Имотот од „Империја“ останува замрзнат
Имотот кој е дел од истрагата за случајот „Империја“ останува замрзнат, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција минатата недела поднесе барање за запленување, по што позитивна одлука донесе судија на претходна постапка. Две фирми чиј имот беше замрзат, „Дивелоп груп“ и „Бест вејт инвестмент“ поднесоа жалби, но кривичниот совет во скопскиот суд одлучил да ги отфрли како неосновани.
Препорачано
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалби на правните лица ’Дивелоп груп‘ ДОО Скопје и ’Бест Вејт Инвестмент‘ ДООЕЛ Скопје, изјавени против шест решенијата на судии на претходна постапка, а поврзани со истрагата на ОЈО ГОКК за предметот познат како „Империја“, на 20.04.2022 година одржа седница на која по извршен увид во списите и ценејќи ги фактите приложени во жалбите донесе решенија со кои жалбите се одбиваат како неосновани, а решенијата од претходна постапка се потврдуваат во целост“, соопштија од Основниот кривичен суд.
Барањето за запленување обвинителството го поднесе бидејќи се сомнева дека имотот потекнува од кривично дело и дека на крајот кога ќе заврши судската постапка за „Империја“ ќе биде потешко или оневозможено истиот да се одземе.
Се запленува имот во предметот „Империја“, запленувањето не е конечно


