Инфлацијата го јаде растот на платите

Номиналниот раст на просечната нето-плата во април во однос на истиот месец минатата година е 10 проценти, но со вклучена инфлација растот е 7,2 проценти. Граѓаните, пак, велат дека чувствуваат многу поголема инфлација од онаа што статистичарите ја пресметаа од 2,7 проценти на годишно ниво.

Просечната нето-плата во април се зголемила за 2.600 денари во однос на пред една година. Во април, според последните податоци од државниот завод за статистика, просечната нето-плата била 28.438 денари и таа е за дури 10 проценти повеќе отколку ланскиот април кога платата изнесувала 25.830 денари. Но, бројките покажуваат и дека инфлацијата го јаде растот на платите, па така со пресметана инфлација, Државниот завод за статистика пресмета дека реалниот раст на платите е 7,2 проценти. Статистичарите пресметаа и дека инфлацијата во април во однос на ланскиот април е 2,7 проценти.

Но, граѓаните со кои разговараше „Слободен печат“ низ маркетите и зелените пазари сметаат дека за една година поскапувањето е многу повеќе од 2,7 проценти.

– Годинава кајсија не можеме да каснеме. Еден килограм е 80 до 100 денари. Видете колку отиде месото, едно пилешко стекче доаѓа до 150 до 200 денари. Во продавница без 1.000 денари не се влегува, а пензијата ми е 15.000 денари – вели една повозрасна скопјанка, која пазаруваше на Зелен пазар.

Во маркетите граѓаните најмногу се заинтересирани за храната на попуст.

– Обично купувам нешто плус еден производ, или со рок на употреба што е при крај. Некогаш е одлично, а некогаш се гледа дека е бајато, ама мора некако поевтино да се помине – вели еден од купувачите во скопска продавница.

Пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија за таканаречената „синдикална минимална кошница“ покажуваат дека во април се неопходни 33.976 денари. Оваа кошница ги опфаќа неопходните прехранбени производи, најевтините средства за хигиена, трошоци за домувања и превоз на едно четиричлено семејство, кое нема автомобил и има стан од 60 квадратни метри. Минатата година во април минималната синдикална кошница изнесувала 33.243 денари, или 733 денари помалку пари биле потребни за да се задоволат истите потреби како и во овој април.

Деновиве министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека остануваат пресметките за инфлација што Владата ги направила во ребалансот, а тоа е инфлација од 2,1 отсто.

– Проекциите за годинава се раст од 4,1 отсто за БДП и инфлација од 2,1 отсто. Тоа пред сè се должи на раст на очекувањата на инфлацијата во втората половина од годината, која потоа се очекува да се намали. Главно се однесува на цените на дериватите на светско ниво, транспортните трошоци и прехранбените производи – рече Бесими.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) постојано алармира за постојаниот раст на цените на храната почнувајќи од април минатата година.

„Мај го означи 12-тиот последователен месечен раст на вредноста на Индексот на цените на храната на ФАО (ФФПИ) и  моментално ја има највисоката вредност од септември 2011 година. (…) Како најголеми фактори кои влијаат врз овој пораст претставуваат зголемените цени на маслата, шеќерот и житарките, како и стабилните високи цени на месото и млечните производи“, соопшти ФАО.

Видео на денот