Имате ли мозок?
Ќе продолжиме да се чудиме зошто младите си одат. Можеби затоа што тука мозокот вреди повеќе кога е изваден од главата. Кога е одвоен од болката, од сиромаштијата, од системот. Кога не зборува, не протестира, не бара помош. Кога е тивок и послушен, како секој добар извозен производ.
Добро е што конечно дознавме дека од Македонија не се извезуваат само млади луѓе, лекари и возачи на камиони. Се извезувале и мозоци. Со декларација и со печат.
Препорачано
Мозоци на починати Македонци со психијатриска дијагноза патувале за САД и за Канада како тегла ајвар во торба, само што овие било подобро спакувани и научно оправдани. Во земјава, очигледно, имаме хроничен недостиг од памет, ама затоа, пак, ни се јавува одвишок – само кога човек ќе умре.
Кај нас, живиот човек со психијатриска дијагноза го гледаат како проблем, како „случај“, како нешто што треба да се тргне настрана, да не вознемирува. А кога ќе умре – одеднаш станува интересен. Одеднаш почнува да вреди. Одеднаш неговиот мозок има потенцијал, иднина, кариера. Не за него, се разбира, туку за некој труд, за некој грант, за некоја конференција во странство…
Некаде во некоја канцеларија, веројатно, сè било совршено логично. Формулар А, согласност Б, потпис В. Смртта уредно заведена, органот уредно изваден, кутијата уредно обележана. „Human brain tissue“. Ништо лично. Само материјал. Само податок. Класично истражување.
Интересно е што никој не се сетил да праша: а што мислел човекот додека бил жив и пред да му го извадат мозокот? Дали сакал да патува?! Дали верувал во наука?! Дали воопшто имал доверба во институции што не можеле да му помогнат додека дишел, ама знаеле точно каде да го испратат кога престанал?!
Во држава каде што психијатриските одделенија личат на чистилиште, ние сме успеале да воспоставиме меѓународна научна соработка. Тоа е успех што треба да се запише. Немаме доволно терапевти, ама имаме доволно фрижидери за складирање органи. Немаме услови за лекување, ама имаме услови за транспорт. Живиот човек е скап. Мртвиот е логистички полесен.
Замислувам еден обичен македонски мозок, спакуван во кутија, како лежи во авионот меѓу два куфера со брендирана гардероба.
Тој мозок цел живот слушал дека „премногу мисли“, дека „се преоптоварува со глупости“… Сега, истите тие глупости се предмет на сериозна анализа. Таму некој далеку ќе ги гледа со почит, под микроскоп, со бел мантил. Таму тие се важни.
А ние ќе продолжиме да се чудиме зошто младите си одат. Можеби затоа што тука мозокот вреди повеќе кога е изваден од главата. Кога е одвоен од болката, од сиромаштијата, од системот. Кога не зборува, не протестира, не бара помош. Кога е тивок и послушен, како секој добар извозен производ.
Ќе се најдат луѓе што ќе кажат: „Ама тоа е наука, тоа е за напредок на човештвото“. И ќе бидат во право – технички. Само што напредок без етика личи на брз воз без сопирачки. А ние сме земја што и онака има проблем со сопирање.
На крајот, можеби најироничното е што мозоците заминале подалеку од луѓето што ги носеле. Некои од тие луѓе можеби никогаш не излегле од своето маало. Никогаш не виделе аеродром. А нивниот мозок – летал со авион преку океан. Како доказ дека од оваа земја навистина излегува сè што вреди. Само што понекогаш, за да излезе, мора прво да се умре.
Има нешто посебно вознемирувачко во тишината околу ваквите приказни. Не затоа што се тајни, туку затоа што никој не чувствува потреба да постави прашања. Како да е нормално човечкото достоинство да има рок на траење. Кај нас, очигледно, смртта не е крајот на еден човек. Односно, на еден мозок.
Никој не зборува за семејствата. За тие што останале дома со празна соба, со облека што сѐ уште мириса на човек, со фотографија што не знае дека мозокот од таа глава веќе има нова адреса. Тие луѓе никој не ги прашал дали се согласуваат со „научниот придонес“.
Нивниот молк се сметал за одобрување, а нивната болка – за техничка пречка што лесно се заобиколува.
Време е конечно да сфатиме дека светот е суров и дека не тргува со чувства, туку со корист. А кога државата нема што да понуди, обично го нуди она што ѝ останало.


