Инфективната клиника со нов пристап: Пациентите со ковид-19 не се ставаат на апарати за дишење

Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Клиниката за инфективни болести го промени начинот на лекување на пациентите, а со новиот пристап најголем број од пациентите со ковид-19 не се ставаат на апарати за дишење. Искуството на нашите лекари, но и она што е искуство во светски размери е дека интубирањето и ставањето на апарат за вештачко дишење не дава резултати во лекувањето на болните од ковид-19.

– Го променивме пристапот бидејќи сфативме дека и покрај ставањето на апарати за дишење ги губиме пациентите. Неуспесите беа повеќе од евидентни пред се заради специфичната патофизиологија на болеста и нејзината непредвидливост. Се покажа дека апаратот за вентилирање најчесто не помага кај пациентите со ковид-19. Во таа насока одат и светските искуства. Наместо на апарати за дишење пациентите се ставаат на неинванзивна вентилација со помош на маски. Овој начин на третман бара и уште поголем ангажман на здравствениот персонал бидејќи здравствената состојба на пациентот треба да се следи од минута во минута и да се реагираа со соодветна терапија доколку настане промена – вели Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести

Таа објаснува дека за промена на пристапот во лекување се координирале и со анестезиолозите од КАРИЛ кои имаат поголемо искуство во лекување на пациентите во тешка состојба.

– Искуството покажува дека со овие пациенти најчесто подобро е да се прави се друго за да се одржи пациентот и да не се става на апарати  – вели Стевановиќ.

Директорката објаснува дека се уште на клиниката доаѓаат пациенти со тешки компликации и дека добар дел од нив доцна бараат лекарска помош.

Од вчера на Клиниката за инфективни болести на кислородна поддршка се 45 пациенти, а ниту еден на механичка вентилација.  Во ГОБ „8 Септември“ вчера беа хоспитализирани 136 пациенти. На респираторна машина се 11 пациенти.

Во извештаите на Министерството за здравство во последниве недели се забележуваше дека на Клиниката речиси и да нема ниту еден пациент кој е на апарати за дишење додека во болницата „8 Септември“ оваа бројка е уште висока.

Денеска се одржал и заеднички состанок околу можноста и во „8 Септември“ да се промени пристапот на лекување, на кој лекарите покажале скепса околу одржување во живот на пациентите кога сериозно ќе почне да им паѓа сатурацијата, односно нивото на кислород во крвта. Дали ќе се промени пристапот на лекување и во „8 Септември“, го прашавме директорот Христијан Костов, но засега одговор не добивме.

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Во одредени делови на земјава пациенти не сакаа да бидат однесени во болница од страв да не бидат ставени на апарат за дишење. Во светот имаше и примери кога пациентите заболени од ковид-19 потпишуваат изјави со кои не ја дозволуваа оваа постапка за лекување.

Инаку бројот на починати пациенти од ковид-19 расте како што расте и бројот за заболени и  се искачи на 298. Вчера го имавме и денот со најголем број загубени животи, вкупно 12.

Починати се 12 лица, пет пациенти од Скопје, еден од Штип, двајца пациенти од Тетово, двајца од Струга, еден од Велес и еден пациент од Гостивар.  На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти од Струга на возраст од 60 и 66 години, пациент од Тетово на возраст од 49 години и пациент од Скопје на 72 години.

Во ГОБ „8 септември“ починати се четири лица, тројца пациенти од Скопје на возраст 56,69 и 75 години и пациентка од Велес на 68 години. Во болницата во Штип е починат пациент на возраст од 81 година. Во Гостивар е починат пациент на 70 години. Во Тетово е починат пациент на 62 годишна возраст.

Во Институтот за белодробни заболувања за деца- Козле почина пациентка од Скопје 83 години.

Министерот Венко Филипче порача дека огромен дел од смртноста кај заболените пациенти е заради тоа што доцна се јавуваат на болничко лекување и дури 50% од смртните случаи се по првите неколку денови од приемот во болница. Заради тоа е неопходно по влошување на симптомите, пациентите веднаш преку матичен лекар да се јават за болничко лекување.

ЗА САМО 20 ДЕНА: Бројот на заболени од коронавирус зголемен за 2,5 пати (ИНФОГРАФИК)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот