ИНСПИРАТИВНА И ЕМОТИВНА: Дислексијата ме направи добра мајка, успешна жена и ценета јувелирка

Profimedia

Наташа Марковска, во разговор за „Слободен печат“, ја раскажува својата приказна за дислексијата. Наташа денес е успешна јувелирка, која изработува рачно изработен машки и женски златен накит, украсен со декоративен килибар или драги камења.

„Докторе, колку e тоа штетно за моето дете?“. И ден денес се сеќавам на прашањето кое пред 30 години мајка ми му го постави на докторот од Детската клиника во Скопје, кога по серија испитувања ни соопшти дека јас имам дислексија. Бев шесто одделение. Знам дека имав сериозен проблем со читањето. Многу ме болеа очите, па лекарите ми препишаа да носам очила, иако подоцна се испостави дека немам оштетен вид. Кога докторот ѝ објасни на мајка ми што е дислексија, дека не е ништо страшно, мислам дека на неа многу ѝ олесна, но јас бев многу збунета. Што знаев јас, тогаш што е тоа. Сфатив дека нормално било да имам проблем со читањето. Знам дека моите родители за дислексијата ги известија мојот класен раководител и наставниците кои ми предаваа во осмолетка и се сеќавам дека делумно, нивниот однос кон мене како ученик се смени. Се разбира позитивно. Вака Наташа Марковска, во разговор за „Слободен печат, ја започнува својата приказна за дислексијата. Наташа денес е успешна јувелирка, која изработува рачно изработен машки и женски златен накит, украсен со декоративен килибар или драги камења.

Додека Марковска, внесена во изработката на алка по нарачка од клиентка од Србија ги гравира бараните слики на накитот, со насмевка на лицето се присетува низ што сѐ таа поминала во животот, додека еден ден не го сретнала вистинскиот човек на вистинското место, во нејзиниот случај доктор кој ѝ објаснил што е дислексија, кои ѝ се мааните, а кои предностите.

– Откако ми беше констатирана дислексијата и за неа од моите родители беа известени сите наставници, шестиот, седмиот и осмит клас како да ги минав во некое училиште каде само јас најчесто немав страв од писмена работа. Во една прилика, класната наставничка, која ми предаваше македонски јазик, ми кажа дека испрашувањата за мене по сите други предмети ќе бидат во најголем дел усмени, па испрашувањата не ми влеваa многу страв или паника. Многу од другачињата ми помагаа во совладување на материјалот од некој предмет, а да, на однапред договорено испрашување со наставник, беше вреднувано моето знаење. На почеток тоа ви годи, знаете, си викате „еј што е вака убаво“, но после некое време, мојата дислексија, да речам народски, ме „удри по глава“ кога во една кавга со другари ми беше речено дека сум глупа и неписмена. Тоа многу ме заболе. Тогаш веќе бев осмо одделение. Беше скоро пред крај на учебната година и требаше да се одлучам во кое средно ќе се запишам, а јас, сѐ уште чувствував срам поради својата маана, дека ете нели прва година стигнав, а уште „кршам јазик“ кога читам – нѝ раскажува  Марковска.

Таа вели дека летото пред уписите во средното училиште многу почнала да се повлекува во себе, да ги избегнува дружбите со другарите и другарките, а многу често и се случувало да се затвори во својата детска соба и да плаче.

– Чекав моите да заминат на работа и да си плачам, бидејќи многу се секираа зошто плачам поради дислексијата за која јас мислев дека е страшна болест и дека поради неа со текот на годините ќе имам страшни проблеми, дека од мене нема да биде успешен човек и низа други имагинарни стравови ме стиснаа. Подолг временски период имав проблем да комуницирам со некое момче. Мислев дека ќе примети дека сум дислексична и нема да ме засака – вели денес низ смеа нашата соговорничка.

Таа нагласува дека „олеснителните бенефиции“ од дислексијата ќе продолжеле и во прва година во гимназија каде сакала да се запише, но вели, имало нешто длабоко во неа што ѝ говорело дека таа не е создадена за таков вид на образование, па наеднаш се решила да се запише во средно уметничко училиште.

Profimedia

– Да, имаше читање, мачење и „бубање“, но стручните предмети така добро ми дојдоа и замислете во прва година средно самата си се открив дека имам голем талент за сликање. Наеднаш започнав своеволно да одам и да учам грнчарија, одев на приватни часови по сликарство, открив дека знам убаво да цртам, па правев и нацрти. Дека дислексијата ми е на некој начин предност во животот, увидов сосема случајно, во трета година средно. Бев на гости кај другарка, чиишто родители беа архитекти. Кај нив видов нацрт на внатрешност на станбена куќа. И сега се сеќавам како низ глава ми мина мисла дека има нешто грешно во нацртот. Забележав дека прозорите од голема дневна соба не се сразмерни и почнав гласно да коментирам дека подобро би било тие да се големи за да биде посветла собата. Не ни знаев дека на два чекори зад мене беше мајката на другарка ми, која ме слушнала што сум кажала. Дојде до мене и ми рече „Нате, ајде душо те молам уште еднаш повтори што кажа“. Откако го сторив тоа, жената го корегираше нацртот и се насмеа па рече „Ти ќе бидеш одличен архитект“.

Ме праша како сум го увидела сето тоа, на што и реков дека само сум ја замислила целата соба во главата. Таа ми рече „во 3Д (три де) си ја замислила?“. Од прва реков да, иако тогаш не знаев што е 3Д. Седнав дома и прочитав дека што е тоа и некако ми се допадна. Почнав, тоа што го творам, со тек на време со други „очи“ да го гледам – вели Марковска.

Голем дел од летниот одмор после завршување на средното уметничко образование го минала во размислување што понатаму во животот.

– Разгледував во една јувелирница во Старата скопска чаршија рачно изработен накит, а над секој од него имаше мало ливче и нешто пишуваше. Секоја изработка ја загледував. Во разговор со сопственикот дознав дека се сам изработил, вложил голем труд и знаење. Јас на шега му реков „и јас можам да вложам знаење за да направам вакво нешто само да не е читање, дислексична сум“ и се насмеав. Човекот ме загледа сериозно. Помислив дека не знае што е дислексија. Прво што ме праша е „дали можам да му објаснам веднаш скица на идеен накит во тридемензиална форма?“. На моето прашањето зошто, тој ми одговори дека негде читал и запамтил дека дислексичните гледаат предмети во „3Д“. Тогаш ми текна на родителите на мојата другарка од средно, па седнав и му направив скица за сребрена алка за нога. Човекот беше воодушевен. Замислете, го крена погледот кон мене и рече „сакаш да го научиш овој занает?“. Од „прва“ му реков да, си подадовме рака и следните две години ги минав во изучување на златарскиот занает – со задоволство вели Марковска.

Додека ја поткренува главата за да ги одмори очите од накитот што го изработуваше, таа вели:

Фото: Илустрација

– Од тој ден минаа години. Го запознав човекот на мојот живот со кој имам три деца. Не се дислексични (се смее). Имаат одличен успех, само јас вешто се „кријам“ кога на родителска ќе ни ги дадат ливчињата со оценки, па ги ставам во џеб, како „сѐ е ок“. Изработувам накит најчесто по нарачка. Да, признавам не е евтино, поскап е овој накит од класичниот, но што нарачателот ќе посака, тоа и добива. Дислексијата ми помогна како хоби да ми е и грнчаријата со која се занимавам во слободно време, а понекогаш од дрво изработувам и сувенири на кои пишува „Скопје какво јас го сакам“. Ако денес ме прашате „дали Наташа нешто би сменила во својот живот?“ само ќе ви одговорам дека, да не бев дислексична, денес немаше да бидам добра мајка, успешна жена, и ценета јувелирка, туку ќе бев можеби негде административка – нагласуваа таа низ смеа.

Марковска е само една од низата наши сограѓани кои се дислексични. За жал, кај нас малку се знае за познатите лица кои имаат дислексија, но верувале или не, многу од познатите личности се дислексични.

Дислексија е состојба каде што постојат тешкотии при читањето и разбирање на прочитаното. Децата кои страдаат од дислексија, имаат тешкотии и при интерпретацијата на визуелните симболи. Иако имаат нормален вид и слух, како и навики за пишување, тие имаат тешкотии при пишувањето на букви или зборови по саканиот редослед или некогаш ги мешаат некои букви, така на пример како „б“ и „д“ или „п“ и „н“. Често мешаат и блиски зборови, не обрнуваат внимание на интерпункцијата и читаат со монотон глас. Многу често ги пишуваат зборовите како што и ги изговараат.

Дислексичните деца не заостануваат во менталниот развој од своите врсници па дури и во некои случаи ги надминуваат. Но, ако дијагнозата не се постави на време и не се спроведе потребното лекување, детето ќе заостанува во училишните активности и ќе почне да пројавува отстапувања во однесувањето. Вообичание симптоми за дислексијата се преместување на буквите, тешкотии во читањето и детето тешко може да ги запомни зборовите и дури и оние кои штотуку ги прочитало. Дислексијата не треба да пречи во образованието на детето.

Ако состојбата се открие доволно рано и детето добива помош во училиштето од психолог и педагог, тоа ќе може да ги надмине тешкотиите. Со такво дете најдобро е да се обрнува внимание на неговите способности кои се неповрзани со писмените знаци.

Поддржувајте го творечкиот и конструктивниот карактер на другите активности, за да не ја загуби детето самодовербата што подоцна може да предизвика и нарушување во неговото однесување. Децата кои страдаат од дислексија, имаат потреба од поддршка и совет. Исклучително важно е да не се мешаат нивните тешкотии во читањето со заостанување во менталниот развој или со било какви оштетувања на слухот и видот.

Познати личности кои израснале со дислексија

Џејми Оливер

Како светски најпознат готвач на ова време, Џејми Оливер има публикувано 20 книги, со заработка од 250 милиони долари, а за време на училишните денови бил етикетиран како дете со посебни потреби поради својата дислексија. Тој исто така немал прочитано ниту една книга се до својата 38-ма година.

Вупи Голдберг 

Многу одамна пред да ѝ биде откриена дислексијата, нејзините школски другари ја нарекувале глупава. Но таа ја добивала потребната поддршка од својата мајка која ја охрабрувала да не ги слуша останатите што зборуваат за неа и дека во животот ќе многу успешна во тоа што таа сака да го работи. Голдберг верувала во себе и се стремела кон филмската индустрија. Токму таа е една од ретките актерки која има добиено многу од престижните награди како Греми, Еми.

Стивен Спилберг 

Profimedia

Легендарниот режисер Стивен Спилберг е дијагностициран со дислексија на 60-годишна возраст. Тој бил малтретиран од страна на своите ученици, но токму овие случувања играат важен дел во градењето на неговата кариера. Своите лични искуства во училиштето му помогнале да го напише филмскиот хит за група ученици кои не успеваат да се вклопат во училиштето. Тој има изјавено: „дијагностицирањето на мојата дислексија на 60 годишна возраст беше последното парче од мозаикот на големата мистерија која ја чував долго во себе”.

Хенри Винклер

Хенри Винклер е актер, режисер и автор кој има дислексија и дискалкулија. Тој е режисер на познатата детска серија „Хенг Зипзер” во која што малиот Хенк има проблеми со учењето, но тоа не му претставува проблем да ги оствари своите соништа. Винклер исто така има свои предавања во повеќе училишта на кои што зборува за потешкотиите во учењето. Во чест на својата работа во едукативната сфера, тој е одликуван со медал од Британската кралица Елизабета.

Андерсон Купер 

Презентерот на Си-ен-ен вестите Андерсон Купер не дозволил неговата дислексија да застане на патот до неговиот успех. Тој исто така не дозволил проблемите со читањето да ја спречат неговата љубов кон книгите и литературата. Тој е автор на повеќе книги кои се на врвот на листата на најпродавани изданија според „Њујорк тајмс“

Кира Најтли 

Profimedia

Од кога Кира на 6 години е дијагностицирана со дислексија, таа имала големи проблеми со читањето, но ја искористила својата љубов кон глумата за да се мотивира себеси да го надмине овој проблем. Таа се има договорено со своите родители доколку работи на своето читање секојдневно, тие ќе и ангажираат актерски агент. Кира во моментов е една од најдобро платените холивудски актерки.

Шер 

Инстаграм

Шер го поседува еден од најпознатите светски гласови. Таа има страдано во училиште поради неоткриени проблеми во учењето. „Не можев да читам брзо и не можев никогаш да ја напишам домашната задача, математиката за мене беше како да се обидува 5 годишно дете да го разбере Санскрит” напиша таа во својата автобиографија „Првиот пат”. Шер не била свесна за својата дислексија се до моментот кога нејзиното дете е дијагностицирано дислексија.

Ричард Бренсон

Додека бил во училиште, Ричард, од страна на своите наставници бил нарекуван глупав. Тој во „Вашингтон пост“ има изјавено дека токму поради неговата дислексија ја има изградено неговата бизнис империја. За најголема предност во својот бизнис ја смета дислексијата. Тој е основач и сопственик на една од најпрофитабилните светски авио-компании „Вирџин“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот