Инфраструктурата кон гробиштата ќе се среди, но како да се подобри хигиената?
Со гробиштата „Камник“, „Ѓорче Петров“ и „Бутел“ раководи АД „Бутел“, на чија сметка многупати се упатуваат негативни реакции од скопјани, пред сѐ во однос на хигиената. Забелешките се најголеми за „Бутел“, што и не е за изненадување затоа што тука има 89.000 гробни места што ги посетуваат илјадници граѓани.
Откако пред неколку години се реконструираше улицата „Боца Иванова“ што води кон гробиштата „Бутел“, која е една од пофреквентните во овој дел на Општината, сега конечно се реконструира и пристапниот пат кон гробиштата „Камник“.
Препорачано
Како што информираа од Општина Гази Баба, на чија територија се наоѓаат околу 6.500 вечни почивалишта на скопјани, изградбата ќе се одвива во две фази, во првата ќе се инвестираат нешто повеќе од 8 милиони денари обезбедени со поддршка на Владата, а во втората дополнителни 7 милиони денари од буџетот на Општината за целосна доизградба на улицата.
Со овој проект, пристапот до гробиштата „Камник“ конечно добива современо и функционално сообраќајно решение. Се воспоставува кружен тек со влез од улицата „Јужноморавски бригади“ и излез кон Сингелиќ кај „Клакер“. Решение што значи поголема проточност, помал метеж и безбедно движење за сите учесници во сообраќајот – вели градоначалникот Бобан Стефковски.
Тој објаснува дека Општината е во постојана комуникација со АД „Бутел“ и дека во тек е подготовка на урбанистичко-планска документација што ќе овозможи проширување на гробиштата и изградба на капела.
Стефковски очекува дека со овој проект, кој подолго време го бараат граѓаните, ќе се воведе ред и ќе се стави крај на долгогодишните гужви, сообраќајниот хаос и метежот, особено за време на празниците кога масовно се посетуваат гробиштата.
Се уредува влезот во гробиштата „Ѓорче Петров“, се чисти и каналската мрежа
Минатиот месец, пак, Општина Ѓорче Петров започна со уредување на влезот од гробиштата кои се лоцирани на оваа територија. Гробишта во Ѓорче Петров се протегаат на површина од 176.000 метри квадратни и располагаат со 10.210 гробни места и се втори по големина во градот, веднаш после „Бутел“. Но и за нив граѓаните имаат мноштво забелешки во однос на одржување на хигиената, особено на пристапот до оваа локација.
Така, сега можеби ќе се среди инфраструктурата што води кон гробиштата, но како да се најде решение за неефикасното одржување на просторот?
Со сите три локации раководи АД „Бутел“, на чија сметка многупати се упатуваат негативни реакции од скопјани, кои ги посетуваат гробовите на своите блиски. Забелешките се најголеми за „Бутел“, што и не е за изненадување затоа што тука има 89.000 гробни места каде што редовно доаѓаат илјадници граѓани.
За празниците е посредено, веројатно во пресрет на тие денови кога знаат дека ќе има многу посетители повеќе внимаваат на хигиената, ги косат тревите. Сепак, проблемот со бездомните кучиња што лутаат по гробиштата останува нерешен, да му е страв на човек да дојде кога е обичен ден и кога нема многу луѓе. Останува нерешен и проблемот со кантите за отпад, едноставно ги нема доволно – вели граѓанин за „Слободен печат“.

На почетокот од својот мандат градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека е исчистена големата депонија што со години се создаваше на паркингот пред влезот во гробиштата, а од АД „Бутел“ поставија и заштитна ограда за да се спречи повторно да изникне депонија на овој простор.
Тој тогаш најави и нови мерки за ред и хигиена во овој простор и побара да се воспостави чуварска служба на сите влезови од гробиштата, со задача да се одржува редот, да се спречи внесување отпад и несовесно однесување.
Во програмата за управување и одржување на градските гробишта во Скопје за 2026 година беше наведена пресметка колку ќе чини одржувањето на хигиената на најголемиот простор за погребување во Скопје.
За гробиштата „Бутел“ за рачно миење со црево и метење на сообраќајниците, за чистење, собирање и утовар на сметот и негово транспортирање, како и за чистење на снегот во зимските услови, е предвиден износ од 12.200.499 денари или околу 200.000 евра. Уште 4,5 милиони денари се предвидени за одржување на зеленилото на овие гробишта и околу 900 илјади денари за одржување на водоводната мрежа. И нешто помал износ за осветлување.
Сепак, овие износи не гарантираат дека просторот ќе биде чист како што очекуваат граѓаните. Од друга страна, од АД „Бутел“, пак, во неколку наврати ни одговорија дека редовно чистат и го одржуваат зеленилото и вината ја префрлаат кон несовесните граѓани, кои по посета на гробиштата зад себе оставаат отпадоци.


