Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Универзална сала ќе добие нова конструкција и нова купола, уште да се пријави „мајсторот“

Според пресметките на Министерството за култура и туризам, прикажани во документацијата на јавниот повик што е во тек, за оваа намена ќе се потрошат 1.179.987.929 денари, односно нешто повеќе од 19 милиони евра. Колку пари се залудно фрлени во изминатите години откако првично почна реконструкцијата, никој не соопштува.

‘Рѓосаната железна конструкција што стои на местото на некогашниот објект на Универзална сала, останата по пожарот што го зафати објектот што веќе се реконструираше, ќе биде заменета со нова. Ќе биде изработена и нова челична купола, затоа што сегашната која беше поставена во март 2024 година ја „нагриза“ времето во изминатиов период.

Значи сето тоа што е останато од поранешната култна сала, вклучително и новата веќе остарена челична конструкција, ќе бидат урнати, демонтирани и ќе почне изградбата на новата сала. Според пресметките на Министерството за култура и туризам, прикажани во документацијата на јавниот повик кој е во тек, за оваа намена ќе се потрошат 1.179.987.929 денари, односно нешто повеќе од 19 милиони евра.

Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Колку пари се залудно фрлени во изминатите години откако првично почна реконструкцијата на крајот на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, никој не соопштува. Пожарот пред две години го уништи и тоа што беше започнато, а потоа цели две години сето беше оставено и понатаму да пропаѓа.

Сега, речиси пет години подоцна, изградбата одново ќе започнува, доколку вториот тендер кој го распиша Министерството заврши успешно, откако еден веќе пропадна. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков пред месец и половина информираше дека јавниот повик бил неуспешен поради поднесените жалби и поплаки во однос на изведувачот.

 Добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина бидејќи имаше одредена жалба и поплака во однос на изведувачот, единствениот кој беше. Според мене, не е суштински проблемот, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби. Ова реално ќе ја одолговлечи работата за уште некои два месеца оти постапката сега ќе трае малку пократко, бидејќи онаа фаза во која го изработувавме тендерот траеше 15 до 20 дена, а кон таа фаза нема забелешки – рече Љутков.

Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Новиот јавен повик за изведба на градежни и градежно – занаетчиски работи и ентериер на Универзална сала по принцип на изградба „клуч на рака“ трае до 23 јануари, кога јавно ќе се отворат пристигнатите понуди, по што ќе следува период на нивна евалуација.

Универзална сала крунисана со нова купола, во тек е јавна набавка за изведба на втората фаза

Според условите во тендерот изведбата треба комплетно да се заврши и да се реализира според Основниот проект за реконструкција на Универзална сала од јуни 2025 година, изработен од „Мегарон инженеринг“.

Новата Универзална сала во Скопје ќе ја задржи постојната форма, но ќе биде целосно модернизирана со капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи. Проектот предвидува нова просторна акустика, сценска техника, лед осветлување, аудио-видео и електрични инсталации, како и современи материјали во ентериерот и екстериерот. Планирано е и енергетски ефикасно решение, како и ново хортикултурно уредување на надворешниот простор.

Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала – Фото Слободен печат – Методи Здравев

За да се подобри структурната стабилност на објектот и да се зголеми енергетската ефикасност на објектот, како што е прецизирано во тендерот, планирано е изработка на нова челична конструкција со изведба на нови темели за новите столбови, нова челична конструкција за куполата, изработка на нова фасадна облога, покривање на куполата со нови енергетско-ефикасни материјали, но и проверка на јакоста на постојната бетонска и на употребливите елементи од постојната челична конструкција.

Пред отпочнување на проектантските работи извршено е снимање со 3Д скенер на постојната конструкција. Според скенирањето, новопроектираната конструкција е предвидено комплетно да се разминува со постојната и да не се ослонуваат една на друга, т.е. да не се во никаква интеракција – се вели во јавниот повик.

Рокот на изведување и завршување на целиот објект изнесува две години, а тој рок започнува да тече 10 дена од денот на воведување во работа на економскиот оператор. Тоа би значело дека салата повторно би ги отворила вратите за публиката во 2028 година и тоа само доколку тендерот биде успешен и доколку градежните работи се одвиваат без никакви пречки и непредвидени ситуации.

Пропадна тендерот за Универзална сала, има жалба за изведувачот

Министерот Љутков, пак, во изминатиот период неколкупати повтори дека очекува салата да биде готова до крајот на 2027 година, со што во 2028 ќе може во неа да се одвиваат и настани од програмата „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028“.

Годинава во март изминуваат точно 11 години откако од таванот на Универзална сала падна парче додека во неа се одвиваше партиска трибина на СДСМ, поради што таа беше затворена за какви било настани додека не се реконструира. По повеќегодишни планови, проекти, подготовки реконструкцијата започна во јуни 2021 година, во мандатот на Петре Шилегов, на само неколку месеци пред локалните избори.

Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Неговата наследничка во градската фотелја Данела Арсовска набрзо ја запре изградбата тврдејќи дека има грешки во проектот. По подолг застој, откако Градот не најде начин да ја продолжи реконструкцијата, советниците во Советот на Град Скопје се согласија изградбата да ја продолжи Министерството за култура, предавајќи му ја салата во привремена надлежност.

Тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во февруари 2024 година ја продолжи реконструкцијата, но само два месеца подоцна пожар го изгоре сето дотогаш изградено и останаа само металните конструкции.

Оттогаш реконструкцијата е сосема запрена, а министерот Љутков тврдеше дека тоа е направено оти дотогаш се работело незаконски и нелегално. Потоа следуваа измени на Законот за култура, па ревизија на проектот и скенирање на постојната конструкција и конечно дојде на ред тендерот за изградба.

Иако првиот беше неуспешен, се очекува овој пат да успее, за конечно на местото на жалните остатоци на култниот објект повторно да се издигне нова Универзална сала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот