Универзална сала крунисана со нова купола, во тек е јавна набавка за изведба на втората фаза

Фото: Скриншот од видео на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска

Во тек е јавна набавка за изведба на втората фаза од реконструкцијата, затоа што како што посочи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, намерата е веднаш по завршувањето на првата фаза да почне втората и да нема прекин во обновата.

На Универзална сала, каде што од февруари продолжи реконструкцијата што беше цели две години прекината, се постави нова купола. За најновиот зафат информираше министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која потсети дека замената на куполата е во рамките на првата фаза од реконструкцијата со која се дефинира надворешниот изглед на салата.

Ја крунисавме Универзална сала со поставување нова покривна купола. Во тек е реконструкцијата на препознатливиот елемент на мултимедијалниот објект, симболот на солидарно Скопје. Со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзална сала, која ќе ја обликува надворешноста на зданието. Универзална сала има долга и значајна културна меморија за градот и државата низ чие постоење се претставувала културата низ различни форми. На публиката и на граѓаните им должиме нова, современа и автентична сала – соопшти министерката.

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Реконструкцијата на салата треба да заврши за три години, а проценетата вредност за изведба на градежните зафати и за надзорот е нешто повеќе од една милијарда денари или околу 16 милиони евра. Инвеститор е Министерството за култура, а изведувач фирмата „Универзал Балкан“, истата што пред повеќе од две години беше ангажирана за да ја обнови култната сала.

Министерството за култура веќе ги обезбеди средствата потребни за тригодишната реконструкција, колку што е рокот за изградба предвиден во договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски склучен помеѓу Министерството и Градот на 7 декември 2023 година, што значи дека обновената Универзална сала треба да ги отвори вратите за скопјани најдоцна во декември 2026 година. Од државниот буџет за зафатите на салата за 2024 година се обезбедени 120 милиони денари, а за 2025 и 2026 година по 443 818 000 денари.

Министерката во гостување на утринската програма на „Слободен печат“, посочи дека во тек е јавна набавка за изведба на втората фаза.

 Јавната набавка е во тек и за реконструкцијата и за избор на надзор, односно фирмата што ќе прави надзор врз објектот. Што значи дека и тие процедури што се тековни односно што ги презедовме и предвидовме во програмата на Министерството за култура се во тек. Веднаш по завршувањето на првата фаза, сакаме веднаш да се продолжи со втората фаза, токму затоа го направивме тоа во период кога се работи првата фаза, да ја завршиме јавната набавка со сите процедури како што треба втората фаза. За да немаме никаков прекин во работата – посочи Костадиновска Стојчевска.

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Како што е познато, реконструкцијата се изведува според проектот на „Мегарон инженеринг“. Проектантот Бујар Муча неодамна објасни дека проектот е готов во сите свои фази уште од 2021 година, а сега е на располагање на изведувачите за да се заврши првата фаза, а потоа преку тендерирање да се продолжи и со она што е техничка фаза и ентериер. Според него, сцената и просторот за публика ќе бидат комплетно модернизирани, но ќе биде намален бројот на седишта за околу 300 поради новите архитектонски прописи, но и од аспект на заштита од пожари.

Реконструкцијата на Универзална сала е „главоболка“ и за Град Скопје и за Владата

Реконструкцијата на култната сала, која ја започна поранешниот градоначалник Петре Шилегов, беше прекината откако градоначалничката функција ја презеде Данела Арсовска. Таа ја запре обновата со објаснување дека проектот не е безбеден и потоа речиси две години не ја продолжи. Минатото лето, конечно Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата реконструкцијата да ја направи Министерството за култура. Процедурите за преземање на документацијата од Град Скопје и ревизиите траеја со месеци, па конечно во февруари годинава реконструкцијата продолжи.

Во однос на забелешките од градоначалничката Данела Арсовска дека проектот е небезбеден, проектантот Муча одговори дека недостатоци на проектот во однос на безбедноста ниту имало ниту ќе има и дека проектот е двапати поминат низ сите институции што ревидираат и даваат мислење.

Како и при секоја реконструкција, се појави потреба од измена во тек на градба, се појави потреба од уште еден-два носачи, кои заедно со надзорот ги договоривме, го препроектиравме целиот тој дел околу статиката, повторно добивме позитивна ревизија и уште едно позитивно мислење од ИЗИИС – нагласи проектантот пред две месеци, кога беше најавено продолжението на реконструкцијата.

Универзална сала е затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата веќе девет години, поточно од 2015 година откако почна да паѓаат делови од таванот и се увиде дека е небезбедна и дека е неопходна целосна реконструкција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот