Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Има заинтересирани за изградба на Универзална сала: Пристигнале две понуди, наскоро ќе се знае кој ќе ја гради

Дали некоја од овие понуди ќе биде прифатлива за Министерството за култура и туризам ќе се знае откако ќе заврши периодот на жалби.

Две понуди пристигнале на јавниот повик за изведба на градежни и градежно занаетчиски работи и ентериер на Универзална сала, кој заврши уште пред речиси месец и пол, поточно на 23 јануари.

Дали некоја од овие понуди ќе биде прифатлива за Министерството за култура и туризам ќе се знае откако ќе заврши периодот на жалби. Доколку потоа се склучи договор со една од двете групи понудувачи, тоа би значело дека конечно ќе започне изградбата на култната сала, по подолг застој на работите.

Постапката за јавниот повик за изградба на Универзалната сала е во тек, односно во тек е периодот на жалби. Пристигнати се 2 понуди на две групи понудувачи, а договор сѐ уште не е склучен бидејќи не е завршена постапката во врска со жалбите – велат од Министерството за култура и туризам.

На прашањето кога се планира почетокот на градежните работи, оттаму објаснуваат дека се планира реконструкцијата да започне по кумулативното настанување на условите, склучување договори за изведувач и надзор, обезбедување  одобрение и воведување во работа, а тоа, како што велат, најрано би можело да биде кон крајот на март 2026 година.

Претходно, минатата година веќе беше објавен еден тендер за обнова на Универзална сала. Во октомври од Министерството информираа дека е избрана фирмата што ќе ја реконструира салата, за еден месец подоцна да соопштат дека сепак тендерот е неуспешен поради поднесените жалби и поплаки во однос на изведувачот.

Добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина бидејќи имаше одредена жалба и поплака во однос на изведувачот, единствениот кој беше.Според мене, не е суштински проблемот, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби – посочи тогаш министерот Зоран Љутков, додавајќи дека ова ќе за оддолжи постапката за уште два месеца.

Изградбата на Универзална сала треба да се реализира според Основниот проект од јуни 2025 година, изработен од „Мегарон инженеринг“.

Универзална сала ќе добие нова конструкција и нова купола, уште да се пријави „мајсторот“

Инаку, како што е наведено во јавниот повик, рокот за изведување и завршување на целиот објект изнесува две години, а тој рок ќе започне да тече 10 дена од денот на воведување во работа на економскиот оператор. Тоа би значело дека салата повторно би ги отворила вратите за публиката во 2028 година и тоа само доколку тендерот биде успешен и доколку градежните работи се одвиваат без никакви пречки и непредвидени ситуации.

Новата Универзална сала  ќе ја задржи постојната форма, но ќе биде целосно модернизирана со капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи. За да се подобри структурната стабилност на објектот и да се зголеми енергетската ефикасност на објектот, како што е прецизирано во тендерот, планирано е изработка на нова челична конструкција со изведба на нови темели за новите столбови, нова челична конструкција за куполата, изработка на нова фасадна облога, покривање на куполата со нови енергетско-ефикасни материјали, но и проверка на јакоста на постојната бетонска и на употребливите елементи од постојната челична конструкција.

Месецов се навршуваат точно 11 години откако од таванот на Универзална сала падна парче додека во неа се одвиваше партиска трибина , поради што таа беше затворена за какви било настани додека не се реконструира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот