Основно училиште „Димо Хаџи-Димов“ / Фото: „Слободен печат“ - Слободан Ѓуриќ

Казна од 2.450 евра за фирмата со чија храна се отруја ученици во „Димо Хаџи Димов“

Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство денеска повторно земаа брисеви од работните површини во кујната на основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, каде минатата недела триесетина деца се затруја со храна.

Ова следи по наредените мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната. На вонредни здравствени санитарни прегледи упатени се и вработените во кујната, која ќе остане затворена се до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста.

АХВ официјално ги доби резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во „Димо Хаџи ДимовЕ“ и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на деветте основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.

Десетици ученици се затруле со храна во скопското училиште „Димо Хаџи Димов“

„Со 600 евра во денарска противвредност и 300 евра за одговорност на лице, казнет е операторот со храна бидејќи со земените мостри храна од ОУ „Димо Хаџи Димов“ било потврдено дека послужената мусака, не ги задоволува микробиолошките критрериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae). Од земените мостри храна и брисеви во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии“, се вели во соопштението.

На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност (600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа ( немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот