Избори Фото: МИА

Именувањето владини повереници би ја суспендирало демократијата

Политички аналитичари бараат премиерот Христијан Мицкоски да ја дообјасни изјавата за поверениците за да нема толкувања и сомнеж дека се нарушува рамнотежата на демократските механизми во општеството, односно контролата меѓу различните видови власт

Премиерот Христијан Мицкоски да не се обидува да ја суспендира демократијата и волјата на граѓаните со именување владини повереници ако локалните избори пропаднат, реагираат дел од партиите. Политички аналитичари, пак, бараат Мицкоски да ја дообјасни изјавата за поверениците за да нема толкувања и сомнеж дека се нарушува рамнотежата на демократските механизми во општеството, односно контролата меѓу различните видови власт.
Марко Трошановски, претседател на Социетас цивилис, бара појаснување од премиерот.

– Премиерот треба да ја дообјасни изјавата што ја даде, бидејќи отвора простор за различни толкувања и во најмала рака сомнеж дека се нарушува рамнотежата на демократските механизми во општеството, односно контролата меѓу различните власти. Легитимна е загриженоста колку е демократски ваквиот коментар затоа е потребно појаснување – вели Трошановски.

Марко Трошановски/Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Трошановски: Расејување на гласовите

Тој не е сигурен дали воопшто е возможно именување повереници. Трошановски не верува дека и потенцијално зголемениот број кандидати би резултирал со демотивирани гласачи кои не би излегле да гласаат, туку повеќе би резултирал со расејување на гласовите, а тоа ќе значи дека праговите за излезност би биле остварени во смисла на легитимитет, односно дека доволен број гласачи излегле за изборите за тие да бидат легитимни.

– Повеќе е проблем што ќе се „расее“ гласот и дека можеби некои кандидати нема да добијат онолку гласови колку што очекуваат, но дека поради неизлезноста ќе се наруши легитимитетот мислам дека тоа нема да се случи. Најголемиот ризик секако ќе биде во најзначајните општини, бидејќи тука е можноста да се додаваат т.н. „прокси листи“ од партиите, зашто еден кандидат за да се кандидира со листа ќе треба да најде уште 20 советници коишто треба да дадат изјави и да се потпишат дека ќе бидат дел од таа листа и затоа поверојатно е дека тоа би го потикнале партиите, таму каде што сметаат дека е политички опортуно, да се создава конфузија – вели Трошановски.

Според него, наместо да се обесхрабруваат граѓаните треба да се поттикнат да излезат на гласање во секоја можна форма како и да бидат организирани изборите.
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Новаковски вели дека изборите може да пропаднат ако не излезат една третина од запипшаните гласачи во избирачкиот список во една општина.

Александар Новаковски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

– Тогаш изборите се повторуваат, на таа опасност се мисли. Ако некои општини бидат опструирани намерно, или од интерес или од несовесност, и се јават огромен број кандидати согласно упатството на ДИК, гласачите може да бидат одвратени да не одат на гласање, да не се снајдат оти не може да им помагате при гласањето и тогаш може да се откажат од гласање. Од друга страна, ако тие кои се кандидираат имаат свои поддржувачи тогаш не треба да стравуваме за одзивот, но искуството покажува дека интересот за локалните избори е многу мал. Некои општини имаат отсутни граѓани кои не доаѓаат за локалните избори. Може една третина да не излезат ако луѓето не се тука или ако се организираат да ги блокираат изборите и ако граѓаните се одвраќаат од гласање – вели Новаковски.

Според аналитичарите, партии може да кандидираат свои членови како независни во општините каде што однапред знаат дека нема да постигнат резултат.
И додека има можност во дел од општините да не бидат избрани градоначалници, тоа не важи за советниците, бидејќи за нив не е предвиден цензус.
Во членот 134 од Изборниот законик:

„Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата. По добивањето на известувањето од ставот (1) на овој член, Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот. Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереник го известува претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник“.

Прозивки на Мицкоски од СДСМ и ДОМ

СДСМ обвини дека Мицкоски отворено најавува суспендирање на Уставот и волјата на граѓаните.

– Неговата изјава за поставување „владини повереници“ претставува директен напад врз уставниот поредок и граѓанската волја. Ова е дрзок обид за узурпација на власта, суспендирање на законите, изборниот процес и заобиколување на граѓанската волја – велат од СДСМ.

СДСМ
СДСМ / Фото: МИА

Од опозициската партија прашуваат како Мицкоски планира да ја суспендира ДИК и да ги преземе нејзините законски надлежности?

– Ако Мицкоски сака преку своите „повереници“ да спроведува политики без волјата на граѓаните, треба да знае дека граѓаните тоа нема му го дозволат. Тезата  за „збунувачки“ ливчиња поради независни кандидати е апсурдна. И на минатите локални избори имаше голем број независни кандидати и листи во општините, па тоа не беше никаква пречка – велат од СДСМ.

За партијата ДОМ, пак, изјавата на Мицкоски е отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски.

– Предлогот ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е „политичка тактика”, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат. Категорично бараме премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните. Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување „повереници” наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал – велат од ДОМ.

Христијан Мицкоски
Фото: Принтскрин

Премиерот вчера најави дека е можно изборниот процес да не успее ако има ногу независни кандидати и дека во таков случај Владата има уставна можност да постави повереници.

– Сè е можно, можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека, согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес Владата е таа која именува владини повереници, така што неодговорното однесување на поединци или одделни политички партии ќе резултира со ваков тип можности – рече Мицкоски.

Ако не успее изборниот процес, Владата има можност да постави повереници, вели Мицкоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот