Интервју Ана Петровска за разрешувањето од ДИЖЗ: Чистките на неистомислениците не смеат да бидат принцип на работа на една демократска влада
Дека сум „персона нон грата“ во партијата, станав свесна уште лани кога се преговараше за новата коалиција, бидејќи не бев подобна за кадар во Владата. И тогаш претседателката Морачанин на ист начин ми забележуваше за сработеното како и сега. Тоа се нејзини лични перцепции, кои добија поддршка од структури во партијата, но за жал и од Владата, вели Петровска
Со одлука на Владата, Ана Петровска, кадар на ДОМ, завчера беше разрешена и покрај позитивните резултати што Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ги постигна и исчекорот и храбрите постапки што таа ги иницираше додека беше на чело на таа институција. Образложението од Владата за ваквиот потег, дека се работи за работно место резервирано за кадри од ДОМ, поради што лидерката на партијата Маја Морачанин има право да ја смени, негативно одекна во јавноста.
– Дека сум „персона нон грата“ во партијата, станав свесна уште лани кога се преговараше за новата коалиција, бидејќи не бев подобна за кадар во Владата. И тогаш претседателката Морачанин на ист начин ми забележуваше за сработеното како и сега. Тоа се нејзини лични перцепции, кои добија поддршка од структури во партијата, но за жал и од Владата, инаку немаше да може да се реализира замислата јас да бидам сменета, без аргументација и без дебата. Ова, како и чистките во државните институции што сега се прават во однос на моите сопартијци кои се мои истомисленици, го доживувам емотивно бидејќи сметам дека тоа не смее да биде принцип на работа на една демократска влада.
Точна ли е информацијата дека двајца вработени во Архивот на Македонија, кадри на ДОМ, исто така се отпуштени?
– Да, овие брутални пресметки со неистомислениците на претседателката нема да запрат додека не ги елиминира сите „непослушни“ кадри, се прекинуваат договори за работа на оние што се потпишаа на иницијативата за вонреден конгрес и за демократизација на партијата. Сега се удира по нивната егзистенција, денес се задава завршниот удар бидејќи утре веќе се распишуваат локалните избори и потоа целиот процес мора да запре.
Што, според Вас, е најважно Инспекторатот да продолжи најитно да го работи?
– Многу е важно да се финализира работата на Законот за инспекциски надзор во животната средина оти тоа е и една од примарните препораки на ЕУ, да се стандардизираат и прецизираат инспекциските постапки. На тоа работев последниве месеци доста интензивно – да се оди на терен наместо да се работи од канцеларија за да се види што навистина се случува во таа инсталација. Токму оваа недела имав планирано координирани инспекциски надзори во Охридско-струшкиот регион, во соработка со други инспекции, да влеземе повторно во сите кампови, посебно во Свети Наум. Имаше укажувања на граѓани дека наводно затворената бетонска база на Нефи Усеини и натаму скришно работи и во соработка со МВР договоривме да обезбедиме докази. Вчера требаше да констатирам дали е отстранет дефектот на филтерот на „Пејпер Мил“, како што беше наложено од наша страна и до каде е изградбата на пречистителната станица, но знаете што се случи вчера.
Пред пожарите во Кочани жителите повторно се жалеа на „Пејпер Мил“…
– Да, имаше регистрирани драстично повисоки емисии кај „Пејпер Мил“, иако во границите на дозволата, кои, како што знаеме, се превисоки, но тоа укажуваше на постоење проблем. Имавме започнато инспекциска постапка во цементарницата „Титан Усје“ по хаваријата минатиот месец и дадовме насоки што да се преземе, договоривме и вонредни мерења во ноќните часови. Слична епизода минатата недела имаше и во „ФЕНИ“, граѓаните ни се пожалија на темниот облак прашина што се беше кренал. И таму емисиите што ги измеривме беа блиску до граничните вредности, иако не ги надминале, но ако се земе предвид колкав обем на производство и на емисии има, дури и загадувањето кое е во рамките на издадената дозвола, по квантитет претставува огромно загадување. Кога ќе измерите колку кубици дрва трошат граѓаните, да речеме, во Кавадарци и колку тони петрол кокс се согорува во „ФЕНИ“, ќе видите кој е придонесот во емисиите. Тоа е несовршеноста на нашиот систем и на еколошките дозволи чијашто промена сакав да ја иницирам. Отворивме многу сериозни прашања, кои требаше да донесат позитивни промени.
Каква Ви беше соработката со инспекторите?
– Можам да кажам дека одлично ме прифатија, а дел од нив, особено помладите, со ентузијазам се вклопија во промените што ги иницирав. Имаше мали задршки кога требаше да се пишуваат казните, имаше обиди да се подзакочи, да се заштитат себеси од можни непријатности, ама сето сме го дискутирале отворено и имало резултати.
Се враќате во својот матичен сектор за отпад во Министерство за животна средина. Како експерт работевте на стратегиите за третман на отпад, но тие со децении беа запоставувани.
– Во законите за отпад што сега се носат, добро се транспонирани ЕУ-директивите за отпад, но кога ќе треба да се применат, тука целосно затајуваме, посебно на локално ниво, иако законски отпадот е во надлежност на локалната самоуправа. Сум работела на многу стратешки документи за отпадот и сум работела со општините, ги знам нивните проблеми и доколку ми биде овозможено, би сакала да продолжам да работам со општините на нивната имплементација. Јас со градоначалникот на Свети Николе како и со тамошните граѓански организации долго работев за да постигнеме разбирање зошто регионална депонија е токму таква и токму таму.
Додека не се имплементираат овие стандарди, има правила како треба да функционираат и сегашните депонии, се знае – оградено, цистерна со вода, багер, земја за насипување, стражарска служба. Ако сето ова функционира, нема да ги имаме оние проблеми што сега ги имаме со палење на депониите и загадување, но за ова треба да има и казнување, како што почнавме ние.