко ниво на популација како Федерација на европско ниво. Затоа што Пандев и Николче Новески беа најголемите амбасадори на државата во Европа и во светот. Со тоа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ паметно ги постави темелите на Федерацијата со поставувањето на двајцата фудбалери, а сега спортски работници. Според мене, во Федерацијата недостасува малку повеќе хемија и енергија на релација клуб-федерација, некако чувствувам како да недостига таа енергија и желба за убав фудбал, а со тоа и да се врати онаа публика од 80-тите и 90-тите години од минатиот век кога сите ние заедно со родителите одевме и посетувавме натпревар секоја недела. Треба да се помогнат и прволигашките и второлигашките клубови. Да се најде спонзор на лигата, да се најде телевизија која ќе ги емитува сите натпревари на едно високо ниво, се разбира со повеќе камери, а не како досега, со една камера пренесуваме фудбалски натпревар.

Што според Вас сè уште недостасува во функционирањето на Федерацијата?
На пример во Србија, фудбалската фецерација дава по еден милион евра на секој прволигашки клуб, им наметна на клубовите со тие пари задолжително да имаат терен на кој ќе имаат рефлектори, и во летните денови со високи температури да се играат натпреварите во вечерните часови и секој еден фудбалер ќе даде повеќе на теренот со квалитет, а така и натпреварот ќе биде поквалитетен. Како второ, спонзор на лигата. Во Србија тоа е „Моцарт“, која дава по 300-400 илјади евра годишно на секој прволигашки клуб. И се разбира ТВ-права — телевизијата Арена спорт ги откупува и за тоа им дава на секој клуб по 200 илјади евра. Затоа темелот на лигата во Србија е поставен и секако дека спортот и фудбалот во Србија е на многу повисоко ниво за разлика од кај нас.
Како ја оценувате моменталната работа на ФФМ со младите категории?
Најболната точка кај нас се младите категории. Мое видување е дека треба да се обрне многу повеќе на науката на фудбалот — по 15-годишна возраст ни недостасува и целосно е запоставена. Како второ и тренерите се многу слабо едуцирани. Кажете ми еден тренер од младинските категории во последните пет години што посетил некој семинар или камп на европските држави, каде што фудбалот е на високо ниво, односно е на врвот. И како трето, може и најважно, е недостатокот на психолози. Треба секој клуб до државава да има психолог, кој на тие генерации и фудбалери им е повеќе од потребен. Знаеме дека тие години децата влегуваат во пубертет и психологот е повеќе од потребен, како во клубовите, така и во младинските репрезентации.
Како го оценувате моменталниот квалитет на Првата македонска фудбалска лига?
Првата македонска фудбалска лига видно е размрдана и спортските работници што се одговорни во тој дел покажуваат желба да го кренат фудбалот и лигата на едно повисоко ниво. За жал, тоа не е возможно, бидејќи клубовите ни се многу сиромашни и стадионите и терените ни изгледаат очајно. Имаме клубови што едвај преживуваат, и само три квалитетни екипи: Вардар, Шкендија и Силекс. Со три екипи и два дерби-натпревари сакаме да имаме квалитетна лига и квалитетен фудбал? Ниту можеме да направиме квалитетна лига кај нас, а ниту со два квалитетни натпревари можеме да излеземе во Европа и да поминеме две кола, а камоли да избориме учество во групна фаза.

Што недостасува за да создадеме систем кој ќе произведува и продава играчи како клубовите во регионот?
Кај нас недостасува трпение за производство на домашни квалитетни фудбалери. Секој сопственик на клуб сака брз успех, а кога сакаш брз успех, одиш на искуство. Кога одиш на искуство, младите ги запоставуваме и не играат. И прашањето е јасно. Како ние да продаваме и произведеме наши играчи кога младите не играат во екипите и купуваме играчи од Аргентина, Бразил, Србија, играчи кои играле во трети, четврти ранг во тамошните лиги и ги заземаат местата и парите на нашите деца?
Вашиот син Теодор Кралевски доби повик од хрватската У19 селекција – дали има интерес и од македонска страна?
Мојот син Теодор беше повикан од Хрватската У19 репрезентација и тоа за него, и за мене, е голем успех, затоа што знаеме дека Хрватска е меѓу првите четири репрезентации во светот. Повикот одлично го искористи и се претстави во одлично издание. Теодор е вредно и многу паметно момче и е целосно посветен на фудбалот и учењето. Момче кое живее за фудбалот и за својата цел што ја зацртал. Да, има интерес и од нашата репрезентација. Секоја недела Николче Новевски го следи, му ги следи натпреварите и се слушаме барем еднаш-двапати месечно за да го доведе Теодор, тука во Македонија да игра во жолто-црвениот дрес.

Колку е реално да го видиме во дресот на Македонија?
Реално е, да, многу е близу да дојде и да заигра за нашата репрезентација, само треба внимателно со вакви деца и фудбалери што сакаме да добијат симпатии кон нашата држава и нашиот дрес. Теодор е пораснат во Сплит, има и македонски и хрватски пасош и секако дека и тој има желба да заигра за држава од каде што е роден и од каде што потекнува неговиот татко.
Дали му давате совети на вашиот син околу фудбалот и неговата играчка позиција?
Разговараме, се советуваме и двајцата, се обидувам да навлезам во неговите цели и желби и сака да му помогнат во делот на фудбалот и позицијата што ја игра, позицијата каде што ја поминав целата моја кариера.
Дали се гледате повторно активно во македонскиот фудбал?
Фудбалот е мојата љубов, мојот живот, фудбалот ми дал сè во животот.Јас сум вреден, искрен и способен човек, кој не се плаши од работа, човек кој е упорен и има зацртана цел. Сакам да ги пренесам моите искуства од Хајдук Сплит, искуствата од Русија, од даличниот Владивосток, моментите каде што јас како фудбалер бев успешен и сега да ги препознаам тие вредности и квалитети кај млади фудбалери. Се гледам, да, се гледам во фудбалот и би придонел многу за фудбалот, ама… доколку се намалат егата и суетите кај одредени луѓе спортисти и спортски работници.
Преземено од: Sport.com


