Во КИЦ-Софија настапија актерот и режисер Васил Михаил и музичарот и гитарист Слободан Боби Ѓошиќ

Интерпретација на народна и антологиска македонска поезија беше круна на културните настани во македонскиот КИЦ во Софија

Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Бугарија, на 19 декември ја организираше завршната културна вечер за 2025 година – „Сценско-музичка интерпретација на народна и антологиска македонска поезија“, настан кој ја потврди живата сила и духовната длабочина на македонската култура.

На настанот присуствуваше и македонската амбасадорка г-ѓа Агнеза Руси – Поповска, која позитивно се осврна на културната година во Македонскиот КИЦ во Софија. Таа ја истакна разновидноста и значењето на реализираните настани, кои оставија траен белег на публиката и ја афирмираа културната видливост не само на македонската заедница во Софија, туку и на македонскиот идентитет, историја, традиција, наука и на Македонците на секаде во светот.

Настанот беше посебно дизајниран да ја оживее македонската поезија како скапоцена духовна вертикала. Под водство на актерот и режисер Васил Михаил и музичарот и гитарист Слободан Боби Ѓошиќ, стихови од богатата и вечна македонска творечка народна ризница, како и стихови од големите македонски автори, великани на поезијата, меѓу кои првописателот Свети Климент Охридски, како и творците: Григор Прличев, Константин Миладинов, Никола Вапцаров, Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Ацо Караманов, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Радован Павловски, моќно одекнаа сред срцето на Софија и оживеаа пред публиката, пренесувајќи ја нивната духовна сила и континуитет на македонското книжевно наследство.

Публиката во Софија ја следеше програмата со восхитеност, големо внимание, носталгија и видно задоволство. Присутните не само што уживаа во богатството на македонската литература и музика, туку ја почувствуваа длабоката врска со македонскиот идентитет и традиција, што создаде чувство на заедништво и гордост. На вечерта беше потенцирано дека Македонија има свои посебности и свој јасен македонски идентитет, кој се афирмира и живее преку вакви културни настани.

Овој завршен настан ја круниса успешната 2025 година за Македонскиот КИЦ во Софија, која се покажа како жив и видлив центар на македонската култура, место-извор каде поезијата, музиката и традицијата се спојуваат и оживуваат пред публиката, будејќи го македонскиот дух. Настанот го потврди значењето на Македонскиот културен центар во Софија како институција која ги афирмира и брани македонските културни вредности и духовната самобитност на македонската заедница во Бугарија и на Македонците насекаде во светот.

Со оваа вечер, Македонскиот КИЦ не само што успешно ја круниса успешната година, туку и испрати силни пораки дека македонската култура е жива, видлива и инспиративна, а публиката во Софија веќе со нетрпение очекува продолжување на ваквата разновидна и силна активност и програма со визија за вредностите на македонската култура и во 2026 година, извести проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот