Инспекторите лани посилно ги удриле газдите по џеб за пушење во локали
На територијата на Скопје, во Одделението за инспекциски надзор работат вкупно 33 инспектори, кои вршат контроли во угостителските објекти.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во текот на 2025 година извршил 2.500 инспекциски надзори по основ на Законот за заштита од пушење, покажуваат податоците што оттаму ги доставија по барање на „Слободен печат“. Во истиот период биле издадени 222 прекршочни платни налози за непочитување на законските одредби, во вкупна вредност од 295.560 евра.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Споредено со 2024 година, бројот на контроли и казни бележи раст. Лани биле извршени 1.686 инспекциски надзори, а биле издадени 106 прекршочни платни налози, со вкупна вредност од 138.350 евра.
Колку инспектори оперираат во Скопје?
На територијата на Скопје, во Одделението за инспекциски надзор работат вкупно 33 инспектори, кои вршат контроли и во угостителските објекти, информираат за „Слободен печат“ од ДПИ.
Оттаму додаваат дека водат евиденција за сите извршени надзори и изречени мерки, а неделни, месечни и годишни извештаи редовно се објавуваат на нивната официјална веб-страница.
Според податоците, контролите се засилени во 2025 година, со повеќе од 800 дополнителни инспекции и повеќе од двојно зголемен број издадени казни во однос на претходната година.
Ќе има нови 40 инспектори
Околу 40 нови пазарни инспектори ќе бидат ангажирани за контрола на почитувањето на законите во угостителските објекти, меѓу кои и Законот за заштита од пушење, извести неодамна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Дурмиши изјави дека инспекторите се обучуваат веќе една година, а со работа треба да започнат од средината на годинава. Со нивното вработување, вкупниот број пазарни инспектори во државата ќе достигне 160.
— Станува збор за околу 40 нови инспектори кои ќе бидат распределени низ целата држава. Подрачни одделенија има во сите градови. Ќе следиме како ќе се одвива работата по ова зајакнување на капацитетите и, доколку има потреба од дополнителни засилувања, ќе реагираме. Доколку бројката се покаже како доволна, ќе продолжиме со мониторинг на нивната работа — рече Дурмиши.
Угостителите најдоа златна средина со Владата
Новиот предлог-закон за заштита од пушење, покрај граѓаните, директно ја засега и бизнис-заедницата.
По средбата во Владата помеѓу владини претставници и луѓе од Туристичко-угостителската комора, пред една недела е договорено терасите, односно летните бавчи на рестораните и кафе-баровите, да мора да бидат отворени само од две страни, наместо првично предложените три страни.
Новиот закон за пушење се очекува да стапи во сила во март годинава. Со новите решенија се предвидува дополнително заострување на мерките против пушење, а ќе бидат опфатени и електронските цигари.


